„Европскиот фронт“ на ДУИ се намалува. Според најавите на лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, партијата која е дел од коалицијата „Вреди“, тројца-четворица од вкупно 18 пратеници колку што доби мандати „Европскиот фронт“ на парламентарните избори, ќе се префрлат во новото мнозинство.

Во интервју за „А2 Си-ен-ен“, Меџити не откри имиња, но изјави дека во моментов има две турски партии кои се дел од коалицијата со ДУИ и „нема да можат да останат во опозиција четири години“.

„Европскиот фронт“ не се обедини на идеолошки основи, не ги обедини програмата, туку се обединија да опстанат и да бидат дел од владата. Во моментот кога не се дел од владата, мисијата пропадна и почнува распаѓањето на „Европскиот фронт“, така што можам да кажам дека веќе од тие 18 пратеници, 3-4 со едната нога се дел од новото мнозинство, рече Меџити.