Левица: Со шверцерски измени се кратат надоместоци од децата со Даунов синдром

Соопштение на политичката партија Левица

Неколку родители обелоденија дека нивните деца со Даунов синдром нема повеќе да земаат паричен додаток, откако новоформираната Служба за функционална проценка не можела да го утврди степенот на попреченост?!

Левица претходно алармираше дека измените на Законот за социјална заштита се на штета на лицата со попреченост, но оваа ненародна Влада во февруари минатата година сепак ги изгласа – и тоа во СКРАТЕНА постапка.

Вака донесените законски измени ја УКИНАА стручната служба составена од специјалисти, која што даваше наод и мислење, и истата се замени со Служба за функционална проценка – која сега ги укина надоместоците на лицата со Даунов синдром! За оваа Служба воопшто не се знае во каков состав е и каква точно надлежност има, додека досегашните стручни тимови беа составени од тројца доктори специјалисти, кои што даваа стручен наод и мислење за состојбата или дијагнозата на лицата со попреченост.

Исто така, со овие измени во законот, лицата со попреченост кај кои што е констатирана ТРАЈНА состојба (како што се лицата со Даунов синдром) се принудени за да ги остварат своите права, повторно еднаш годишно да бараат наод и мислење од институциите, иако нивната состојба е трајна со што постои опасност да бидат одбиени, како што сега тоа е случај.

Ваквите скандалозни измени го отсликуваат ЛИЦЕМЕРИЕТО на социјалдемократската влада, која наместо да ги заштити ранливите категории на граѓани – истата ја дозагрозува нивната положба во општеството.

Последно