Соопштение на политичката партија Левица
Денес – понеделник (3 јули 2023 година), Правниот сектор на Политичката партија Левица поднесе Иницијатива-претставка за оспорување на уставноста на дел од Законот за матичната евиденција (1995), кои предвидуваат внесување на националната припадност во изводите од матичните книги на родените, венчаните и умрените.
Никаде во светот личното чувство на граѓаните не се докажува со јавна исправа издадена од државен орган! Овие одредби, кои го инспирираа носењето на контроверзното Упатство за водење на матичните книги од страна на балистичкиот министер Кренар Лога – го подриваат граѓанскиот идентитет за сметка на етничкиот, што е спротивно на добрите европски практики, бидејќи ниту една држава во Европа и во цивилизираниот свет нема воспоставено ваква расистичка, шовинистичка, ксенофобична и заостаната практика.
Веродостојноста на националната/етничка припадност, по природа на нештата, е емпириски непроверлив податок – токму затоа што кај нас, како и во сиот цивилизиран свет, не е предвидена никаква претходна правна постапка за утврдување на националноста, односно етничката припадност на граѓаните, првенствено заради фактот дека станува збор за внатрешно чувство за припадност на одредена заедница.
Меѓународно-правната компаративна анализа покажува дека ваква графа е сесема непознат феномен во современите развиени општества. Попрецизно, од околу 200 држави во светот, само три држави во Африка, две во Азија и две во Латинска Америка имаат некаква си присутност на етничка, расна или верска декларација во јавна исправа – и тоа најчесто опционална, а не облигаторна! Тоа значи дека огромното мнозинство од 99% од државите во светот признати од Обединетите Нации немаат вакво нешто! Преку наложувањето задолжителна групна идентификација во личен документ издаден од јавната власт, граѓанинот станува повеќе подложен на колективно профилирање, стереотипизација, гетоизација и етничка сегрегација – кое, во време на криза, може да резултира со таргетирање, затворање, депортација, па дури и протерувања, погроми и геноцид.
ЕУ оди и чекор понатаму и изречно го забранува барањето податоци за етничко или расно потекло на личноста! Ваквиот непотребен податок за етничко потекло е изречно и стого забранет согласно членот 9 од Регулативата за генерална заштита на податоците (General Data Protection Regulation – 679/2016), која е транспонирана во нашето национално законодавство, преку Законот за заштита на личните податоци (2020).
Очекуваме и бараме од Уставниот суд на РМ, не само да поведе постапка за оценка на уставноста на законот и да ја спои со постапката за претходно оспореното министерско Упатство, туку и да донесе итна времена мерка, т.е. решение за запирање на извршувањето на акти или дејствија преземени врз основа на оспорениов закон.