Пратениците на Левица – проф. д-р Димитар Апасиев и Борислав Крмов, во Собранието на Република Македонија поднесоа Предлог-закон за изменување на Законот за нотаријат со кој предвидуваат да се избрише императивната одредба која бара адвокатски печат и потпис при составувањето на платните налози кои јавните претпријатија ги издаваат против граѓаните (за неплатени сметки за комуналии), како и бришење на одредбата за задолжително присуство на адвокат во оставинска постапка.
Со овие законски измени конечно ќе се стави крај на уиграната коруптивна шема на испумпување милионски суми јавни пари на име „адвокатски трошоци“, кои преку адвокатски канцеларии блиски на централната или локалната власт (од СДС, ДПМНЕ и ДУИ) се одлеваат од јавните претпријатија, кои се раководени од директори поставени од овие буржујски партии!
Во иднина, овие секојдневни и едноставни потрошувачки спорови ќе треба да ги застапуваат дипломираните правници со положен правосуден испит, вработени во правните сектори на претпријатијата, наместо преку нив да се перат огромни суми пари, со давање профитабилни „тезги“ на партиски адвокати блиски до власта.
Исто така, сите советници на Левица во општинските совети и во Советот на Град Скопје, координирано ќе поднесат иницијативи за воведување забрана за адвокатско застапување во спорови против потрошувачите и корисниците на јавни услуги кои ги даваат јавните комунални претпријатија.
Дополнително, со предложените законски измени се врши и усогласување на домашното законодавство со јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права (Стразбур), кој во пресудата „Китановска и Барбуловски против Република Македонија“, од 9 мај 2023 година, утврди дека задолжителното застапување од страна на адвокат претставува кршење на правата утврдени во Европската конвенција и дополнителните протоколи. – Се вели во соопштението на политичката партија Левица.