Поразителната казнена политика што ја применуваат судовите воопшто не придонесува за намалување и елиминирање на семејното насилство ниту пак води кон заштита на жртвата од повторна тортура и виктимизација. Дека се потребни системски решенија укажува и фактот дека во нашата држава мажите за 8-9 пати повеќе се јавуваат како сторители на семејно насилство во однос на жените.

Покрај тоа што судовите поведуваат мал број на постапки против сторителите на семејно насилство, тие и во најголем дел од случаите изрекуваат само условна осуда кога станува збор за сериозно кривично дело како што е телесно/физичко, психичко и родово засновано насилство.

Имено, јавно достапни информации потврдуваат дека судот донесува ослободителна пресуда во 5% од случаите на семејно насилство заради немање доволно докази!

Дури 75% од сторителите на семејно насилство се неказнети, односно добиваат условни осуди, додека само 20% од сторителите на семејно насилство се соочуваат со казна затвор. Но, и овие мал број на изречени затворски казни не се извршуваат!

Судовите, сторителот го „казнуваат“ и со неколку последователни условни осуди, и покрај тоа што жртвата со години (а во некои случаи и децении) наназад во континуитет барала помош и заштита од институциите надлежни за овој вид на насилство. Ваквите кривични дела кои се повторуваат, не ретко, прераснуваат во убиство/фемицид, за што сведочат немилите настани кои неодамна се случија во Куманово и Кочани.

Оттука, со право граѓаните се згрозени пред фактот дека судовите го штитат сторителот на семејното насилство, наместо жртвата! Дотолку повеќе што тие не преземаат ништо за да ги констатираат пропустите во системот со цел во иднина да не се повторат ваквите насилства!

Игнорантскиот однос на надлежните институциите раководени од СДС-ДУИ е целосно неприфатлив. Левица е против ваквата тенденција на судовите за неосудување на сторителите и алармира на доследно ИЗРЕКУВАЊЕ и ИЗВРШУВАЊЕ на предвидените затворски казни како исклучително важен сегмент во делот на превенција и заштита на жртвата од повторна тортура и виктимизација.