Реакција на политичката партија Левица
Два месеци пред почетокот на новата академска година, Министерството за образование сè уште нема детално објаснето како и каде студентите ќе можат да ја користат една од ретките владини мерки за поддршка на студентите.
Информациите кои МОН ги објави во својот конкурс се оскудни во однос на тоа како целиот систем кој се обидуваат да го имплементираат ќе функционира. Единствено што јавноста знае е дека 140 денари дневно треба да пристигнуваат на посебна картичка, кои студентите понатаму ќе можат да ги искористат во објектите на одредени правни лица кои продаваат приготвена храна со кои МОН ќе има склучено договор.
Ова „системско решение“ е проблематично од повеќе причини:
– Изминатите години МОН имаше проблеми со исплаќање на средства на месечна основа, создавајќи голема недоверба кај студентите дека ќе бидат во можност да исплаќаат средства на дневна основа;
– Проблематично е што средствата кои треба да пристигнуваат на картичката не се пренесуваат во наредниот ден доколку студентот не успее да ги потроши;
– Што се подразбира под „приготвена храна“ и „здрав студентски оброк“ се прашања од огромно значење на кои МОН мора да одговори, бидејќи како што условите се сега поставени , многу е веројатно студентите воопшто да не можат да ги потрошат средствата – до главниот кампус на УКИМ нема никакво правно лице што нуди „здрава храна“;
– Дали студентите ќе можат да доплаќаат со сопствени средства за продукти што ја надминуваат цената предвидена со студентската картичка?
Крајно лицемерно е функционерите кои секојдневно ги тресат коруптивни афери, кои си ја покачија својата плата за 78%, кои постојано ги злоупотребуваат „патните трошоци“, кои јадат квалитетна храна за багателни пари во собраниското и бифето на Владата, да наметнуваат толку строги услови за користење на една од ретките бенефиции кои им се достапни на студентите.
Левица предлага средствата на студентите да продолжат да пристигнуваат на нивните трансакциски сметки додека не се изнајде подобро системско решение, бидејќи ова решение единствено е начин како системски да им се укине правото на студентите за субвенциониран оброк.