Граѓаните повторно ја дочекаа зимата обвиени во токсичен воздух, а Скопје достигна и во топ 10 градови кои се најзагадени во светот. Владата на СДС во два мандати покажа тотална неспособност да се справи со овој горлив проблем, кој чини неколку илјади животи годишно!
Иако, СДС ветуваше дека до 2024 година нема да постои ниту една институција која загадува, фактот е дека над 500 јавни објекти уште користат мазут. ГАСИФИКАЦИЈАТА, како клучен сегмент за решавање на овој проблем, остана само како предизборно ветување, додека токму Владата на СДС ја укина акцизата за увоз на нафтен кокс, под притисок на силното бизнис – лоби.
Токму владата на ЗАЕВ воведе еколошка такса за возилата кои загадуваат, каде помпезно беше најавен милионскиот ЗЕЛЕН ФОНД. Тогашниот премиер Зоран Заев најави дека преку оваа такса годишно ќе се влеваат 54 милиони евра во буџетот – пари кои беа најавувани дека ќе завршат за државна помош за најсиромашните семејства.
Очигледно е дека милионите од т.н. Зелен фонд завршија во нечии приватни џебови, додека социјал-демократите повторно удрија врз грбот на најсиромашните. Наместо да воведат еколошка такса за крупните индустриски загадувачи кои увезуваат нафтен кокс, СДС повторно се стави во служба на олигархијата и дозволи непречено да загадува додека остварува милионски профит!
Токму СДС го стави во употреба загадувачот ТЕЦ Неготино, каде беше откриено дека се користи КАНЦЕРОГЕНО гориво, прикажано со лажни фактури како мазут. Во овој скандал беше инволвирана компанијата на поранешниот функционер од ДПМНЕ, Ратко Капушевски. За неказнивоста на ваквите геноцидни компании говори фактот што на компанијата уште не ѝ е одземена лиценцата. Бирократските процедури и недореченостите во регулативите доведуваат до тоа задоцнето да се откријат ваквите загадувачи.
Левица се залага за зајакнување на капацитетите на Државниот инспекторат за животна средина, како и проширување на надлежностите овој инспекторат да врши проверка уште во фаза на увозот на горивото. Оваа надлежност моментално е во рацете само на Царина и Пазарниот инспекторат, што во пракса се покажа како нефунцкионално.
Без целосна гасификација на Македонија и субвенционирање за надминување на енергетската сиромаштија, граѓаните ќе продолжат да се гушат во токсичен воздух. Токму изградбата на ХЕЦ Чебрен, како стратешки проект, е од суштинско значење за транзицијата кон обновливи извори на енергија и значително редуцирање на загадувањето. Токму заради ова, Левица е ПРОТИВ катастрофалната идеја на Владата Чебрен да се даде на приватен капитал, со што енергетската независност на Македонија целосно ќе зависи од профит-интересите на странскиот капитал. – Се вели во соопштението на политичката партија Левица