Левица: Каде исчезна Бочварски на посетата од косовскиот министер за транспорт и врски?

Реакција на политичката партија Левица

Левица јавно бара објаснување од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и премиерот Димитар Ковачевски за одлуките и најавите, по вчерашната средба помеѓу косовскиот министер за транспорт и врски и пратеникот Али Ахмети.

Во кое својство е Али Ахмети на оваа средба, кои ингеренции ги има или му се преќутно дадени? На чија покана дошол косовскиот министер за транспорт и врски во Тетово да се сретне со Ахмети?На што се должи молкот од страна на македонскиот министер за транспорт и врски Бочварски?

За кој и каков пат се работи меѓу Тетово и Призрен преку Шар Планина, која е заштитен национален парк со ендемски видови? Кои, какви и во кој состав се наводните меѓувладини екипи кои што сериозно работат на проектирање на тој пат?

Левица и претходно реагираше дека Владата ја избра НАЈСКАПАТА варијанта, како решение за трасата на долго ветуваниот автопат Тетово-Призрен.

Косовската страна своевремено излезе со проценка дека нивните трошоци за изградбата може да достигнат 150 милиони евра, но за нештата кај нас да бидат уште поматни, во Македонија властите никогаш не дадоа конкретна бројка за тоа колку ќе чини изградбата.

Наместо Бочварски да се крие од јавноста додека Ахмети држи прес-конференции во улога на министер за транспорт и врски, треба да даде одговор како, зошто, по чија препорака и во чиј интерес е донесена ваквата одлука – особено поради фактот дека Република Македонија е поврзана со Косово преку неколку патни правци, па поради тоа, инвестиции во нов автопат со дискутабилна економска исплатливост се бесмислени.

https://www.facebook.com/PartijaLevica/posts/pfbid0huaLmF6kf4x33AJ3jkpGinpkv3piCNqwQMSXVK3iyA5i9o8ejJ1UyAxzpLjjQCZGl
Последно