Соопштение на политичката партија Левица
Со поставувањето на Зуди Енузи Кока, брат на пиштолџијата Цуфи Кока, за директор на АД МЕПСО, едно од најгоелмите и најзначајни претпријатија во државна сопственост, продолжија меѓупартиските ценкања и поткусурувања меѓу ненародната предавничка влада на СДС и ДУИ од една страна и нивниот помал привезок – Алијанса на Албанците од друга. Иако Кока нема ниту еден ден искуство во енергетиката, тоа не беше проблем ненародната влада да го постави за директор на АД МЕПСО.
Поразува и фактот што АА од една страна тврди дека за разлика од ДУИ сака да понуди нова вредност, а се согласува, дури и инсистира, нејзините кадри да бидат третирани и да ги уживаат истите привилегии како и кадрите од СДС и ДУИ.
Потсетуваме дека работењето на Мепсо постојано го следат скандали. Последен во низата е одлуката да “репрограмираат” долг од 14 милиони евра на приватни бизниси, меѓу кои е и фирмата „У ПОВЕР“ ДОО експорт-импорт Скопје, во сопственост на синот на фракционерот во ДУИ Муса Џафери. Во досегашната работа на МЕПСО, ова е прв случај да се одобри репрограмирање на долг на должник, иако имало вакви барања на должници и во минатото.
Исто така, додека со Мепсо раководеше кадарот на ДУИ, Куштрим Рамадани, бевме дисциплинирани од страна на Европската мрежа на систем оператори, како држава која го нарушува европскиот систем за пренос на електрична енергија. Поради овој скандал, МЕПСО за еден месец плати 15 милиони евра поради недозволеното преземање од европската мрежа. За расипничкото трошење на парите на граѓаните во време кога струјата поскапува, повторно одговорност немаше.
Левица прашува: До кога есенцијалните општествени и државни компании ќе бидат жртва на несериозност, партиски пазарења, импровизации, непрофесионалност и криминал? До кога, наместо народни и граѓански, ќе бидат третирани како ничија сопственост или сопственост на партиите кои се на власт?
Политичката партија Левица ПОВИКУВА на итни и вонредни парламентарни избори, поради изгубениот легитимитет на оваа владина коалиција, која е главен генератор на криминалот и корупција во секоја општествена сфера на живеење и која нема никаков капацитет и стратегија да ги реши клучните проблеми кои секојдневно го уназадуваат македонското општество.