Куба и Иран ги зацврстуваат односите поради агресивните политики на САД

Куба и Иран изразија во четвртокот подготвеност за зацврстување на меѓусебните врски за да се спротистават на „агресивната политика“ на САД, беше соопштено во текот на посетата на иранскиот претседател Ебрaхим Раиси кој на карипскиот остров каде на власт е комунистичката влада ја завршува својата турнеја по Латинска Америка.

Кубанскиот претседател Мигуел Диаз-Канел, кој иранскиот колега по должност Ебрахим Раиси го прими во Дворецот на револуцијата, изрази желба сојузот со Иран да овозможи „заеднички отпор на аргесивната политика на империјата“, алудирајќи на Соединетите држави.

„Иран и Куба треба херојски и цврсто да се спротистават на санкциите, притисоците, заканите, ембаргото и рамнодушноста на империјализмот на Јенките и нивните сојузници“, изјави Диаз-Канел.

„Условите и околностите во кои се Куба и Иран имаат многу допирни точки“, изјави иранскиот претседател Раиси нагласувајќи дека во двете земји „постои подготвеност за зачувување на независноста“.

Иран и Куба се под американски санкции со децении, а карипската држава дури 70 години. Покрај тоа, американскиот Стејт департмент двете земји ги стави на листата „држави кои го поддржуваат тероризмот“.

Ебрахим Раиси, чијашто средба со кубанскиот претседател беше одложена за еден ден поради доцнењето при доаѓањето во Хавана во средата вечерта, ја завршува на Куба мини-турнејата по Латинска Америка, како што беше посочено од Техеран во „пријателските земји“.

Иранскиот претседател патувањето го започна во Венецуела во понеделникот и го продолжи во Никарагва. И овие две земји се под санкции на САД поради нивното приближување изминатите години кон Русија.

Диаз-Канел и Раиси во Хавана потпишаа договори во сферите на царините, телекомуникациите и правосудството. Раиси во четвртокот попладнето учестуваше и на економски форум на кој порача дека неговата земја е подготвена „да соработува со Куба на полето на науката и технолгиите“, во прв ред во изградбата на хидроцентрали, термоцентрали и во рударската индустрија.

Претходно во Венецуела, Раиси потпиша 25 договори во секторите на образованието, здравството и рударството. Во Никарагва, пак, го потпиша „темелниот меморандум“ кој треба да поттикне економска, трговска и научно-техничка соработика меѓу двете земји.

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан престојуваше на Куба во февруари. Последната посета на ирански претседател на Хавана беше посетата на Хасан Роухани во 2016 година.

Превземено од: https://redakcija.mk/kuba-i-iran-gi-zacvrstuvaat-vrskite-pred-agresivnite-politiki-na-sad/?fbclid=IwAR2EZ5EfKax3GFY65bcXOwpQ5KMF6bBRS0zNZvHKamBPQ2iWM7iP6OD9w5U

Последно