Во кои дејности има најмногу поднесени претставки за неисплатен регрес за годишен одмор (К-15)? Ова беше прашањето на кое побаравме одговор од Државниот инспекторат за труд. Добивме податоци за изминатите три години, односно за 2021, 2022 и последните податоци со кои располагаат за 2023 година.

Податоците за вкупно поднесените претставки во овие три години, изгледаат вака:

  • 2021 – 239
  • 2022 – 509
  • 2023 – 415

Во 2021 година, најмногу претставки или поплаки биле поднесени од вработени во Трговија на големо и мало – 45. Потоа следува Текстилната индустрија од каде што 34 вработени поднеле поплаки до ДИТ за неисплатен К-15. Дејноста Објекти за сместување и сервисни дејности со храна е на трето место по бројот на поднесени претставки, кој изнесува 22. На последните две места се Други и услужни дејности со вкупно 17 и Дејности на здравствена и социјална заштита со 14 поднесени претставки. Тука мора да се спомне дека и во дејноста Земјоделство имало исто така 14 претставки.

Листата е речиси идентична и во 2022 година. Разликата е во бројот на поднесени претставки, кој во некои дејности е зголемен, во некои намален, а и има плус една дејност кој влезе во Топ 5 каде има зголемување на поднесените претставки за неисплатен регрес за годишен одмор.

Имено, 88 од претставките биле поднесени од вработени во Трговија на големо и мало, 71 од Текстилната индустрија, 54 од Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, 50 од Други и услужни дејности и 42 од Транспорт и складирање.

Последните податоци за годината чиј што крај пополека се ближи, односно 2023, покажуваат дека бројот на претставки за неисплатен К-15 бележи намалување од бројките во 2022 година. Сепак, на прво место повторно е Трговијата, а во првите пет е и Градежништвото.

  • Трговија – 77
  • Други и услужни дејности -47
  • Градежништво – 45
  • Текстилна – 32
  • Транспорт – 29

Со оглед на тоа дека доста е висок бројот на претставки, тука може повторно да се вброи и дејноста Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, од каде според последните податоци, работниците поднеле вкупно 28 претставки.

Превземено од: rabotnik.com.mk