Слободна трговија, врзана со американскиот долар и пораменета надворешна политика со надворешната политика на САД, беа столбовите на светскиот поредок кој доминира на планетава од крајот од Втората светска војна. Речиси 80 години подоцна, глобалниот југ, новиот назив за земјите во развој, полека почнаа да ги ревидираат овие правила.
Како што ќе објасни некогашната министерка за надворешни работи на Индија, Нирупама Менон Рао, глобалниот југ сега гледа шанса да ја трасира сопствената иднина. Како пример таа го дава ширењето на дигиталните исплати од Индија за земјите во развој.
„Земјите во развој бараат контрола на сопствените ресурси, прередување на односите од колонијално доба, делумно и со инсистирање на фабрики во нивните држави. Придружувајќи им се на Намибија и Зимбабве, Гана се подготвува да забрани извоз на литиум. Индонезија забрани извоз на никел. Аргентина, Бразил, Чиле и Индонезија повеќе се отворени кон инвестиции во фабрики за батерии за електрични возила од Кина отколку од САД,“ пишува Блумберг.
Од таму потсетуваат на изјавата на индонезискиот министер за инвестиции Лухут Панџаитан, кој во мај порача „не можеме постојано да ве молиме и да ве молиме вас. Вие може сте ни гневни за тоа што тргуваме со други држави, но ние мора да преживееме.“
При посетата на Кина во април, бразилскиот претседател праша „кој е тој што одлучи дека доларот“ треба да биде семоќен. Централната банка на Тајланд размислува за намалување на поврзаноста со доларот преку воведување на други валути во своите резерви, а Африка почна да зборува за заедничка валута.
„Плус на ова е геополитичката компонента, државите веќе не избираат страна во борбата меѓу Западот и Русија, или САД и Кина. 32 држави во февруари не гласаа во ОН за резолуцијата со која се бара повлекување на Русија од Украина,“ потсетува Блумберг.
Како пример за промените кои се случуваат, Блумберг ги наведува функционерите на Бангладеш и Филипините „кои како да читаат од скрипта кога ја објаснуваат својата неутралност“, а кога во јуни ситуацијата меѓу Кина и САД стана дополнително тензична, азиските министри за одбрана на самит во Сингапур само „нагласуваа дека треба да се избегне конфликт.“
Во исто време Јужна Африка ги отфрла тврдењата на американскиот амбасадор дека ја снабдува Русија со оружје за војна против Украина. Виетнам е тивок околу Украина, затоа што Русија им е безбедносен партнер уште од Виетнамската војна, а Индија купува руска нафта и покрај американските санкции.
„Однесувањето на големите сили стана проблематично за многумина од Глобалниот југ: дебаклот со плафонот за задолжување и дополнителниот политички хаос во САД, кинеското покажување сила и брегзит во Британија. Истражување на Пју покажа дека ненаклонетоста кон Кина е на историски високо ниво, но САД не успеаа да профитираат од опаѓачката популарност на Ши Џинпинг,“ објаснуваат од Блумберг.
Ешли Телис, поранешен функционер на Стејт департментот, а моментално соработник на Карнеги, смета дека „Ши Џинпинг е подарок од Господ за капацитетите на САД за градење алијанси во Азија.“
Поранешниот американски претставник за трговија, Мајкл Фроман тврди дека САД не понудиле ни приближно привлечна алтернатива, објаснувајќи земјите во развој „не ја гледаат нашата визија за иднината,“ а како резултат на тоа глобалниот југ одлучи да создаде сопствена визија.
Превземено од: off.net.mk