Значењето на Хегеловата филозофија – втор дел [Кочо Рацин]

Пристап до првиот дел: https://lenka.mk/left_literature/znacheњeto-na-hegelovata-filozofiјa-prv-del-kocho-raczin/

Кочо Рацин – Автор на текстот

Хегеловиот филозофски идеализам претставува највисок степен во развитокот на немската класична идеалистичка филозофија. Хегеловата филозофија е круна по развитокот на онаа преродба на немскиот филозофски идеализам, којшто почна со Кант, на преку Фихте и Шелинг заврши во монументалната филозофска зграда на Хегел. Со Хегел навистина заврши блескавата епоха на филозофскиот идеализам и сите филозофски идеалисти по него само се голи интерпретатори на она што е дадено од Кант до Хегел; филозофскиот идеализам по Хегел стана излишен и своето огромно филозофско наследство му го завешта на дијалектичкиот материјализам. Обогатен сега со најгенијалната придобивка на немскиот класичен идеализам, со дијалектиката, дијалектичкиот материјализам стана и денеска важи како единствена филозофија на напредната човечка мисла и на напредните општествени сили, додека отпадоците од филозофскиот идеализам се филозофија на општествениот распад или на крајната реакција.

Немскиот класичен идеализам е продолжување, во филозофијата, на идеите што ги нафрли епохата на великата француска револуција и кои во специјалните немски услови на општествениот живот добиле специфичен вид. Кант почна со критиката на бессилноста на францускиот механички материјализам со тоа што ја оддели мислата од материјата. Додека француските материјалисти го подложија на најбеспоштедна критика сето она што не му одговараше на здравиот човечки разум, прогласувајќи го разумот само за еден составен дел од механички сфатената објективна природа, — Кант со прониклива критика на тој разум дојде до заклучокот дека природата и разумот се две изделени „ствари за себе“ и дека формите на познанието му се дадени на разумот “a priori”.

Хегел ја подложи отпрвин на сјајна критика оваа Кантова „ствар за себе“ и Кантовите форми на познанието. Хегел виде во тоа еден од недостатоците на идеализмот. Како вистински и доследен идеалист, тој сосема го укина дуализмот меѓу битието и мислењето, и на свој мистички и идеалистички начин го воспостави нивниот полн идентитет: и материјата на објективниот свет Хегел ја претвори во развоен процес на „светскиот разум“, чиишто категории вечно се движат по законите на една посебна логика. Тој просто сета вселена ја претвори во една логичка конструкција од апстрактни поими, категории, чијашто логичка формула на движењето значи движење на вселената. А што се добива кога целата вселена ќе се „одухотвори“ со формулите на логичкото движење на категориите на еден „светски разум“? Се добива „апсолутна идеја“ на логичките категории, којашто е безлична и многулична, никогаш не мирува и чијашто природа е „вечно да се движи.“ Таа е зависна и независна, се „објективизира“ во природата и општеството, по степените од дадените и допрва создаваните појави на природата и општеството, во нивните најразлични, најмногубројни и сè повеќе растежни страни и форми. Таа, најпосле, се „самоспознава“, се „наоѓа себеси“ во „субјективниот дух“, во самопознанието кај човека. Од тоа не излегува дека човек со својата логика може да го создава движењето на логичките категории на „апсолутниот дух“, туку дека човечкиот разум, како една од појавите на „светскиот разум“ субјективно го открива „објективизираниот“ „апсолутен дух“ во природата или општеството. „Духот што се спознава себеси по развитокот како дух, е наука. Таа е негова дејност и негово царство, коешто го воспоставува тој во својата сопствена сфера“, вели Хегел. Хегел никојпат не тврдел дека човечкиот субјективен „светски разум“ го создава движењето на категориите на „објективизираниот апсолутен дух“ во природата или општеството (неговата дијалектичка филозофија го признаваше приматот на надворешниот, „објективизираниот светски разум“ над самоспознатиот, „субјективниот разум“ кај чопека), туку верувал дека во неговата филозофија „апсолутниот дух“ се „самоспознал“. Така Хегел го сметал својот „систем на апсолутна филозофија“ за последен збор на мудроста. Ова е особено важно за современите неохегелијанци, што го воскреснуваат Хегел, придавајќи ги кои атрибутот на неговиот „самоспознат дух“ непогрешливите диктати ни своите „водачи“.

Нема потреба да се објаснува дека Хегел под движење на логичките категории на „светскиот разум“ во мистифицирана форма го објаснуваше движењето на стварите и појавите на објективниот свет. Со тоа Хегел ги преврти стварите на глава. Место токот на појавите на објективниот свет тој видел ток на појавите на „апсолутниот дух“. Кога ќе се апстрахира реалниот и конкретен свет, кога ќе се издели тој во празни шеми на логичките категории, и кога овие ќе се пуштаат во еден особен, од Хегел воспоставен логички ред, тогаш навистина развитокот на светот изгледа како развиток на „апсолутниот дух“. Вистина, Хегел никојпат не го идентификувал овој дух со бога, туку и бога го потчинувал нему. Причината за развитокот и движењето на категориите па „светскиот разум“ тој никогаш не ја барал надвор од нив, туку ја откривал во самите нив. Тоа ја сочинува суштината и срцевината на неговото учење. За „саморазвивањето“ на „светскиот разум“ Хегел го уведе принципот на „самодвижење“. На логиката на еден здрав разум ова никојпат не и’ влезе в глава, но затоа Хегел и го изврши своето епохално откритие, со тоа што ја надмина оваа логика. Учењето за развитокот како за „самодвижење“ и покрај тоа што Хегел под ова го сфаќаше само „самодвижењето“ на логичките категории, е најгенијалната придобивка на класичниот идеализам, којашто и ја изведе преродбата и му даде силен полет на дијалектичкиот материјализам.

Според Хегел, еволуција на вселената всушност е еволуција на логиката на „светскиот разум“. Хегел во таа логика го наоѓаше и клучот за разбирање на сите појави. Бидејќи целата вселена ја сфаќаше како применета логика на „светскиот разум“, тој затоа и и’ даде на оваа логика најголемо значење, ја издигна на степен на највисока наука, го виде во неа здобиеното целокупно знаење. И навистина, сето значење на Хегел, сета негова бесмртна актуелност, се наоѓа во неговата логика, во логиката што Хегел ја издигна до степенот на дијалектика, и која е единствен клуч за разбирање на принципот за „самокритиката“. Кој во други дела или фрагменти од тие дела, одделно од „Логиката“, го сфаќа или го присвојува Хегел, тој никојпат не го разбрал.

Како го сфатил Хегел „самодвижењето“ на „апсолутниот дух“, саморазвивањето на категориите на „светскиот разум“? — Како саморазвивање на самите поими, како логичко раздвојување на единственото, како повторно воспоставување на неговите спротивни страни, појави, особености, итн. — но не како воспоставување на старото единство, туку како нешто ново и на повисок степен подигнато. Според Хегел, една категорија, една идеја, еден поим никогаш не е само тоа што е, никојпат не е само рамна на себеси. Таа е и тоа и нешто спротивно, но не нешто спротивно „однадвор“, не како проста и мртва негова разлика, туку како негова жива спротивна страна, појава, особеност, суштина, итн., којашто и го обусловува. Самото спротивставување, борбата и слевањето на овие спротивни тенденции го создава движењето на категориите на „светскиот разум“, го обусловува „немирот“ и „саморазвивањето на апсолутниот дух“. До Хегел развитокот се сфаќаше само како просто квалитативно или квантитативно растење или смалување, движењето како просторно преместуваше под влијание на надворешна „сила“, човечкиот ум како механичка копија и како механичко дејство или на „материјата“ или на идеите, “a priori” секоја ствар, секоја категорија само тоа што е, само рамна себеси и ништо повеќе. За тогашната формална логика важеше императивот: или — или, трето нема.

Затоа таквата логика и го бараше објаснението на процесот или на движењето на природата, општеството и па самото човечко познание во една причина однадвор, го гледаше само механичкото дејство на стварите, идеите, тенденциите на општеството, природата, науката, уметноста, политиката итн. и тоа една врз друга, една по друга, но не и една од друга, не нивната раздвоеност и целокупност, туку само раздвоеноста, само идентичноста. Затоа таквата логика никојпат не можеше да го замисли „самодвижењето“, туку простото механичко движење на идентични, себеси рамни ствари и категории, под влијание на надворешна „сила“ или божество. Природата беше механички збир или на квалитативни или на квантитативни ствари. Историјата — мешаница на умни или глупави идеи. Ред и логика меѓу нив и не можеше да има, зашто материјата и духот, квантитетот и квалитетот, суштината и формата, по тоа сфаќање, се апсолутно раздвоени, идентични сами себеси или се само ствари, или само појави. Стариот материјализам со својот чисто емпирички метод никојпат не можеше да го види нивното единство, нивниот премин една во друга, па затоа неговото познавање на објективниот свет и на општеството беше ограничено, неполно, мртво. Идеализмот го отфрли објективниот свет, но неговата формална логика не можеше да го замисли единството на два спротивни поима, нивното пораѓање и настанување еден од друг. Требаше Хегел да ја „одухотвори“ материјата, нејзиното движење да го прикаже како движење на логичките категории, па да се дојде до поимот раѓање и настанување на стварите една од друга, и секое движење да се сфати како самодвижење, настанување, живот, како слевање на спротивностите. Бидејќи законите на дијалектиката се универзални, објективизираниот „дух“ во природата ги пренесува нив преку науките кај човекот кога со „самоспознава“. Човек се спознава себеси во вселената, како што вселената открива дел од себеси во човекот.

Но да се пренесе вселената, објективниот свет, една реалност што постои надвор од човекот да се пренесе во него самиот единствено со мистиката на самоспознатиот дух, а оваа реалност да биде сметана и понатаму како прост привид, како обично олицетворение на логичките категории и „идеи на апсолутниот дух“, значеше и да биде „укинат“ апсолутниот дух, да се пренесе во друга состојба, да се објасни „духот“ со појавата на материјата, а законите на дијалектиката — со законите на развитокот, настанувањето и условите за неговото познавање од страна на човекот. За идеализмот повеќе немаше место. Човек преку практичното дејство врз природата ја откриваше оваа за себе и во себе, своите мисли и своето познавање на природата како реализација на самиот себеси во неа.

Беше, значи, голема заслуга на Хегел што ги откри тие закони, со помошта на кои може да се знае „како, во кои услови и на кој начин две спротивни ствари стануваат идентични, се развиваат и меѓусебно се обусловуваат“. Тоа да го знаеме, но не веќе апстрактно, не само во чисти категории, поими, идеи, туку во поими што се одраз на една материјална реалност, што се одразени идејни слики на светот и општеството, значи да откриеме како и на кој начин можеме и мораме да станеме „субјективни“ делови на објективната стварност, реални фактори во појавите, општеството, политиката, науката, идеологијата, уметноста итн.

На тој начин, значи, сето значење на Хегел е во неговото откритие на дијалектиката и нејзиното универзално важење. Вистина, таа дијалектика кај него е обвиена со мистицизам, но со отфрлањето на ова и со нејзиното конкретизирање врз појавите од објективната реалност, се доаѓа до нејзиното вистинско и објективно важење во природата и општеството. Затоа дијалектичкиот материјализам е единствена напредна филозофија на денешнината, додека сите варијации на идеализмот потем Хегел се само идеологија на општествените слоеви што пропаѓаат.

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/racin/1939/hegel.htm

Последно