„Времето и неговата мизерија“ – Џон Зерзан [втор дел]

Времето и симболичкиот свет

[продолжува од прв дел] Според Епикур, времето е „несреќа на сите несреќи“. Меѓутоа, испитувајќи го одблизу, неговата генеза не изгледа толку мистериозна. Всушност, многумина забележале дека поимите како „минато“, „сегашност“ и „иднина“ се повеќе лингвистички отколку реални и физички. Неофројдовскиот теоретичар Лакан (Lacan), на пример, заклучува дека временското искуство во суштина е творба на јазикот. Личност без јазик веројатно би немала чувство за минување на времето. Вилсон (R.A. Wilson, 1980), допирајќи уште повеќе до сржта, сугерира дека јазикот бил инициран од потребата за изразување симболичко време. Госет (Gosseth, 1972) докажува дека системот на времиња во индоевропските јазици се развивал напоредно со свеста за универзално или апстрактно време. Дерида (Derrida, 1982) смета дека времето и јазикот имаат заеднички граници: „да се биде во едното значи да се биде во другото“. Релативно говорејќи, времето е симболичка творба која непосредно претходи на сите останати и која изискува јазик за да може да се оствари.

Пол Валери (Paul Valery, 1962) укажува на падот на човекот во времето како показател за отуѓувањето од природата; „човекот го создава времето преку еден вид на злоупотреба“, пишува Валери. Во безвременската епоха пред овој пад, која го сочинува поголемиот период од нашето постоење како луѓе, животот – како што многу пати е кажано – имал ритам, но не и прогресија. Тоа било состојба кога, како што вели Русо, душата – во отсуство на временски ограничувања – можела да „постои во целото свое битие, а времето нема никакво значење за неа“. Пред појавата на времето и цивилизацијата, референтни точки биле самите активности, најчесто оние од слободен карактер; природата ги обезбедувала неопходните сигнали независно од „времето“. Човештвото мора да било свесно за постоењето на сеќавања и цели долго пред да се направи јасна дистинкција помеѓу минатото, сегашноста и иднината (Фрејзер/Fraser – 1988). Освен тоа, како што процени лингвистот Ворф (Whorf, 1956), „претписмените [’примитивни‘] заедници воопшто не се наоѓаат на пониско рамниште на разумност; напротив, покажуваат дека човечкиот ум кај нив функционира на повисоко и покомплексно ниво на разумност отколку кај цивилизираните луѓе“.

Скриениот клуч на симболичкиот свет е времето; тоа се наоѓа во коренот на човечката симболичка активност. На тој начин времето го предизвикува првото отуѓување, застранувањето надвор од абориџинското изобилство и единство. Чарлс Симиќ (Charles Simic, 1971) вели: „надвор од едновременоста на искуството, настанувањето на јазикот ја означува појавата на линеарно време“. Истражувачите како Зохар (Zohar, 1982) сметаат дека способностите за телепатија и предзнаење биле жртвувани заради еволуција во симболичкиот свет. Ако ова звучи претерано, трезвениот позитивист Фројд (1932) телепатијата ја опиша како можното „изворнo архаично средство со кое индивидуите меѓусебно се разбирале“. Доколку перцепцијата и аперцепцијата на времето се доведат во однос со самата суштина на културниот живот (Гуревич/Gurevich, 1976), појавувањето на ова чувство за време и неговата пропратна култура претставуваат осиромашување, па дури и изобличување.

Последиците од ова натрапување на времето преку јазикот, индицираат дека јазикот не е ништо помалку невин, неутрален или ослободен од петпоставки. Времето не се наоѓа само во коренот на сите наши претстави, како што вели Кант, туку, според тоа, се наоѓа и во коренот на нашето прилагодување на квалитативно редуциран, симболички свет. Нашето искуство во овој свет се наоѓа под сепродорниот притисок да стане претстава, да биде речиси несвесно деградирано во симболи и мерки. Германскиот мистик Мејстер Екхарт (Meister Eckhart) пишува, „времето е она што ја спречува светлината да стигне до нас“.

Свесноста за времето е она што нè оспособува симболички да се справиме со околината; не постои време надвор од ова отуѓување. Токму со средствата на прогресивната симболизација времето станува натурализирано, станува универзална категорија, отстрането од сферата на свесната културна продукција. „Времето станува човечко во онаа мера во која е актуализирано во јазикот”, истакнува Рикер (Ricoeur, 1984). Симболичкиот раст во овој процес предизвикува задушување на инстинктивната желба; потиснувањето создава чувство на одвивање на времето. Непосредноста се истиснува и бидува заменета со посредувања кои ја прават историјата возможна – а на челото на тие посредувања се наоѓа јазикот.

Човекот започнува да ги согледува баналностите како „времето е несфатлива особина на дадениот свет“ (Себа/Sebba, 1991). Бројот, уметноста и религијата, тие нестварни феномени на материјализираниот живот, се јавуваат во тој „даден“ свет. Тие новонастанати обичаи, истакнува Гуревич (1964), водат кон „создавање на нови симболички содржини, на тој начин поттикнувајќи го напредувањето на времето”. Симболите, вклучувајќи го и времето, одеднаш добиваат свој сопствен живот во таа кумулативна, интерактивна прогресија. Илустративно е делото на Дејвид Брен (David Braine), The Reality of Time and the Existence of God (1988). Тој докажува дека токму реалноста на времето го докажува постоењето на Бог; совршената логика на цивилизацијата.

Сите ритуали претставуваат обид, преку симболизмот, за враќање во безвременската состојба. Ритуалот претставува гест на апстрахирање од таквата состојба. Меѓутоа, тоа е погрешен чекор, бидејќи уште повеќе води во спротивната насока. „Безвременоста“ на бројот е дел од оваа траекторија, која допринесува кон идејата за времето како непроменлив концепт. Всушност, се чини дека Блуменберг (Blumenberg, 1983) е во право кога тврди дека „времето не се мери како нешто што отсекогаш постоело; туку тоа е создадено со првиот чин на мерење“. За да го изразиме времето ние мораме, на одреден начин, да го квантифицираме; и затоа бројот е клучен. Дури и онаму каде што времето веќе се појавило, сè поотуѓениот општествен живот ја зајакнува неговата прогресивна материјализација преку бројот. Чувството за минување на времето не е силно развиено помеѓу племенските народи, кои не го означуваат со календари или часовници.

Време: изворното значење на зборот на старогрчки значи поделба. Бројот, кога ќе се придодаде на времето, ја прави поделбата или сепарацијата многу попотентна. Нецивилизираните луѓе броењето на живи суштества често го сметале за „несреќа“ и генерално се спротиставувале на прифаќањето на таквата практика (Добрицхофер/Dobrizhoffer, 1822). Интуицијата за бројот ни оддалеку не е спонтана и неизбежна , „уште во раните цивилизации“, опишува Шимел (Schimmel, 1922), „може да се почувствува дека броевите се реалност кои како да имаат магнетско поле на моќ околу нив”. Не зачудува што во цивилизациите кај кои најсилно почнува да се јавува чувството за време – Египетската, Вавилонската, Мајанската – броевите може да се видат поврзани со ритуални износи и божества; всушност, Маите и Вавилонците имале богови броеви (Бароу/Barrow, 1992).

Многу подоцна, часовникот – со своето лице од бројки – го поттикнало општеството уште повеќе да го апстрахира и квантифицира искуството за време. Секое читање на часовникот претставува мерење кое се здружува со чуварот на часовникот во однос на „текот на времето“. А ние отсутно се залажуваме дека знаеме што е времето затоа што знаеме кое време е (колку е часот). Доколку ги укинеме часовниците, нè потсетува Шалис (Shallis, 1982), објективното време исто така ќе исчезне. Уште позначајно, ако ги укинеме специјализацијата и технологијата, ќе го снема и отуѓувањето било протерано.

Математизирањето на природата е основа за раѓањето на модерниот рационализам и наука на Западот. Ова извира од побарувачката за број и мерење поврзана со сличните учења за времето, во служба на меркантилистичкиот капитализам. Континуитетот на бројот и времето како геометриски локус беа основа за Научната револуција, која ја произнесе мудрата изрека на Галилео, да се мери сè што е мерливо и да се направи мерливо сè што не е мерливо. Математички деливото време е неопходно за освојување на природата, па дури и за зачетоците на современата технологија.

Од оваа точка па натаму, симболичкото време базирано на бројот станува поразително реално, апстрактна творба „одвоена, па дури и спротивна на секое внатрешно и надворешно човечко искуство„ (Сизамоси/Syzamosi, 1986). Под неговиот притисок, парите и јазикот, стоката и информацијата стануваа значително помалку забележливи, а поделбата на трудот поекстремна.

Да се симболизира значи да се искажува свесност за времето, бидејќи симболот ја олицетворува структурата на времето (Дарби/Darby, 1982). Уште појасна е формулацијата на Мирлу (Meerloo): „Да се разбере еден симбол и неговиот развој значи да се сфати самата суштуина на човековата историја“. Спротивно на тоа е животот на нецивилизираните народи кои живееле во пространа сегашност која не можела да биде редуцирана на единствен момент на математичка сегашност. Како што непрекинатото сега се повлекувало пред сè поголемата зависност од системите на симболи (јазикот, бројот, уметноста, ритуалот, митот) одвоени од сегашноста, започнала да се развива уште една апстракција – историјата. Историското време не е ништо поинхеренто на реалноста, не помалку наметливо отколку претходните, помалку совршени облици на време.

Во еден побавен процес на синтеза, астрономското посматрање е збогатено со нови значења. Еднаш продолжено за сопствено добро, го развива средството за програмирање ритуали и координирање на активностите на комплексно општество. Со помош на ѕвездите, годината и нејзините поделби постојат како инструменти на организацискиот авторитет (Лич/Leach, 1954). Развојот на времето е основа за развојот на цивилизацијата. Календарот претставува прв симболички артефакт кој преку мерење на времето го регулирал општественото однесување. А она што се доведува во прашање не е контролата на времето туку спротивното: заробувањето од страна на времето во свет на стварно отуѓување. Некој ќе се присети дека нашиот збор доаѓа од латинскиот calends, првиот ден од месецот, денот кога треба да се подмират сметките. [продолжува]

Последно