Утопискиот социјализам [Фридрих Енгелс]

Фридрих Енгелс – автор на текстот

Современиот социјализам по својата содржина е, пред сѐ резултат на согледувањето, од една страна, на класните спротивности што владеат во денешново општество меѓу имотните и безимотните, капиталистите и наемните работници, а од друга страна, на анархијата што владее во производството. Но, по својата теоретска форма тој се појавува отпрвин како едно поразвиено и божем подоследно продолжување на принципите поставени од големите француски просветители од XVIII век. Како секоја нова теорија, тој мораше, пред сѐ да се надоврзе на затекнатиот идеен материјал, макар и колку многу неговиот корен да беше во материјалните економски факти.

Големите луѓе што ги просветуваа луѓето во Франција за револуцијата што се приближуваше и самите истапуваа крајно револуционерно. Тие не признаваа никаков надворешен авторитет, па макар и од каков вид да е тој. Религијата, сфаќањето за природата, општеството, државното уредување, сѐ беше подложено на најбеспоштедна критика; сето тоа требаше да го оправда своето постоење пред судот на разумот или да се откаже од постоењето. Разумот што мисли беше применуван како единствена мерка на сѐ. Тоа беше времето кога, како што вели Хегел, светот беше поставен на глава, прво во таа смисла што човечката глава и принципите што ги откри таа со своето мислење, полагаа право на тоа да бидат земени како основа на сите човечки постапки и општествени односи; а подоцна и во поширока смисла, што стварноста, која беше во спротивност со овие принципи всушност беше превртена ничкум. Сите дотогашни општествени и државни форми, сите традиционални претстави беа фрлени во старо железо како неразумни; сѐ дотогаш светот се раководеше исклучиво од предрасудите; сето изминато заслужуваше само сожалување и презир. Дури сега се раздени; дури сега дојде царството на разумот; и отсега суеверјето, неправдата, привилегијата и угнетувањето треба да бидат потиснати од вечната вистина, вечната правда, од еднаквоста заснована врз природата и од човековите права што не можат да бидат оттуѓени.

Ние сега знаеме дека ова царство на разумот не беше ништо друго, освен идеализираното царство на буржоазијата; дека вечната правда го најде своето остварување во буржоаското судство; дека еднаквоста се сведе на буржоаска еднаквост пред законот; дека како едно од најбитните човечки права беше прогласена — буржоаската сопственост; и дека државата на разумот, општествениот договор на Русо, се оствари и можеше да се оствари само како буржоаска демократска република. Како и сите нивни претходници, така и големите мислители на XVII век не можеа да излезат од рамките што им ги постави нивната сопствена епоха.

Но, покрај спротивноста меѓу феудалното благородништво и буржоазијата како претставник на сето останато општество, постоеше општата спротивност меѓу експлоататорите и експлоатираните, меѓу богатите безделници и работните сиромаси. Па токму таа околност им овозможи на претставниците на буржоазијата да се претставуваат не како претставници на некоја посебна класа, туку како претставници на сето намачено човештво. Уште повеќе. Од самиот нејзин постанок буржоазијата беше оптоварена со својата спротивност: капиталистите не можат да опстанат без наемните работници, и во истиот однос во кој средновековниот еснафски граѓанин се разви во современ буржуј, во истиот однос се разви и еснафскиот калфа или нееснафскиот надничар во пролетер. Иако, општо земено, буржоазијата можеше да си го земе правото да ги застапува во борбата против благородништвото истовремено и интересите на различните работни класи од она време, сепак се појавуваа, при секое големо буржоаско движење, и самостојни движења на онаа класа која повеќе или помалку беше развиен претходник на современиот пролетаријат. Така во времето на германската Реформација и Селанската војна го имаме движењето на анабаптистите и Томас Минцер; во големата Англиска револуција левелерите; во Големата француска револуција — Бабеф. Покрај овие револуционерни востанија на недоразвиената класа се јавуваа и соодветни теоретски манифестации; во XVI и XVII век утописките описи на идеалните општествени услови, во XVIII век веќе директно комунистичките теории (Морели и Мебли). Барањето на еднаквост не се ограничуваше повеќе на политичките права; тоа требаше да се прошири и на општествената положба на поединците; требаше да се премавнат не само класните привилегии, туку и самите класни разлики. Аскетскиот, спартански комунизам, што забрануваше секакво уживање во животот, беше првата форма во која се појави новото учење. Потоа следуваа тројцата големи утописти: Сен-Симон, кај кој буржоаскиот правец покрај пролетерскиот запази сѐ уште некаква важност; Фурие и Овен, кој во земјата со најразвиено капиталистичко производство, под влијание на спротивностите што ги предизвика тоа, систематски ги разви своите предлози за отстранување на класните разлики, поаѓајќи директно од францускиот материјализам.

Фридрих Енгелс и Карл Маркс

На сите тројца заедничко им е тоа што не истапуваат како претставници на интересите на пролетаријатот кој за тоа време историски се роди. Како и просветителите, тие отпрвин не сакаат да ослободат само една определена класа, туку целото човештво наеднаш. Како и просветителите, и тие сакаат да го основаат царството на разумот и вечната правда; но нивното царство се разликува од она на просветителите како ноќта од денот. И буржоаскиот свет што е уреден според начелата на тие просветители е неразумен и несправедлив, и поради тоа мора, исто така, да се отфрли како и феудализмот и сите поранешни општествени поредоци. Тоа што вистинскиот разум и справедливоста досега уште не владееле во светот, доаѓа само оттаму што досега уште не биле вистински запознаени. Го немало токму генијалниот поединец кој сега се појавил и ја спознал вистината; тоа што тој се појавил токму сега, што вистината била запознаена токму сега, не е никаков неизбежен настан кој неминовно произлегува од поврзаноста на историскиот развиток, туку е чисто среќна случајност. Тој можел, исто така, да се роди и пред 500 години и во тој случај на човештвото ќе му заштедел 500 години заблуди, борби и страдања.

Видовме дека француските филозофи од XVIII век, што ја подготвуваа револуцијата, се повикуваа на разумот како на единствен судија за сѐ што постоеше. Требаше да биде создадена разумна држава, разумно општество, а да биде безмилосно отстрането сѐ што му противречи на вечниот разум. Исто така, видовме дека овој вечен разум беше всушност само идеализираниот разум на средниот граѓанин, што токму тогаш се развиваше во буржоа. И кога Француската револуција сега го оствари ова разумно општество и оваа разумна држава, се покажа дека новите установи, колку и да беа разумни во споредба со поранешните поредоци, никако не беа апсолутно разумни. Државата на разумот претрпе потполн слом. Русоовиот општествен договор се оствари во периодот на теророт од кој буржоазијата, што ја загуби вербата во својата сопствена политичка способност, побара засолнување прво во корупцијата на Директориумот, а потоа заштита од Наполеоновиот деспотизам. Ветениот вечен мир се претвори во бескрајна освојувачка војна. Ни општеството на разумот не мина подобро. Наместо спротивноста меѓу богатиот и бедниот да се разреши во општата благосостојба, таа се заостри поради укинувањето на еснафските и други привилегии, што ја премостуваа таа спротивност, и на црковните добротворни установи, што ја ублажуваа; сега остварената „слобода на сопственоста” од феудалните окови се покажа за ситниот буржоа и за ситниот селанец како слобода да можат таа мала сопственост што беше притисната од надмоќната конкуренција на крупниот капитал и на големопоседот да им ја продаваат токму на тие големи господа, и така таа „слобода на сопственоста” се претвори за ситниот граѓанин и за ситниот селанец во слобода од сопственоста. Процутот на индустријата врз капиталистичка основа направи сиромаштијата и бедата на работните маси да биде животен услов на општеството. Плаќањето во готово, според зборовите на Карлајл, стануваше сѐ повеќе единствен сврзувачки елемент на општеството. Бројот на престапите растеше од година на година. Додека феудалните пороци, што порано без страв се вршеа сред бел ден, навистина ако не беа уништени, а тоа беа барем привремено потиснати во позадината, сега пак толку побујно расцутија буржоаските пороци на кои порано луѓето им се оддаваа само кришум. Трговијата сѐ повеќе и повеќе се претвораше во измама. „Братството” од револуционерната парола се остваруваше во малтретирањата и зависта на конкурентската борба. Наместо насилното угнетување дојде корупцијата, наместо мечот што беше главниот лост на општествената моќ дојдоа парите. Правото на првата ноќ премина од рацете на феудалните господари во рацете на буржоаските фабриканти. Проституцијата се рашири во досега нечуени размери. Самиот брак остана како и порано законски признаена форма, официјална маска на проституцијата, а покрај тоа богато се дополнуваше со браколомството. Накусо, општествените и политичките установи што ги создаде „победата на разумот”, во споредба со блескавите ветувања на просветителите, се покажаа како карикатури што горко разочаруваат. He достасуваа само уште луѓе што тоа разочарување ќе го констатираат, а тие се појавија кон почетокот на новиот век. Во 1802 година се појавија Сен-Симоновите „Женевски писма”; во 1808 година излезе првото дело на Фурие, иако основата на неговата теорија датира уште од 1799 година; на 1 јануари 1800 година Роберт Овен го презеде раководењето над Њу Ленарк.

Но, во тоа време уште беше мошне неразвиен капиталистичкиот начин на производство, a co него и спротивноста меѓу буржоазијата и пролетаријатот. Крупната индустрија која штотуку се раѓаше во Англија, во Франција уште не беше позната. А дури крупната индустрија ги развива, од една страна, конфликтите што го прават неопходен пресвртот во начинот на производството и отстранувањето на неговиот капиталистички карактер — не само конфликтите меѓу класите што ги создаде таа крупна индустрија, туку и конфликтите меѓу продуктивните сили и самите форми на размената што таа ги предизвика; од друга страна, токму во овие џиновски продуктивни сили таа ги развива и средствата за решавање на тие конфликти. Значи, ако околу 1800 година конфликтите што извираа од новиот општествен поредок беа допрва во своето настанување, тогаш тоа важи далеку повеќе за средствата со кои можеа тие конфликти да се решаваат. Ако безимотните париски маси во времето на теророт можеа за момент да ја заземат власта и со тоа буржоаската револуција, дури и против буржоазијата, да ја доведат до победа, тогаш со тоа само докажаа колку беше невозможно да опстане нивната власт во тогашните услови. Пролетаријатот, што токму тогаш се издвојуваше од овие безимотни маси како јатка на новата класа, сѐ уште беше наполно неспособен за самостојна политичка акција и се појавуваше како угнетуван, страдалнички сталеж на кој, поради неговата неспособност да си помогне самиот на себеси, можеше да му се помогне во најдобар случај однадвор или одозгора.

Енгелс и Маркс

Оваа историска ситуација влијаеше и на основачите на социјализмот. На незрелата состојба на капиталистичкото производство, на незрелите класни односи им одговараа и незрелите теории. Решението на општествените задачи, што беше уште скриено во неразвиените економски односи, требаше да биде создадено од умот! Општеството покажуваше само недостатоци, а нивното отстранување беше задача на разумот што мисли. Се работеше за тоа да се изнајде нов, посовршен систем на општественото уредување и да му се наметне на оштеството однадвор, со пропаганда, a по можност и преку експериментални огледни примери. Тие нови социјални системи беа однапред осудени да останат утопија; колку повеќе беа разработувани во детали, толку повеќе мораа да се губат во чисто фантазерство.

Кога е тоа еднаш веќе констатирано, нема да се задржуваме ниту за еден момент повеќе на оваа страна на прашањето, која сега наполно му припаѓа на минатото. На литературните ситничари можеме да им го препуштиме тоа свечено да буричкаат по тие денеска само уште смешни фантазерски замисли и да ја истакнуваат надмоќноста на нивниот сопствен трезвен начин на мислење наспроти таквите „бесмислености”. Ние повеќе им се радуваме на никулците на генијалните мисли и на самите генијални мисли што насекаде се пробиваат низ фантастичниот превез и за кои оние филистри се слепи.

Сен-Симон беше син на Големата француска револуција; кога избувна таа немаше уште ни триесет години. Револуцијата беше победа на третиот сталеж, т. е. на големата народна маса што работеше во производството и трговијата, над дотогаш привилегираните сталежи — дворјанството и свештенството. Но, победата на третиот сталеж набргу се покажа како исклучива победа на еден мал дел од овој сталеж, како грабнување на политичката власт од општествено привилегираниот дел на истиот сталеж; — имотната буржоазија. И така таа буржоазија се разви брзо уште за време на револуцијата со тоа што шпекулираше со конфискуваното земјиште на дворјанството и на црквата и што потоа го продаваше, како и со тоа што лиферантите на армијата го измамуваа народот. Токму власта на овие измамници ја доведе Франција и Револуцијата за време на Директориумот на работ на пропаста и му послужи на Наполеона како изговор за неговиот државен удар. Така во главата на Сен-Симон спротивноста меѓу третиот сталеж и привилегираните сталежи доби форма на спротивност меѓу „работниците” и „безделниците”. Безделници не беа само претставниците на старите привилегирани сталежи, туку и сите оние што живееја од ренти, без да учествуваат во производството и трговијата. А „работници” не беа само наемните работници, туку и фабрикантите, трговците и банкарите. Дека безделниците ја изгубија способноста за духовно раководство и политичката власт, беше сосема сигурно и конечно потврдено од Револуцијата. А дека безимотните ја немаа таа способност, тоа, според мислењето на Сен-Симон, го докажаа искуствата од времето на теророт. Па кој требаше тогаш да раководи и да владее? Според Сен-Симон — науката и индустријата, поврзани обете заедно со една нова религиозна врска, определена да го воспостави единството на верските погледи кое беше раскинато од Реформацијата наваму, едно нужно мистично и строго хиерархиско „ново христијанство”. Но науката — тоа беа официјалните научници, а индустријата — тоа беа во прв ред активните буржуи, фабрикантите, трговците, банкарите. Навистина, овие буржуи требаше да се преобразат во еден вид јавни службеници, општествени повереници, па сепак во однос на работниците да задржат заповедничка, а и економска повластена положба. Особено банкарите би требало да бидат тие што ќе го регулираат целокупното општествено производство со регулирањето на кредитот. Ова сфаќање сосема му одговараше на времето во кое во Франција токму допрва се раѓаше крупната индустрија, а со неа и спротивноста меѓу буржоазијата и пролетаријатот. Но тоа што Сен-Симон посебно го нагласуваше е ова: на секаде и секогаш него го интересира најмногу судбината на „најмногубројната и најбедната класа” (la classe la plus nombreuse et la plus pauvre).

Веќе во своите „Женевски писма” Сен-Симон го поставува начелото дека „сите луѓе треба да работат”. Во истата брошура тој веќе знае дека власта на теророт беше власт на безимотните маси. „Гледајте”, им довикнува тој, „што се случи со Франција во времето кога таму владееја вашите другари; предизвикаа глад”. Да се сфати француската револуција како класна борба, и тоа не само меѓу дворјанството и буржоазијата, туку меѓу дворјанството, буржоазијата и безимотните, тоа во 1802 година беше извонредно генијално откритие. Во 1816 година тој ја објаснува политиката како наука за производството и го претскажува полното растворување на политиката во економијата. Иако сфаќањето дека економската положба е основа на политичкото уредување одвај се покажува само во својот зачеток, сепак е тука јасно изречена мислата дека политичкото управување со луѓето мора да се претвори во управување со предметите и раководење со производните процеси, значи, мислата за „одумирањето на државата” за којашто во последно време со толку многу врева нашироко се расправаше. Co слична надмоќност над своите современици во 1814 година, непосредно пред влегувањето на сојузниците во Париз, и повторно во 1815 година, за време на Војната од 100 дена, тој го прокламира сојузот на Франција со Англија, а во втор ред и сојузот на двете овие земји со Германија, како единствена гаранција за успешниот развиток и мир во Европа. Во 1815 година да им се проповеда на Французите сојуз со победниците кај Ватерло, за тоа навистина требаше да се има исто толку храброст колку и историска далновидност.

Додека кај Сен-Симон откриваме генијална широчина на погледот, поради којашто кај него се содржат во зачеток речиси сите мисли на подоцнежните социјалисти, освен строго економските, кај Фурие наоѓаме една критика на постојаната општествена состојба која се одликува со вистинска француска остроумност, но која не е поради тоа помалку длабока. Фурие ја фаќа за збор буржоазијата, нејзините воодушевени пророци од пред револуцијата, како и нејзините заинтересирани подлизурки по револуцијата. Тој безмилосно ја разоткрива материјалната и моралната беда на буржоаскиот свет, ги споредува со неа исто така добро блескавите ветувања на поранешните просветители за општеството во коешто ќе владее само разумот, за цивилизацијата што сите ќе ги усреќи, за безграничната човечка способност за усовршување, како и розовите фрази на современите буржоаски идеолози; тој укажува дека на најзвучната фраза насекаде ѝ одговара најбедната стварност и го опсипува тоа безизлезно фијаско на фразата со зајадлив сарказам. Фурие не е само критичар; неговата вечно ведра природа го прави сатиричар, и тоа еден од најголемите сатиричари на сите времиња. Тој ги опишува, не само мајсторски туку и забавно, како измамничката шпекулација што процути со опаѓањето на Револуцијата, така и ситничарскиот дух на тогашната француска трговијa. Уште помајсторска е неговата критика на формите на буржоаските односи меѓу половите и на положбата на жената во буржоаското општество. Фурие прв ја изрази мислата дека степенот на еманципацијата на жената во даденото општество е природна мерка за општата еманципација. Но, големината на Фурие најдобро се гледа во неговото сфаќање на историјата на општеството. Тој го дели целиот нејзин досегашен тек на четири развојни степени: дивјаштво, варварство, патријархат и цивилизација. Под последниов го подразбира сегашното таканаречено буржоаско општество, значи, општествениот поредок што е воведен од XVI век наваму, и докажува дека „цивилизираниот поредок на секој порок што во варварството се вршел на прост начин му дава комплициран, дволичен, двосмислен, лицемерен облик”, дека цивилизацијата се движи во еден „маѓосан круг”, во противречности што таа постојано одново ги создава, без да може да ги совлада, така што секогаш го постигнува спротивното од она што сака да го постигне или се преправа дека сака да го постигне. Така, на пример, „во цивилизацијата сиромаштијата извира од самото изобилство”. Како што гледаме, Фурие ја владее дијалектиката со истото мајсторство како и неговиот современик Хегел. Исто така дијалектични, наспроти фразите за неограничената човечка способност за усовршување, тој истакнува дека секоја историска фаза има своја линија на искачување, но исто и своја линија на опаѓање, и го применува овој начин на гледање и на иднината на сето човештво. Како што Кант ја воведе во природните науки мислата за идното пропаѓање на земјата, така и Фурие ја воведува во историското набљудување мислата за идното пропаѓање на човештвото.

Карл Маркс и Фридрих Енгелс

Додека во Франција беснееше ураганот на револуцијата, во Англија беше во тек потивок, но затоа не помалку силен пресврт. Пареата и новите машински орудија ја преобразија мануфактурата во модерна крупна индустрија и со тоа ја револуционизираа сета основа на буржоаското општество. Бавниот тек на развитокот на манифактурниот период се преобрази во вистински период на бура и натисок во производството. Co cѐ поголема брзина се вршеше раслојувањето на општеството на крупни капиталисти и безимотни пролетери, меѓу кои наместо поранешниот стабилен среден сталеж сега несигурно живееше една непостојана маса од занаетчии и ситни трговци, најколебливиот дел на населението. Новиот начин на производство уште беше само во почетокот на својата линија на искачувањето; тој сѐ уште беше нормалниот, редовниот, во дадените услови единствено можниот начин на производство. Но, уште тогаш тој предизвика социјални беди, што викаа на помош: натрупување на бездомното население во најлошите населби на големите градови; укинување на сите традиционални врски со старите обичаи, со патријархалното потчинување, со семејството; прекувремена работа, особено на жените и децата, во стравотни размери; масовно деморализирање на работната класа, што ненадејно беше фрлена во сосема нови услови, од селото во градот, од земјоделството во индустријата, од стабилните во несигурни животни услови што се менуваа секој ден. А тогаш се појави еден дваесет и деветгодишен фабрикант како реформатор, човек со возвишена, детска едноставност на карактерот, а истовремено роден водач на луѓето како ретко некој друг. Роберт Овен го усвои учењето на материјалистичките просветители дека карактерот на луѓето, од една страна, е производ на вродената организација, а од друга страна, на околностите што го окружуваат човекот во неговиот живот, особено во развојниот период. Во индустриската револуција повеќето од неговите сталешки другари гледаа само мешаница и хаос, поволни за ловење во матно и за брзо збогатување. Тој согледа во неа прилика да ја примени својата сакана идеја и со тоа да внесе ред во хаосот. Тој успешно се обиде да го стори тоа во Манчестер кога беше управник на преку петстотини работници на една фабрика; од 1800 до 1829 година раководеше во истиот дух со големата предилница на памук во Њу Ленарк во Шкотска како директор и ортак, само со многу поголема слобода на дејноста и со успех што му донесе европска слава. Населбата што полека нарасна на 2.500 луѓе и што отпрвин беше составена од најразлични и во најголем дел силно деморализирани елементи, ја преобрази во една наполно примерна колонија во која пијанството, полицијата, судиите за прекршоци, судските расправи, грижите за бедните и потребата за добротворство беа непознати работи. Тој го постигна тоа сосема просто со тоа што ги постави луѓето во условите што беа подостојни за човекот, а особено грижливо го воспитуваше младото поколение. Тој е пронајдувач на детските дневни домови и прв ги воведе тука. Децата доаѓаа таму од својата втора година и толку убаво се забавуваа, што одвај можеа да ги одведат дома. Додека неговите конкуренти работеа по тринаесет до четиринаесет часа дневно, во Њу Ленарк се работеше само десет и пол часа. А кога една криза на памукот го примора претпријатието да ја запре својата работа за четири месеци, на работниците им беше исплатувана и натаму целата надница, иако не работеа. И при сето тоа претпријатието ја зголеми својата вредност за повеќе од двапати и им донесуваше на сопствениците сѐ до крајот богат приход.

Овен не беше задоволен со сето тоа. Егзистенцијата што им ја создаде на своите работници уште ни оддалеку не беше во неговите очи достојна за човекот; „луѓето беа мои робови”; релативно поволните услови во коишто ги постави луѓето беа уште далеку од тоа да им овозможат на карактерот и на разумот сестран рационален развиток, а камоли да овозможат слободна животна дејност. „Па сепак, работниот дел од овие 2.500 луѓе произведуваше исто толкаво вистинско богатство за општеството колку што можеше да произведе пред одвај половина век едно население од 600.000 луѓе. Се прашував: Што станува со разликата меѓу богатството што го потрошуваат 2.500 луѓе и богатството што би морале да го потрошат 600.000 луѓе?” Одговорот беше јасен. Таа беше употребена за тоа да им донесе на сопствениците на претпријатието пет одсто камата од вложениот капитал, а освен тоа и доход од преку 300.000 фунти стерлинзи (6.000.000 марки). А тоа што важеше за Њу Ленарк важеше, во уште поголема мера, за сите англиски фабрики. „Без ова ново богатство што го создаваа машините не ќе можеа да бидат водени војните за соборување на Наполеона и за зачувување на аристократските општествени принципи. Па сепак оваа нова сила беше дело на работната класа”[**]. Затоа нејзе треба да ѝ припаѓаат и плодовите. Новите огромни производни сили, што досега служеа само за богатење на поединците и за поробување на масите, му даваа на Овен основа за преобразување на општеството и како заедничка сопственост на сите беа наменети да работат само за општата благосостојба на сите.

На ваков, чисто деловен начин, како плод на, така да се каже, трговската претсметка, настана Овеновиот комунизам. Тој свој практичен карактер Овен го зачува до крај. Така во 1823 година тој предложи ирската беда да се премавне со изградба на комунистички колонии и за тоа приложи полна претсметка за инвестиционите трошоци, годишните издатоци и веројатните приходи. Така во неговиот конечен план за идното општество техничката разработка на деталите, — вклучувајќи го тука основниот план, цртежите и изгледот од птичја перспектива — беше спроведена со такво стручно познавање, што при претпоставка дека ќе биде прифатен Овеновиот метод на општествена реформа, малку може да се приговори на нејзините детали, дури и од стручна гледна точка.

Карл Маркс и Фридрих Енгелс

Преодот кон комунизмот беше пресвртна точка во животот на Овен. Сѐ додека се јавуваше само како филантроп, тој жниеше само богатство, одобрување, чест и слава. Тој беше најпопуларниот човек во Европа. Heгo го слушаа со одобрување не само неговите сталешки другари, туку и државниците и кнезовите. Но, кога се јави со своите комунистички теории, листот веднаш се преврти. My изгледаше дека има три големи пречки што му го затвораат патот кон општествената реформа: приватната сопственост, религијата и современата форма на бракот. Тој знаеше што го чека, ако ги нападне нив: општо прогонување од официјалното општество, губење на сета своја социјална положба. Но, ништо не можеше да го спречи безобѕирно да ги нападне, и се случи така како што предвидуваше. Исклучен од официјалното општество, игнориран од печатот, осиромашен поради неуспешните комунистички обиди во Америка на кои им го жртвува целиот свој имот, тој ѝ пристапи директно на работничката класа и paботеше во нејзината средина уште триесет години. Сите општествени движења, секаквите вистински прогреси што станаа во Англија во корист на работниците се поврзани за името на Овен. Така, во 1819 година, благодарејќи на неговите петгодишни напори, беше спроведен првиот закон за ограничување на работата на децата и на жените во фабриките. Тој претседаваше на првиот конгрес на кој тредјунионите од цела Англија се соединија во еден единствен голем синдикален сојуз. Така, како преодни мерки кон наполно комунистички уредено општество, тој воведе, од една страна, кооперативни здруженија (потрошувачки и производни задруги), кои оттогаш барем практично докажуваа дека и трговците и фабрикантот се сосема излишни личности; од друга страна, тој воведе работнички базари во кои се разменуваа изработените производи со помошта на книжни пари чија единица беше работниот час; тоа беа установи што задолжително мораа да пропаднат, но што наполно ја антиципираа многу подоцнежната Прудонова банка за размена од која се разликуваа токму со тоа што не претставуваа универзален лек за секое општествено зло, туку само прв чекор кон едно далеку порадикално преобразување на општеството.

Сфаќањата на утопистите долго време владееја во социјалистичките претстави на XIX век, а делумно владеат уште и до денеска. Нив ги исповедаа до пред сосема кусо време сите француски и англиски социјалисти, а исто така и поранешниот германски комунизам, вклучувајќи го тука и Вајтлинга. За сите нив социјализмот е израз на апсолутната вистина, на разумот и правдата, и само треба да биде откриен, па тој со својата сопствена сила ќе го освои светот; а бидејќи апсолутната вистина е независна од времето, просторот и човечкиот историски развиток, тогаш е само среќен случај кога и каде ќе биде откриена. Притоа апсолутната вистина, разумот и правдата кај секој основач на таква школа се различни; и бидејќи кај секого тој особен вид на апсолутната вистина, разумот и правдата се условени од неговиот субјективен разум, од неговите животни услови, од обемот на неговите знаења и од способноста за мислење, затоа во овој спор меѓу апсолутните вистини не е можно никакво друго решение, освен самите да ги ублажат своите заемни противречности. Од тоа не можеше да произлезе ништо друго, туку само еден вид еклектичен просечен социјализам, каков што всушност владее и денеска во главите на најголемиот дел социјалистички работници во Франција и Англија, една многу шарена смеша од наивни критички забелешки, од економски поставки и претстави на различните основачи на сектите за идното општество, смеша што се добива дотолку полесно, доколку во текот на дебатата одделните составни делови ги губат острините на определеноста како што ги губи своите острини грагорот во потокот. За да стане социјализмот наука, требаше прво да биде поставен на реална основа.

Дијалектичкиот материјализамhttps://lenka.mk/left_literature/diјalektichkiot-materiјalizam-fridrih-engels/

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1880/razvitok-socijalizam/01.htm

Последно