Социјализмот и демократијата [Карл Кауцки]

Карл Кауцки – автор на текстот

Интересите на работничката класа бараат демократија не помалку од што бараат социјализам. Работништвото може да го стекне првото побрзо отколку второто, зашто останатите работни класи, како занаетчиите и селаните, како и многу интелектуалци, се исто така заинтересирани за развојот на демократијата.

Во борбата за демократија и за своите непосредни класни интереси, за кои се потребни општествени реформи, работничката класа се подига од примитивното варварство до повисоки облици. Последиците од оваа борба создаваат поплодна почва врз која просветените работни класи, делувајќи како организирани маси, продолжуваат да ги развиваат своите способности преку средствата на слободното делување и движење, подигајќи го на тој начин до највисоко можно ниво и оспособувајќи се за успешно водење на борбата за крајните цели на социјализмот.

Лесно може да се признае дека демократските средства не се применливи во борбата против тоталитаризмот, всушност дека се невозможни, а сепак да се направи од демократијата цел на нашата борба. Многу збрка настана од фактот дека при дискутирањето околу ова прашање јасно не се дефинирани две гледишта. Некои го застапуваат гледиштето дека демократијата, бидејќи не успеа онаму каде што на власт е фашизмот, мора исто така да пропадне и онаму каде што фашизмот не дошол на власт.

Очигледно е само по себе дека ние не можеме да се бориме со оружјето на демократијата онаму каде што таквото оружје не е достапно. Некои сега ја прават дистинкцијата помеѓу демократските и револуционерните средства. Некои од нас се прикажуваат како да инсистираат на демократските средства, другите врз револуционерните средства. Вторите се карактеризираат во насока дека мислат на востание и на генерален штрајк. Но ова спротивставување на демократски и други средства не е ништо помалку погрешно од она на реформисти и револуционери. Нашата цел е социјалистичка и револуционерна. Дали ќе се бориме за неа реформистички или на револуционерен начин не зависи од нашите мисловни процеси, туку се стекнува со практично значење само ако ја гледаме нашата тактика од гледната точка на дадената состојба во државата, општеството и постојните класни односи, што не можеме да го одредиме по волја. Ова е тоа што одредува дали ќе се одлучиме за демократски или за „револуционерни“ средства за делување.

При условите што преовладуваа во земјите на континентална Европа во време на последниот век, услови што се карактеризираа со отсуство на онаа мерка на демократија што е суштинска за слободата на движење што ја бараа масите, демократите беа тие што беа револуционери, зашто тие беа оние што се бореа за демократија со револуционерни средства, бидејќи никои други средства и не беа достапни. Во тоа време концепциите на демократите и револуционерите беа идентични.

Но би било смешно, имајќи го предвид овој минат период, да се сметаме себеси обврзани да проповедаме насилно политичко соборување во земјите каде што се стекнати демократски институции.

Има луѓе кои веруваат дека дури и при демократски поредок работништвото треба да ги искористи средствата на „револуцијата“, бунтот, генералниот штрајк, зашто, според нивното мислење, таквите средства ќе водат до социјализам побрзо отколку заокружувањето гласачки ливчиња, а во крајна линија противниците на социјализмот во демократските држави ќе се потчинат само на бунтот и на генералниот штрајк.

Во отфрлањето на демократијата, тие одат толку далеку што веруваат дека едно социјалистичко малцинство може да се стекне со власт преку сила во една демократска држава. И, на крајот, тврдат дека социјалистите не можат да се надеваат дека ќе стекнат изборно мнозинство дури ни во земјите каде што работниците претставуваат најголем број сè додека противниците на социјализмот ја задржуваат контролата над економските и интелектуалните средства на моќ.

На ова ние одговараме: сигурно, моќта што им е на располагање на противниците на социјализмот, економската зависност на работниците, влијанието на печатот и крадењето на изборите може да има влијание дури и при демократија. Но, една социјалистичка партија која не е способна, без оглед на овие пречки, да ја добие поддршката на мнозинството од народот при демократија, ќе најде дека е уште поневозможно да се стекне со такво мнозинство преку употреба на вооружена сила или преку генерален штрајк. Зашто во вториот случај оружјето што им е на располагање на противниците на социјализмот ќе се покаже уште поефикасно отколку при обликот на демократска борба. Патот на силата и насилството бара уште повеќе жртви од работниците отколку патот на демократијата.

Од друга страна, употребата на сила и насилство бара поддршка на многу поголемо мнозинство од народот за социјализмот да победи. Мнозинство од 51% нема да биде доволно.

Во ситуација кога сила е спротивставена на сила, моќта што и’ е на располагање на владејачката класа има поголемо влијание отколку при демократијата. За да загосподариме со таа моќ, ќе треба да ја стекнеме поддршката на преовладувачко мнозинство од народот. Супериорноста во бројноста е единственото решавачко средство што работниците го поседуваат во секој голем решавачки судир. Сигурно, многу работници ретко не постигнале победи на барикадите или при генерален штрајк, но само кога се бореле за цели кои им биле блиски не само на работниците, туку и на широките народни маси во целина, подигнати до ентузијазам и поддршка.

Таквите цели секогаш биле демократски цели. Сепак, само ова не беше доволно за да се осигура победата при судирот на оружјето. Таквата победа бара и слабеење на поддршката што на постојниот режим му ја дава неговата војска и бирократија.

Таков беше случајот во Јулската револуција во Париз (1830), како и со бунтовите во февруари и март 1848 и, подоцна, при генералниот штрајк во Русија во 1905 и во Германија во 1920.

Сепак, и бунтот и генералниот штрајк се покажаа доста бескорисни кога ги користеше некое малцинство од народот во обид да собори не некоја морално банкротирана влада, туку влада поддржана од мнозинството од народот. Насилното соборување на влада која не само што ја поседува силата на државата, туку и поддршката од мнозинството од народот е незамисливо. И, како што веќе истакнавме, секој обид успешно да се наметнеме преку сила бара не само мнозинство, туку надмоќно мнозинство.

Уште повеќе, патот на силата бара поголеми жртви отколку патот на демократијата. Полесно е да се убеди некој да гласа социјалистички отколку да се откаже од својата работа или живот.

Поради тоа, силата не е средство преку кое работничката партија може да напредува при демократија или да постигне успеси кои не можат да бидат постигнати преку демократски средства. Демократијата е најкраткиот, најсигурниот и најмалку скапиот пат до социјализам исто како што е најдоброто средство за развитокот на политичките и општествените предуслови за социјализам. Демократијата и социјализмот се нераздвојно испреплетени.

Крупните експлоататори не се несвесни за овој факт. Оттука доаѓа нивната омраза кон демократијата и нивните обиди да ја уништат кога можат. Овие обиди добиваат на интензитет и на насилство во онаа мерка во која демократијата го унапредува растежот на работништвото. Дали има каква било причина за социјалистите да ја минимизираат вредноста на демократијата? Она што за момент може да изгледа дека е слабост на демократијата, во стварноста е слабост на работничката класа. Работничката класа што нема сила да ја брани демократијата, до она време додека односите на класните сили не се променат, сигурно дека е помалку способна да им се наметне на експлоататорите со сила. Онаму каде што демократијата е загубена, првата и најважната задача на социјалистите и на работништвото е повторно да ја стекнат.

Би било бесмислено да се тврди дека социјалдемократите се обврзани да користат демократски средства во сите околности. Таква обврска можеме да преземеме само во однос на оние што и самите користат демократски средства. На чиновите на насилство не може да им се спротивстави гласачко ливче, новинарски статии или масовни собири. Сепак, во околности кога социјалдемократите се принудени на насилството да се спротивстават со насилство тие најпрво мораат да ја стекнат поддршката на мнозинството. Ова е суштински предуслов на победата, без оглед на тоа дали употребуваат демократски или други средства. И, понатаму, никогаш не смеат да го заборават фактот дека демократијата секогаш останува најценетото средство што го поседува работништвото.

Онаму каде што не постои демократија, најнепосредната задача што стои пред работништвото и социјалдемократијата е да се воспостави политичка слобода. Доста погрешно е да се каже дека работниците прво треба економски да се еманципираат себеси и дека дури тогаш ќе биде можна „вистинската“ демократија.

Не прави разлика тоа дали ние ќе избереме или нема да избереме да го сметаме силното претставничко собрание на народот, избрано преку општо и еднакво гласачко право и придружено со слобода на печатот, говорот и здружувањето за чисто „формална“ демократија. Факт е дека без такви институции работниците не можат економски да се еманципираат себеси. Сигурно, демократските институции ќе го променат својот карактер кога општеството ќе биде организирано на социјалистичка основа. Денес тие се суштински средства на борбата за работничката класа. При социјализам тие ќе бидат само средства за слободно општествено управување. И тоа ќе претставува разликата помеѓу денешната демократија и демократијата на социјалистичкото општество. Помодните концепции за „вистинската“ и „формалната“ демократија се празни апстракции.

Некој би можел да каже дека примерот на Советска Русија ја побива мојата концепција за демократијата. Се тврди дека во Советска Русија едно пролетерско малцинство успеа да ја стекне власта преку сила, нешто што никогаш не би можело да го стекне преку демократски средства.

Оние што го нудат овој аргумент забораваат дека царизмот не беше соборен од страна на болшевичкото малцинство против мнозинството од народот. Царизмот падна поради тоа што неговото главно средство на власта – војската – беше разбиено и скршено од рацете на германскиот милитаризам и, делумно, се сврте против царот. Уште повеќе, целото руско население им се приклучи на бунтовничките групи. За жал, Русија не поседуваше класа воспитана за самоуправа. Како резултат, со земјата завладеа анархија. Сред оваа анархија болшевизмот се стекна со средствата на новата војска и бирократија.

Залудно би било да се очекува повторување на нешто слично. Државата која се роди од овие настани е дистинктивно абнормална. Продолжителното постоење на болшевичката држава во никој случај не е аргумент против демократијата во една модерна држава.

Останува уште еден аргумент против демократијата што треба да го побиеме – дека демократијата нужно подразбира слаба власт. Само употребата на екстремен притисок ќе биде доволен за да се справиме со монополистите на финансиите, индустријата и земјишниот посед, ни кажуваат.

Ова е доста точно. Капиталистичките господари во некои земји нема да ги сопре ништо за да се одржат себеси кога ќе бидат соочени со опасноста од експропријација. Но ова нужно не вклучува употреба на воена сила, регрутирање на приватна војска од капиталот.

Само во политички заостаната земја фашизмот претставува ветувачко средство за експлоататорите. Во демократските држави на Западна Европа и во англосаксонскиот свет капиталистите повеќе одбираат економски отколку воени средства, исто како што работничката класа во големите решавачки политички борби во последните неколку десетлетија повеќе се бореше со економски отколку со воени средства. Средствата со кои ќе се борат капиталистите во суштина се истите како и оние што ги употребуваат работниците: штрајк, намалување на производството. Работниците се борат преку запирање на работата; капиталистите преку запирање на оптекот на капиталот. Преку ова средство тие успеаја да ги соборат владите кои ги сметаа за непријателски кон нивните интереси.

Само влада што не стои со празноверна стравопочит пред правата на приватната сопственост може да се справи со отпорот на монополистите на капиталот. Таквата влада не смее да се колеба да го конфискува секое претпријатие што применува пасивен отпор и да работи со него во општествен интерес.

Едноставно е невозможно од гледна точка на здравата економија преку еден потег да се промени целата капиталистичка економија во социјалистичка. Ќе има многу капиталистички претпријатија кои ќе бидат нужни во тој момент да продолжат да бидат такви.

И, навистина, ќе биде во корист на социјалистичката држава да има такви претпријатија кои ќе продолжат да функционираат без попречување. Но сопствениците на овие претпријатија ќе продолжат да работат со нив само тогаш кога ќе се чувствуваат слободни од конфискација и кога ќе ги осигураме со соодветна сума на компензација оние чии претпријатија веднаш ќе бидат поопштествени.

Самата оваа извесност дека ќе дојде до компензација треба да ги стави капиталистите во позиција да се запрашаат околу воздржување од пасивен отпор, економска саботажа и попречување на новиот режим. Што се однесува до капиталистите што ќе саботираат во секоја прилика, не смееме да имаме никаква грижа на совеста во врска со заземањето на нивната сопственост во општествено неопходни средства за производство. Заканата за конфискација ќе биде најуспешното средство за да се присилат на соработка со социјалистичката влада.

Економските како и политичките обѕири ќе направат две работи неопходни: да се осигурат капиталистите што се подготвени за соработка дека нема да дојде до директна конфискација на нивната сопственост и решителноста безмилосно да се конфискува без компензации секое претпријатие што ќе биде непријателско кон новата економија и што ќе одбие да се прилагоди себеси на истата.

Но ништо не е повеќе погрешно од претпоставката дека само диктатурата може да покаже таква решителност. Навистина, никоја социјалистичка влада и особено никоја коалициона влада никогаш не била во позиција да делува со таква решителност. Но демократијата не беше она што нив ги кочеше, туку фактот дека тие не беа во можност да командуваат со обединето социјалистичко мнозинство.

Само такво мнозинство може да има не само храброст и волја, туку и сила немилосрдно да го скрши отпорот на капиталистите. Таквото мнозинство, како што веќе посочивме, сепак може да се стекне само во демократија.

Оттука, погледнато од секој аспект демократијата го олеснува и на никој начин не го забавува ослободувањето на работничката класа.

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/kaucki/1930/socijalizam_i_demokratija.htm

Последно