Производството и потрошувачката – Ерих Фром

Човекот создаде свет на вештачки работи (man-made-things) каков што никогаш порано не постоел. Тој создаде комплицирана општествена машина да управува со техничката машина која тој ја изгради. Сепак, целото ова негово творештво стои надвор и над него. Тој не се чувствува како создавач и како центар на светот, туку како слуга на чудовишен робот, кој е создаден од неговите раце. Колку се помоќни и поголеми силите кои тој ги ослободува, толку повеќе се чувствува немоќен како човечко суштество. Него го поседуваат работи кои самиот ги создал, а тој ја изгубил сопственоста над самиот себе.


Процесот на производство е исто така отуѓен како и процесот на потрошувачка. Ние стекнуваме работи првенствено со пари, навикнати сме на тоа и ги примаме без размислување. Но, ова е најчудниот начин на стекнување. Парите преставуваат труд и напор во апстрактен облик, не е неопходно тоа да биде мој труд и мој напор, бидејќи парите можам да ги стекнам со наследство, измама, среќни околности итн. Под услов да поседувам пари, не би ми бил потребен напор или интересирање за да стекнам нешто.

Ерих Фром


Но, како ги употребуваме работите откога ќе ги стекнеме? Ние дури не се ни стремиме да употребуваме многу работи. Ние ги стекнуваме за да ги имаме. Ние сме задоволни со некорисен посед. Скапоцениот сервис за ручање или кристалната вазна кои никогаш не ги употребуваме од страв да не ги скршиме, куќата со многу неупотребени соби, непотребни автомобили и слуги, како и грозни старудии се само примери на задоволство поради поседување наместо поради употреба. Јадеме леб без вкус и кој не е хранлив, бидејќи тоа и годи на нашата фантазија, а сме го изгубиле осетот за она што го јадеме. Нашите непца, нашето тело не учествуваат во актот на потрошување, што првенствено би требало да биде нивна функција. Ние пиеме етикети. Со шишето кока-кола ние ја пиеме сликата на убаво момче и девојка кои ја пијат на рекламата, ја пиеме паролата >>одмор кој освежува<<, ја пиеме големата американска навика, а најмалку пиеме со своите непца.


Ова се влошува кога станува збор за потрошувачката на работи чија целокупна стварност е воглавно фикција која ја создала некоја рекламна кампања, како што се >>здрав<< сапун или паста за заби. Потрошувачката е во основа задоволување на вештачки стимулирани фантазии, таа е чин фантазија кој е отуѓен од нашето конкретно реално суштество. Нашиот начин на потрошување неминовно води до тоа никогаш да не сме задоволни, бидејќи нашата вистинска, конкретна личност не е таа која троши вистинска конкретна ствар. Нашата тенденција за трошење ја изгубила секоја врска со реалните потреби на човекот. Потрошувачката била средство за постигнување на една цел – среќа. Но, сега таа стана цел на самата себе.

Превземено од: https://time.mk/info/m-erichfromm/fromm.10

Последно