Преобразбата на животната активност во Капитал [Фреди Перлман]

Претходниот дел: https://lenka.mk/uncategorized/fetishizmot-na-stokata-fredi-perlman/

Фреди Перлман – автор на текстот

Преобразбата на животната активност во Капитал се одвива секојдневно преку стварите, но не е извршувана од стварите. Стварите кои се производи на човековата активност се чинат како да се активни чинители, бидејќи активностите и врските се остваруваат за и преку стварите, и бидејќи активностите на луѓето не им се транспарентни на нив самите; тие го поистоветуваат посредуваниот предмет со причината.

Во капиталистичкиот процес на производство, работникот ја олицетворува или материјализира својата отуѓена животна енергија во инертен предмет преку користење на средствата кои се олицетворение на активноста на други луѓе. (Софистицираните индустриски средства ја олицетворуваат интелектуалната и мануелната активност на безбројни генерации на пронаоѓачи, усовршувачи и производители од сите страни на светот и од разни типови општества.) Средствата сами по себе се инертни предмети; тие се материјално олицетворение на животната активност, но не се живи предмети. Единствениот жив чинител во процесот на производство е живиот работник. Тој ги користи производите на туѓиот труд, така да се каже, влевајќи им живот, но тоа е неговиот сопствен живот; тој не е способен да ги воскресне поединците кои ја складирале својата животна активност во неговото средство за работа. Тоа средство може да му овозможи да произведува повеќе во определен временски период, давајќи му ја можноста да ја зголеми својата продуктивност. Но единствено живиот труд кој може да произведува може да биде продуктивен.

На пример, кога некој индустриски работник ќе вклучи електричен дребонг, тој ги користи производите на трудот од генерации физичари, пронаоѓачи, електроинженери, производители на дребонзи. Очигледно е дека тој е попродуктивен од занаетчијата кој го резба истиот предмет со рака. Но во никој случај „Капиталот“ достапен на индустрискиот работник не е „попродуктивен“ од „Капиталот“ на занаетчијата. Доколку генерации на интелектуална и мануелна работа не биле олицетворени во електричниот дребонг, доколку индустрискиот работник би требало да го измисли дребонгот, електричната енергија и електричниот дребонг, тогаш би му требале неколку животи за да сврти еден единствен предмет на електричниот дребонг, и ниедна количина на Капитал не би можела да ја зголеми неговата продуктивност над онаа на занаетчијата кој го резба предметот со рака.

Поимот „продуктивност на капиталот“ и особено деталните пресметки на таа „продуктивност“ се пронајдоци на економската „наука“, таа религија на капиталистичкиот секојдневен живот која ја користи енергијата на луѓето за обожување, восхитување и ласкање на централниот фетиш на капиталистичкото општество. Средновековните колеги на овие „научници“ правеле детални пресметки на висината и ширината на ангелите во рајот, без воопшто да се запрашаат што се тоа ангели и рај, земајќи го нивното постоење здраво за готово.

Резултатот на продадената активност на работникот е производ кој не му припаѓа нему. Овој производ е олицетворение на неговиот труд, материјализација на дел од неговиот живот, складиште на неговата животна активност, но тој не е негов; тој е исто толку отуѓен од него како и неговиот труд. Тој не одлучил самиот да го создаде, а кога ќе го создаде тој не се ослободува од него. Ако го сака, мора да го купи. Она што тој го направил не е едноставно производ со одредени корисни особини; за тоа тој немал потреба да го продава својот труд на капиталистот во замена за наемнина; можел само да ги одбере потребните материјали и достапните алатки, можел да ги обликува материјалите според своите цели ограничени од неговото знаење и умеење. (Очигледно е дека еден поединец може да го прави ова само маргинално; човековото присвојување и користење на материјалите и алатките достапни на него може да се оствари по отфрлањето на капиталистичкиот облик на активност.)

Она што работникот го произведува во капиталистички услови е производ со многу специфично својство, својството на продажност. Она што го произведува неговата отуѓена активност е стока.

Бидејќи капиталистичкото производство е стоковно производство, изјавата дека целта на процесот е задоволување на човековите потреби е погрешна; се работи за најобична рационализација и апологија. „Задоволувањето на човековите потреби“ не е целта на капиталистот или на работникот вклучен во производството, ниту пак е резултат на тој процес. Работникот го продава својот труд со цел да добие наемнина за него; тој е рамнодушен кон специфичната содржина на трудот; тој не го отуѓува својот труд на капиталистот кој не му дава наемнина во размена за него, без оглед колку многу човекови потреби задоволува тој капиталистички производ. Капиталистот купува труд и го ангажира во производство со цел да произведе стоки кои можат да се продадат. Тој е рамнодушен кон специфичните својства на производот, исто како што е рамнодушен кон потребите на луѓето; сè што го интересира околу производот е за колку може да го продаде, и сè што го интересира околу потребите на луѓето е колку тие имаат „потреба“ да купуваат и како може да бидат принудени, преку пропаганда и психолошко условување, да имаат „потреба“ за повеќе. Целта на капиталистот е да ја задоволи својата потреба за репродукција и зголемување на Капиталот, а како резултат на овој процес се јавува проширена репродукција на наемниот труд и Капиталот (кои не се „човекови потреби“).

Стоката што ја произведува работникот е разменета од страна на капиталистот за одредена сума пари; стоката е вредност која е разменета за истоветна вредност. Со други зборови, сегашниот и минатиот труд материјализиран во производот може да постои во два различни но сепак истоветни облици, во стока и пари, или она што е заедничко за двете, вредноста. Ова пак не значи дека вредноста е труд. Вредноста е општествениот облик на опредметен (материјализиран) труд во капиталистичкото општество.

Во капитализмот, општествените односи не се воспоставуваат непосредно; тие се воспоставуваат преку вредноста. Секојдневната активност не се разменува непосредно; таа се разменува во облик на вредност. Следствено, она што ѝ се случува на животната активност во капиталистичките општествени односи не може да биде воочено преку набљудување на самата активност, туку единствено преку следење на метаморфозите на вредноста.

Кога животната активност на луѓето ќе го поприми обликот на труд (отуѓена активност), таа го стекнува својството на разменливост; таа го стекнува обликот на вредност. Поинаку кажано, трудот може да биде разменет за „еднаква“ сума пари (наемнина). Намерното отуѓување на животната активност, која од страна на членовите на капиталистичкото општество е сфатена како неопходна за опстанок, го репродуцира капиталистичкиот облик внатре кој отуѓувањето е неопходно за опстанок. Поради фактот дека животната активност зема облик на вредност, производите на таа активност мора исто така да имаат облик на вредност: тие мора да бидат разменливи за пари. Ова е очигледно, бидејќи, ако производите на трудот не го попримаа обликот на вредност, туку на пример обликот на корисни предмети на располагање на општеството, тогаш тие или би останале во фабриката или би биле слободно земани од страна на членовите на општеството секогаш кога ќе се појави потреба за нив; во обата случаи, наемнината во пари што ја добиваат работниците не би имала вредност, а животната активност не би можела да биде продавана за „еднаква“ сума пари; животната активност не би можела да биде отуѓена. Следствено, штом животната активност го поприми обликот на вредност, производите на таа активност исто така го попримаат обликот на вредност, а репродукцијата на секојдневниот живот се одвива преку промените или метаморфозите на вредноста.

Капиталистот ги продава производите на трудот на пазар; ги разменува за еднаква сума пари, реализира определена вредност. Специфичната големина на оваа вредност на одреден пазар е цената на стоката. За академскиот Економист, Цената е клучот на Св. Петар од портите на Рајот. Како и самиот Капитал, Цената се движи во чудесен свет кој е целосно составен од објекти; објекти кои помеѓу себе имаат човечки односи и се живи; тие се преобразуваат едни со други, комуницираат помеѓу себе; тие се венчаат и имаат деца. И се разбира, единствено преку милоста на овие интелигентни, моќни и креативни предмети луѓето можат да бидат среќни во капиталистичкото општество.

Во живописното претставување на Економистите за тоа како стојат работите во рајот, ангелите работат сè а луѓето ништо; луѓето едноставно уживаат во она што овие надмоќни суштества го прават за нив. Но, не само што Капиталот произведува а парите работат; туку и други мистериозни суштества имаат слични доблести. Така Понудата, количеството ствари што се продава, и Побарувачката, количеството ствари што се купуваат, заедно ја определуваат Цената, количеството пари; кога Понудата и Побарувачката ќе се венчаат на одредена точка на дијаграмот, тие ја породуваат Урамнотежената цена, која соодветствува на сеопштата состојба на блаженство. Активностите на секојдневниот живот се извршуваат од ствари, а луѓето се редуцирани на ствари („фактори на производство“) во текот на нивните „продуктивни“ часови, и на пасивни посматрачи во текот на нивното „слободно време“. Доблеста на Економскиот научник се состои во неговата способност резултатот на човековите секојдневни активности да го припише на ствари, како и во неговата неспособност да ја види животната активност на луѓето под лакрдијата на стварите. За Економистот, самите ствари преку кои е регулирана активноста на луѓето во капитализмот се мајките и синовите, причините и последиците на нивната сопствена активност.

Големината на вредноста, т.е. цената на стоката, сумата на пари за која се разменува, не е определена од стварите туку од секојдневните активности на луѓето. Понудата и побарувачката, совршената и несовршената конкуренција, не се ништо повеќе од општествени облици на производи и активности во капиталистичкото општество; тие немаат свој живот. Фактот дека активноста е отуѓена, т.е. дека работното време се продава за определена сума пари, односно има определена вредност, има неколку последици врз големината на вредноста на производот на тој труд. Вредноста на продадените стоки мора да биде најмалку еднаква на вредноста на времето потрошен труд. Ова е очигледно и од гледната точка на самостојното капиталистичко претпријатие, како и од гледната точка на општеството како целина. Ако цената на продадената стока на индивидуалниот капиталист е помала од цената на трудот што тој го најмил, тогаш самите трошоци би биле поголеми од неговата заработувачка, со што тој набрзо би банкротирал. Општествено гледано, доколку вредноста на производството на работниците е помала од вредноста на нивната потрошувачка, тогаш работната сила не би можела ни самата себе да се репродуцира, а да не зборуваме за класата на капиталисти. Меѓутоа, доколку вредноста на стоките единствено е еднаква на вредноста на времето потрошен труд, произведувачите на стоки само би се репродуцирале самите себе, а нивното општество не би било капиталистичко општество; нивната активност може сè уште да се состои од производство на стоки, но тоа не би било капиталистичко производство на стоки.

За трудот да создаде Капитал, вредноста на производите на трудот мора да биде поголема од вредноста на трудот. Со други зборови, трудот мора да произведе вишок производ, количество на добра кој тој не ги конзумира, а овој вишок производ мора да биде преобразен во вишок вредност, облик на вредност кој не е присвоен од работниците во вид на наемнина, туку од капиталистите во вид на профит. Понатаму, вредноста на производите на трудот мора да биде уште повисока, бидејќи живиот труд не е единствениот вид на труд материјализиран во нив. Во процесот на производство, работниците ја трошат сопствената енергија, но исто така го користат и складираниот труд на други во вид на средства за труд и ги обликуваат материјалите на кои претходно бил потрошен труд.

Ова води кон чудниот резултат дека вредноста на производите на работникот и вредноста на неговата наемнина се различни големини, т.е. дека сумата пари добиена од капиталистот за продадената стока произведена од неговите најмени работници е различна од сумата која тој ним им ја исплаќа. Оваа разлика не може да се објасни со фактот дека треба да се плати за искористените материјали и алати. Ако вредноста на продадените стоки беше еднаква на вредноста на живиот труд и средствата, тогаш сè уште не би имало место за капиталистите. Факт е дека разликата помеѓу двете големини мора да биде доволно голема за да може да одржува класа на капиталисти – не само поединците, туку и специфичната активност што овие поединци ја извршуваат, т.е. купувањето труд. Разликата помеѓу вкупната сума на вредноста на производите и вредноста на трудот потрошен за нивно производство претставува вишок на вредност, семето на Капиталот.

За да го лоцираме потеклото на вишокот на вредност, потребно е да испитаме зошто вредноста на трудот е помала од вредноста на стоката произведена од него. Отуѓената активност на работникот со помош на средствата ги трансформира материјалите и произведува одредено количество стока. Меѓутоа, кога овие стоки ќе се продадат и кога ќе се исплатат искористените материјали и средства, работниците не ја добиваат преостанатата вредност на нивните производи како нивна плата; тие добиваат помалку. Поинаку кажано, во текот на секој работен ден, работниците изведуваат одредено количество на неплатен труд, присилен труд, за кој не добиваат надоместок.

Изведбата на овој неплатен, присилен труд, е уште еден „услов за опстанок“ во капиталистичкото општество. Меѓутоа, исто како и отуѓувањето, овој услов не е наметнат од природата, туку од колективната практика на луѓето, од нивните секојдневни активности. Пред постоењето на синдикатите, поединечниот работник ја прифаќал секоја достапна присилна работа, бидејќи одбивањето на работата значело дека други работници би ги прифатиле расположивите услови на размена, а поединечниот работник не би добил наемнина. Работниците меѓусебно се натпреварувале околу понудената наемнина на капиталистите; ако некој работник дал отказ поради премногу ниската наемнина, некој невработен работник би бил подготвен да го замени, бидејќи за невработениот работник ниската наемнина е подобра од немањето наемнина воопшто. Оваа конкуренција меѓу работниците беше наречена „слободен труд“ од капиталистите; кои направиле големи жртви за да ја одржат слободата на работниците, бидејќи токму оваа слобода е таа која го зачувува вишокот на вредност на капиталистот и му овозможува нему да акумулира Капитал. На ниту еден работник не му била цел да произведува повеќе добра од она за што е платен. Неговата цел била да добие што е можно поголема наемнина. Меѓутоа, постоењето на работници кои воопшто не добиваат наемнина, и чие сфаќање за висока наемнина, како последица на тоа, е поскромно отколку она на вработениот работник, му овозможува на капиталистот да изнајмува труд за пониска наемнина. Всушност, постоењето на невработени работници му овозможува на капиталистот да ја плаќа најниската можна наемнина за која работниците се подготвени да работат. На тој начин, резултатот на секојдневната колективна активност на работниците, секој од нив стремејќи се кон највисоката можна наемнина, е намалувањето на наемнините воопшто; ефектот од натпреварувањето на секој против секого е дека сите добиваат најниска можна наемнина, а капиталистот најголемиот можен вишок на вредност.

Секојдневната практика на сите работници ги поништува целите на секој од нив посебно. Но работниците не знаат дека состојбата во која се наоѓаат е производ на нивното секојдневно однесување; нивните сопствени активности не им се транспарентни на нив самите. На работниците им се чини дека ниските наемнини се едноставно природен дел од животот, исто како болеста и смртта, и дека опаѓачките наемнини се природна катастрофа, како поплавите или многу ладните зими. Критиката на социјалистите и анализите на Маркс, како и порастот на индустрискиот развиток, кој обезбеди повеќе време за размислување, отстрани некои од превезите и им овозможи на работниците до одреден степен да ги разберат своите активности. Меѓутоа, во Западна Европа и САД, работниците не се ослободија од капиталистичкиот облик на секојдневниот живот; тие формираа синдикати. А во поинаквите материјални услови на Советскиот Сојуз и Источна Европа, работниците (и селаните) ја заменија капиталистичката класа со државна бирократија која купува отуѓен труд и акумулира Капитал во името на Маркс.

Со синдикатите, секојдневниот живот е сличен на оној од порано, без синдикати. Всушност, скоро е истиот. Секојдневниот живот продолжува да се состои од труд, од отуѓена активност и од неплатен или присилен труд. Работникот кој е член на синдикатот повеќе не ги одредува условите на своето отуѓување; функционерите на синдикатот го прават тоа наместо него. Условите под кои активноста на работникот е отуѓена не се повеќе водени од потребата на работникот да го прифати она што е расположливо; тие сега се водени од потребата на синдикалните бирократи да ја одржуваат положбата на синдикатот како макро помеѓу продавачите на трудот и купувачите.

Со или без синдикати, вишокот на вредност не е ниту производ на природата ниту на Капиталот; тој е создаден од секојдневните активности на луѓето. Во изведбата на нивните секојдневни активности, луѓето не се само подложни на отуѓување на овие активности, туку тие исто така се подложни на репродукција на условите кои ги принудуваат да ги отуѓуваат своите активности, да го репродуцираат Капиталот и на тој начин моќта на Капиталот да купува труд. Ова не е затоа што не знаат „која е алтернативата“. Личност која страда од хронично стомачно растројство поради преголемо јадење маснотии, продолжува да јаде маснотии, но не затоа што не знае која е алтернативата. Таа или повеќе сака да страда отколку да се откаже од маснотии, или пак не ѝ е јасно дека нејзиното секојдневно конзумирање маснотии го предизвикува нејзиното патење. Ако згора на тоа, нејзиниот доктор, свештеник, учител и политичар ѝ велат, најпрво, дека маснотиите се она што ја одржуваат во живот, и второ, дека тие за неа веќе прават сè што таа би го правела доколку би била во добра состојба, тогаш не зачудува што нејзината активност не ѝ е транспарентна и дека таа не презема никаков напор да ја направи транспарентна.

Производството на вишок на вредност е услов за опстанок, не за населението, туку за капиталистичкиот систем. Вишокот на вредност е дел од вредноста на произведената стока од трудот која не се враќа на работниците. Таа може да биде изразена или во стока или во пари (исто како што Капиталот може да биде изразен во количество ствари или сума пари), но ова не го менува фактот дека е материјализација на трудот кој е содржан во одредено количество производи. Бидејќи производите можат да бидат разменети за „еднаква“ сума пари, парите „важат за“, или претставуваат, иста вредност како и производите. Парите можат, за возврат, да бидат разменети за друго количество производи со „еднаква“ вредност. Збирот на овие размени, кои се одвиваат истовремено во извршувањето на секојдневниот капиталистички живот, го претставуваат капиталистичкиот процес на оптек. Токму преку овој процес се одвива метаморфозата на вишокот на вредност во Капитал.

Делот од вредноста кој не му се враќа на трудот, т.е. вишокот на вредност, му овозможува на капиталистот да постои, но исто така му овозможува и многу повеќе од едноставно постоење. Капиталистот инвестира дел од овој вишок на вредност; тој најмува нови работници и купува нови средства за производство; тој го проширува своето владеење. Ова значи дека капиталистот акумулира нов труд, во облик на жив труд што го најмува и во облик на минат труд (платен и неплатен) кој е содржан во материјалите и машините кој ги купува.

Капиталистичката класа во целина го акумулира вишокот труд во општеството. Но овој процес се одвива на општествено ниво, што значи дека не може да се воочи доколку се посматраат единствено активностите на самостојниот капиталист. Мора да се има на ум дека купените производи од одреден капиталист во вид на средства, ги имаат истите карактеристики како и производите кои ги продава. Првиот капиталист му продава средства на вториот капиталист за одредена вредност, а само дел од оваа вредност се враќа на работниците како наемнина; останатиот дел е вишок на вредност, со која првиот капиталист купува нови средства и труд. Вториот капиталист купува средства за дадената цена, што значи дека тој плаќа за целата количина труд изразена од првиот капиталист, количината на труд која е надоместена исто како и количината потрошена бесплатно. Ова значи дека средствата акумулирани од вториот капиталист го содржат неплатениот труд потрошен за првиот. Вториот капиталист, за возврат, ги продава своите производи за одредена цена, а на работниците им враќа само дел од оваа вредност; остатокот го користи за нови средства и труд.

Доколку целиот процес беше вметнат во еден единствен временски период, и доколку сите капиталисти беа соединети во еден, ќе беше можно да се види дека вредноста со која капиталистот набавува нови средства и труд е еднаква на вредноста на производите кои тој не им ги вратил на производителите. Овој акумулиран вишок на труд е Капиталот.

Во услови на капиталистичко општество, целиот Капитал е еднаков на сумата на неплатен труд извршен од страна на генерации на човечки суштества чии животи се состојат од секојдневно отуѓување на нивната животна активност. Со други зборови, Капиталот, во чие име луѓето ги продаваат своите животни денови, е производ на продадената активност на луѓето, и се репродуцира и проширува секој ден кога некој човек продава уште еден работен ден, секој момент кога одлучува да продолжи да го живее капиталистичкиот облик на секојдневен живот.

Последниот дел: https://lenka.mk/left_literature/skladira%d1%9ae-i-akumulaczi%d1%98a-na-chovekovata-aktivnost-fredi-perlman-2/

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/perlman/1969/sekojdneven-zivot.htm

Последно