Пазар на личности [Ерих Фром, „Здраво општество“]

Каков е односот на човекот спрема себе? Човекот се доживува себеси како предмет кој треба да биде успешно искористен на пазарот. Тој не се доживува себеси како активно битие, како носител на човечките моќи. Тој е оттуѓен од овие моќи. Неговата цел е само успешно да се продаде на пазарот на личности. Неговата свест за своето „јас“ не произлегува од неговите активности на поединец кој љуби и мсили, туку од неговите општествено-економски улоги.

Ако го прашате човекот „Кој си ти?“, тој одговара „Јас сум фабрикант“, „Јас сум чиновник“, „Јас сум доктор“, или „Јас сум оженет“, „Јас сум родител на две деца“. Тоа е начинот на кој човекот се доживува себеси, не како човек кој љуби, кој чувствува страв, кој има убедувања, сомнежи, туку како апстракција која е оттуѓена од неговата вистинска природа, а која исполнува извесни функции во општествениот систем. Неговото чувство за вредност зависи од неговиот успех: од тоа дали може да се продаде себеси поволно, дали може да создаде од себе нешто повеќе од она со што започнал, дали неговиот живот е успешен.

Неговото тело, неговиот ум и душа се неговиот капитал, а неговата животна цел е тоа поволно да го инвестира, да создаде профит со помош на себеси. Човечките особини како што се пријателството, учтивоста, љубезноста, претворени се во роба, во личен инвертар кој може да се продаде по повисока цена на пазарот на личности. Ако поединецот не успее себеси поволно да се инвестира, тој чувствува дека промашил; доколку тоа му појде од рака, тој чувствува дека успеал. Јасно е дека неговата свест за сопствената вредност секогаш зависи од факторите надвор од него, од променливите процеси на пазарот, кои одлучуваат за неговата вредност на ист начин како што одлучуваат за вредноста на робата. Оттуѓената личност која се продава на пазарот на личности неминовно, во значајна мера, го губи чувството за достоинство. Тој неминовно го губи секое чувствување на своето „јас“ и себеси како единствено и неповторливо битие.

Превод: Климент Арнаудов

Последно