Сопственоста над обработливата земја е примарен извор на целокупното богатство и стана голем проблем, од чие решение зависи иднината на работничката класа.
Без намера овде да дискутирам за сите аргументи кои ги изнесуваат бранителите на приватната сопственост на земјата – правниците, филозофите и политичките економисти – ќе го утврдиме најнапред само тоа дека тие го сокриваат примитивниот факт на присвојување под плаштот на „природното право“. Ако присвојувањето претставува природно право за малкумина, мнозинството треба само да соберат доволно сила за да го остварат природното право да го вратат она што им е одземено.
Во текот на историјата освојувачите се обиделе, по пат на закони, кои самите ги создавале, да дадат некој вид на општествена потврда за нивниот изворен наслов, остварен со брутална сила.
На крајот доаѓа филозофот, кој изјавува дека во тие закони е содржана и е изразена општата согласност на човештвото. Кога приватната сопственост над земјата навистина би се засновала врз таква општа согласност, тоа би застарело од оној час кога мнозинството на општеството повеќе нема да го признаваат.
Меѓутоа, оставајќи ги настрана таканаречените „права“ на сопственост, тврдам дека стопанскиот развиток на општеството, порастот и концентрацијата на луѓето, потребата од примена на колективен и организиран труд во земјоделството како и машинерија и слични средства, доведува до тоа национализацијата на земјата да стане „општествена нужност“, против која нема да има потреба од какви било разговори околу правата на сопственост. Императивните потреби на општеството мора да бидат и ќе бидат задоволени, промените што ги диктира општествената нужност ќе си го отворат патот и порано или подоцна ќе ги прилагодат законите на своите интереси.
Тоа што ние бараме е секојдневно зголемување на производството, со кое потребите не може да се задоволат, ако се дозволи неколку поединци да го регулираат според своите каприци и приватни интереси или незнаечки да ја исцрпуваат силата на обработливата земја. Сите модерни методи, како наводнувањето, дренажата, механизацијата, хемиските средства итн., треба конечно да бидат воведени во земјоделството. Но, научното познавање, кое го поседуваме, и земјоделските техничките средства, кои ги управуваме, како што се машините и сл., никогаш нема да можат успешно да се применат ако земјата не биде обработувана во големи размери.
Обработувањето во големи размери, дури и во сегашниот капиталистички облик, кој го деградира самиот производител на ниво на обична стока за влечење, мора да покаже резултати, кои ќе бидат значајно над малите и распарчени обработувања; нема ли тоа да му даде растечки импулс на производството, ако се примени во национални размери?
Постојаното зголемување на потребите на луѓето од една страна, сè поголемиот пораст на цените на земјоделските производи од друга страна, даваат несоборлив доказ дека национализацијата на земјата станала „општествена нужност“.
Таквото намалување на земјоделското производство, кое произлегува од поединечна злоупотреба, престанува да биде возможно од оној час кога обработката почнува да се извршува под контрола и во корист на нацијата.
Сите граѓани што ги чув денеска во текот на дебатата, во врска со ова прашање, ја бранеа национализацијата на земјата, но имаа различни погледи околу тоа.
На Франција често се укажуваше, но со нејзиното селско сопствеништво таа и понатаму е подалеку од национализацијата на земјиштето отколку Англија со нејзиното големо земјопоседништво. Во Франција, навистина, земјата е достапна на секој кој може да ја купи, но токму таа можност доведе до поделба на земјата на мали парцели, обработувани од луѓе со слаби средства и воглавно препуштени на средства за физичко работење на самите нив и нивните фамилии. Тој облик на земјишно сопствеништво и таа раситнетост на обработката условена со неа не само што ја исклучува целокупната примена на модерно и напредно земјоделие, туку заедно со тоа и го менува самиот обработувач во најодлучен непријател на целокупниот општествен прогрес и, покрај сè, на национализацијата на земјиштето. Прикован за земјата на која треба да ја потроши сета своја животна енергија, за да добие за возврат многу малку, обврзан поголемиот дел од своите производи да и’ ги дава на државата во вид на данок, на судот во вид на судски давачки, па на зеленашите во вид на камата, потполно е неупатен во општествените движења надвор од своето мало подрачје на дејствување; тој сè уште манијачки се лепи со приврзаноста за парченцето земја и само неговото номинално сопствеништво над него. Така францускиот селанец е фрлен во најфатален антагонизам кон индустриската работничка класа.
Бидејќи селското сопствеништво е најголема кочница на национализацијата на земјата, Франција, во сегашната состојба, сигурно не е местото каде треба да го бараме решението на овој голем проблем.
Национализацијата на земјата и давање во закуп помали делови на поединци или работни задруги, би довело, при власт на средната класа, само до безобѕирна конкуренција меѓу нив и според тоа би предизвикало одреден пораст на „рентата“ и така би дало можност на присвојувачите да живеат на сметка на производителите.
На конгресот на Интернационалата во Брисел, во 1868, еден од моите пријатели рече:
„Ситното приватно сопствеништво е осудено на пропаст со науката, а крупното со правдата. Останува само една алтернатива. Земјата мора да стане сопствеништво на земјоделските задруги или на целата нација. Тоа прашање ќе го реши иднината.“
Јас, напротив, велам: Иднината ќе одлучи дека земјата може да биде само национално сопствеништво. Да се предаде земјата на здружените земјоделски работници би значело да се предаде општеството на една посебна класа производители.
Национализацијата на земјата ќе донесе со себе потполна промена на односите меѓу трудот и капиталот и конечно ќе се отфрли целокупното капиталистичко производство, како и во индустријата, така и во земјоделието. Дури тогаш ќе исчезнат класните разлики и привилегии, заедно со економската основа од која што поникнале. Животот од туѓ труд ќе стане минато! Тогаш нема да има повеќе ни влада, ни држава, различни од самото општество! Земјоделието, рударството, индустријата, со еден збор сите гранки на производството постепено ќе се организираат на најсоодветниот начин. Националната централизација на средствата за производство ќе стане природна основа на општеството сочинето од асоцијации на слободни и рамноправни производители, кои ќе се грижат за општествените работи врз основа на заеднички и рационален план. Тоа е хуманитарната цел кон која се стреми големото економско движење на 19 век.
Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1872/nacionalizacija.htm