Документацијата за смртта на Ленин до ден-денес делумно се чува во тајност, а самиот настан е опкружен со мноштво измислици и легенди. Овде ќе наброиме само проверени факти.
1. Чувствувал хроничен замор
Во јули 1921 година Ленин му напишал на Максим Горки: „Толку сум уморен што не можам да направам ништо“. Освен тоа, често присуствувал и на 40 состаноци и одбори во еден ден и примал десетици луѓе. „Од седниците на Советот на народни комесари (Совнарком)“, се сеќава неговата сестра Марија Уљанова, „Владимир Илич доаѓаше навечер, точно во 2 часот по полноќ, целосно исцрпен, блед, понекогаш не можеше ни да зборува ни да јаде. Само ќе си сипеше чаша топло млеко и ќе го пиеше шетајќи низ кујната каде што обично вечеравме“.
Во март 1922 година професорот Ливериј Даркшевич го прегледал Ленин и забележал „многу исклучително тешки неврастенички манифестации кои го спречуваа да работи исто како порано“, и „извесен број опсесии кои со својата појава многу го плашеа пациентот“. „Сигурно нема да премине во лудило?“, го прашал Ленин професорот.
2. Првиот мозочен удар се случил по интервенцијата за отстранување на куршум
Во април 1922 година Ленин толку се разболел што лекарите се посомневале на последици од труење од оловните куршуми кои останале во неговото тело по обидот за атентат на Фани Каплан на 30 август 1918 година. Како што пишува хирургот, академик Јуриј Лопухин, „тој заклучок беше многу спорен и сомнителен, ако се земе предвид дека поминаа веќе четири години од атентатот и ткивото околу куршумите веќе се стврдна, па, како што смета професорот Владимир Розанов, од нивното вадење би имало повеќе штета отколку корист“.
На 23 април 1922 година германскиот хирург Борхарт отстранил куршум од телото на Ленин, а веќе на 27 април Ленин присуствувал на седница на Политбирото. Активната работа ја продолжил уште еден месец, сé до 25 мај кога на имотот Горки го доживеал првиот мозочен удар. После тоа зборувал отежнато, понекогаш не можел да чита и пишува и имал лоша контрола над десната рака.
Големиот конзилиум од лекари на Ленин се состанал на 29 мај (меѓу нив биле познатиот невролог Григориј Росолимо и народниот комесар за јавно здравје Николај Семашко). Тие признале дека болеста им е нејасна. Претпоставувале дека се работи за склероза на мозочните артерии, но им било чудно што интелектуалните способности на Ленин биле целосно зачувани и дека доаѓало до привремени подобрувања во неговата состојба.
3. Ленин го молел Сталин да му даде отров
На 30 мај, веднаш по седницата на конзилиумот, Ленин го замоли Сталин да дојде во Горки. Како што пишува Јуриј Лопухин, „познавајќи го цврстиот карактер на Сталин, Ленин му се обрати со молба да му донесе отров за да на тој начин ги прекине мачењата“. Меѓутоа, Сталин успеал да го убеди Владимир Илич да започне со лекување. Здравствената состојба на Ленин почнала да се подобрува летото 1922 година, а на 16 јуни му било дозволено да стане од кревет. Според зборовите на медицинската сестра Петрашева, „водачот дури почна и да танцува со мене“. А сепак, патолошките последици се појавувале во текот на целото лето. Ленин понекогаш губел рамнотежа, а на 4 август, по инјекцијата арсен со која бил лекувал, доживеал спазам со губење на говорот.
4. Состојбата се влошила веднаш штом Ленин се вратил на работа
По неполни пет месеци од мозочниот удар, на 2 октомври 1922 година, Ленин се вратил во Москва. Професорите сметале дека тој целосно оздравел, а и тој самиот кажувал: „Физички се чувствувам добро, но веќе ја немам онаа старата бистрина на умот. Кажано со јазикот на стручњаците, ја изгубив способноста за работа на прилично долг период“.
Во октомври и ноември Ленин учествувал повеќе пати на седниците на Советот на народни комесари и држел говори на конференции и конгреси. Кога на 7 декември почувствувал целосна физичка исцрпеност, отишол во Горки, но веќе на 12 декември се вратил во Москва. Тогаш имал неколку напади и уште еден мозочен удар на 16 декември, по што целата десна страна од телото му останала парализирана.
На 24 декември 1922 година Сталин свикал состанок на кој присуствувале водачите на СССР Лео Каменев и Николај Бухарин, како и лекарите на Ленин. Било решено Ленин да се изолира од вестите за политичките настани „за да не му се даде повод за размислување и грижа“. Исто така, му биле забранети и посети.
И покрај сè, Ленин продолжил да диктира белешки и писма до 9 март 1923 година, кога го доживеал третиот мозочен удар. Повторно ја изгубил способноста за говор и повеќе не се вратил на работа после тоа. Летото 1923 година, со помош на Надежда Крупскаја, тој морал повторно да научи да оди, да зема предмети и да изговара зборови. Крупскаја пишува: „Сега оди многу (со нечија помош), но и самостојно, се симнува и качува по скалите држејќи се за гелендерите. […] Многу е расположен и сега веќе сфаќа дека почнало заздравувањето“. Последен пат Ленин бил во Москва на 18-19 октомври, а потоа цело време престојувал на имотот Горки.
5. Околностите на смртта и по 100 години сé уште се чуваат во тајност
21-23 јануари 1924. 1924. Телото на Ленин по смртта, имотот „Горки“, Московска губернија, СССР.TASS
Владимир Илич Ленин починал на својот имот во близина на Москва на 21 јануари 1924 година во 18:50 часот, кога имал 53 години. Обдукцијата била извршена следниот ден во 11 часот. Тоа е и најважниот детаљ на смртта на Ленин, бидејќи се поставува прашањето зошто телото на основачот на СССР не било доставено во Москва, каде што најдобрите медицински институти ги имале сите услови за обдукција, туку таа била извршена во бањата на имотот Горки?
Постојат две верзии за главната причина за смртта на Ленин. Едната е атеросклероза на крвните садови на мозокот, а другата е сифилис. Денес, сто години по неговата смрт, не постои консензус за ова прашање. Академик Јуриј Лопухин претпоставува дека вистинската причина за болеста и смртта на Ленин е слаб доток на крв во мозокот, што е последица од ранувањето во 1918 година.
Значителен дел од документацијата за болеста и смртта на Ленин се чува во тајност на барање на неговата внука од брат Олга Дмитриевна Уљјанова (1922-2011), а рокот на ознака на тајност истекува во 2024 година.
Преземено од: https://mk.rbth.com/istorija/90518-kako-umrel-lenin