НАТО: империјален питбул (прв дел)

Едвард С. Херман – Автор на текстот

Едно од најлажливите клишеа на западните описи на историјата по Втората светска војна е дека НАТО беше создаден како одбранбен аранжман за да се блокира заканата од советски напад врз Западна Европа. Ова не е точно. Точно е дека западната пропаганда ја преувеличи советската закана, но многу клучни американски и западноевропски државници разбираа дека советската инвазија не е вистинска закана. Советскиот Сојуз беше разрушен и иако поседуваше голема војска, беше исцрпен и му требаше време за да закрепне. На САД добро му одеше, војната ја ревитализира неговата економија, не претрпе никаква воена штета и имаше атомска бомба во својот арсенал, што му ја покажа на Советскиот Сојуз, убивајќи четврт милион јапонски цивили во Хирошима и Нагасаки. Нападот врз Советскиот Сојуз пред да закрепне или да стекне атомско оружје се дискутираше во Вашингтон, иако беше отфрлен во корист на „задржувањето“, економското војување и другите облици на дестабилизација. Документот на Советот за национална безбедност број 68, од април 1950 година, истовремено омаложувајќи ја големата советска закана, изречно повикува на програма за дестабилизација насочена кон промена на власта во таа земја, а што конечно беше остварено во 1991 година.

Џон Фостер Далс

Така, дури и тврдо-линијашот Џон Фостер Далс изјави уште во 1949 година: „Јас не знам ниту едно одговорно високо службено лице, воено или цивилно… во оваа влада или во која било друга влада, што верува дека советите сега планираат освојување преку отворена воена агресија.“ Но, забележете го речникот на Далс – „отворена воена агресија“. „Заканата“ повеќе беше од видот на можна советска поддршка за левичарските политички групи и партии во Западна Европа. Сенаторот Артур Ванденберг, главен сподвижник на НАТО, отворено изјави дека функцијата на НАТО-вата воена структура ќе биде „главно од практичната причина да се обезбеди соодветна одбрана од внатрешната субверзија“. Многу поголемата поддршка на десничарските сили од страна на САД не беше, се разбира, помош за внатрешната субверзија и закана за демократијата; само можната советска помош за левицата спаѓа во таа категорија. (Потсетете се на тврдењето на Адлај Стивенсон во доцните 1960-ти дека отпорот во Јужен Виетнам од страна на домашните сили непријателски расположени кон режимот на малцинството наметнат од САД беше „внатрешна агресија“).

Не-германските западноевропски елити повеќе беа загрижени поради германската преродба и германската закана и, како американските службени лица, повеќе се грижеа да ја потиснат моќта на левицата во Европа отколку која било советска воена закана – и САД ги притискаше Европјаните да ги зајакнат своите воени сили и да купуваат оружје од американските снабдувачи! Иако намерно преувеличена па дури и измислена, советската воена закана сѐ уште беше многу корисна за да се дискредитира левицата, врзувајќи ја со Сталин и болшевизмот и наводната советска инвазија и митската програма за освојување на светот.

Варшавски пакт

Всушност, Варшавскиот пакт беше далеку повеќеодбранбен аранжман од НАТО; нејзиното создавање следеше по создавањето на НАТО и јасно беше одговор, а покрај тоа беше и структура на послабата страна и со членки врз кои можеше помалку да се потпре. И на крајот, тој пропадна, додека НАТО беше важен во долготрајниот процес на дестабилизирање и разградување на советскиот режим. Меѓу другото, вооружувањето и силата на НАТО беа дел од американската стратегија да се принудат советите да трошат ресурси на вооружување наместо да обезбедуваат средства за благосостојба, среќа и лојалност на своето население. Тоа исто така ја охрабри репресијата, создавајќи вистинска безбедносна закана, која, повторно, ѝ наштетуваше на народната поддршка и на угледот на државата во странство. Во текот на овој ран период, советските лидери доста се трудеа да договорат некој вид мировен договор со Западот, што вклучуваше и откажување од Источна Германија, но САД и, следствено, неговите европски сојузници-клиенти тоа не го сакаа.

Како што веќе беше кажано, според американското официјално гледиште и, следствено, според она на естаблишментските медиуми, само советската интервенција во Западна Европа по Втората светска војна беше лоша работа и се закануваше со „внатрешна субверзија“. Но, во не-орвелијанскиот свет ќе се препознае дека САД далеку го надмина Советскиот Сојуз во поддршката не само на „внатрешната субверзија“, туку и на вистинскиот тероризам во годините по 1945-та. Левицата доби сила по Втората светска војна преку фактичка борба против Нацистичка Германија и Фашистичка Италија. САД се бореше против подоцнежните обиди на левицата за политичко учество и власт со сите средства, вклучувајќи го и директното војување во Грција и масивното финансирање на анти-левичарските партии и политичари ширум Европа. Во Грција, ја поддржуваше крајната десница, вклучително и многу поранешни соработници со фашизмот и успеа да воспостави грозен десничарски авторитарен режим. Продолжи да ја поддржува фашистичка Шпанија и ја прифати фашистичка Португалија за основачки член на НАТО, при што оружјето на НАТО му помагаше на Португалија да ги води своите колонијални војни. А САД, доминантната сила на НАТО, поддржуваше десничарски политичари и поранешни нацисти и фашисти насекаде, истовремено, се разбира, тврдејќи дека е про-демократски и дека се бори против тоталитаризмот.

Можеби најинтересна беше американската и НАТО поддршката за паравоените групи и тероризмот. Во Италија, тие беа поврзани со државата и десничарските политички фракции, тајни здруженија (Пропаганда Дуе (П-2)) и паравоените групи кои, со полициска соработка, работеа на она што се нарекуваше „стратегија на тензија“, во која се спроведе серија терористички акции за кои беше обвинета левицата. Најпознатата акција беше поставувањето бомба на железничката станица во Болоња во август 1980 година, во кои беа убиени 86 лица. Обучувањето и интегрирањето во полициско-ЦИА-НАТО операции на поранешните фашисти и фашистички соработници беше на исклучително ниво во Италија, а вообичаено на другите места во Европа (за италијанската сторија види Herman and Brodhead, “The Italian Context: The Fascist Tradition and the Postwar Rehabilitation of the Right,” во Rise and Fall of the Bulgarian Connection [New York: Sheridan Square, 1986]. За Германија, види William Blum, on “Germany 1950s,” во Killing Hope [Common Courage: 1995]).

Лого на „операција Гладио“

НАТО исто така беше поврзан со „операцијата Гладио“, програма организирана од ЦИА, со соработка на владите на НАТО и безбедносните структури, која во повеќе европски држави воспостави тајни кадри и складира оружје, наводно подготвувајќи се за заканата од советската инвазија, но фактички подготвувајќи се за „внатрешна субверзија“ и на располагање за поддршка на десничарските државни удари. Тие беа употребени во редица прилики од десничарските паравоени групи за спроведување на терористички операции (вклучувајќи го поставувајќи бомба во Болоња и многуте терористички инциденти спроведени во Белгија и Германија).

Гладио и плановите на НАТО исто така беа употребени за борба против „внатрешната закана“ во Грција во 1967 година: имено, демократскиот избор на една либерална влада. Како одговор на тоа, грчката војска го употреби „Планот Прометеј“ на НАТО, заменувајќи го демократскиот поредок со воена диктатура склона кон измачувања. Ниту НАТО ниту Џонсоновата администрација [на САД] не приговорија. Другите сили на Гладио, од Италија и другите места, доаѓаа на обука во Грција за време на нејзиното фашистичко меѓувластие, да научат како да се справат со „внатрешната субверзија“.

Накратко, од самиот почеток НАТО се покажа дека е офанзивно, а не дефанзивно ориентиран, спротивставен на дипломатијата и мирот и поврзан со широко-распространети терористички операции и други облици на политичко вмешување кои беа недемократски и фактички закани за демократијата (кои, ако можеа да се поврзат со Советите, ќе беа осудени како дрска субверзија).

НАТО: империјален питбул – Пост-советското НАТО (втор дел): https://lenka.mk/left_literature/nato-imperiјalen-pitbul-post-sovetskoto-nato-vtor-del/

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/herman/2009/nato.htm

Последно