Мухамед Али, можеби и највлијателниот спортист на сите времиња. Човекот кој беше спремен да ја жртвува својата кариера, а никогаш да не отстапи своите идеали. Али секогаш се противеше на американскиот империјализам и неговите војни за профит. За него еден од најистакнатите членови на афроамериканската Партија на црните пантери и долгогодишен политички затвореник Мумија Абу-Џамал вели:

„Како некој кој порасна во партијата, не ги идолизирав истите работи како моите врсници. На 14-15 години не сонував за тоа да играм во NBA или NFL. Јас бев член на Црните пантери, и тоа ми беше доволно. Но доколку некогаш за нас постоеше спортски херој, тоа дефинитивно беше Мухамед Али.“

Али во повеќе наврати учествуваше на протести огранизирани од партијата, а на некои од нив држи и говори каде јасно ја дава својата поддршка за партијата. Али кон Црните Пантери гледа партија која дава клучен допринос во револуционерната борба за ослободување на афроамериканското население. Во еден од неговите говори тој вели:

„Се решив да бидам тој црнец, кого нема да можат да го поткупат. Ајде, придружете се на нешто. Ако не на муслиманите, придружете се на Црните пантери. Придружете се на нешто ‘лошо’. “

 Иако денес, реакционерските структури се обидуваат да го скријат политичкиот радикализам на Али, неговите конекции со комунистичката Партија на црните пантери не можат да се избришат од историјата. Поради неговото политичко делување, Али, баш како и пантерите, низ неговиот живот беше жртва на голема политичка опресија од американскиот државен апарат.