Законски одредби во Законот за социјална инклузија и Законот за основно образование со кои децата со попречености влегуваат во регуларната настава без претходна адекватна и квалитетна подготовка на сите субјекти кои се директно инволвирани во спроведувањето на инклузијата, наместо да овозможи спуштање на бариерите,прифаќање и вклучување на овие деца во ист ранг со децата со типичен развој во практика дава сосема поинакви резултати.

Теориското планирање, воведување и реализирање на инклузијата во пракса се покажува како недоброосмислена,избрзана и некоординирана активност кадешто токму децата со пречки во развојот наместо инклузија добиваат дополнителна дискриминација.

Иако инклузијата би требало да значи активен координиран процес со меѓусебна соработка на сите стручни субјекти кадешто единствена цел би било ефикасно спроведување на децата во регуларна настава со подготовка како на наставниците така и на родителите на деца со типичен и атипичен развој,моментално во училиштата се создава хаос со новосоздадени проблеми со кои тешко се справуваат училиштата.

Наставници со оскудни обуки во коишто се здобиваат со сертификати, но не и со потребното знаење за делотворно реализирање на инклузијата, училишта коишто сеуште не се екипирани со стручни тимови од дефектолог, педагог и психолог, училишта кои не се архитектонски прилагодени со пристапни рампи, лифтови,посебни простории и дидактички помагала за лицата со посебни потреби и родители кои не се доволно информирани за процесот на образование на своите деца влијае на зголемување на револтот, неквалитетна инклузија а со тоа и зголемување на врсничкото насилство поттикнато од дискриминација кон децата со посебни образовни потреби.

Овие тврдења се поддржани како од статистиките на Светската здравствена организација според кои учениците со попречености се четири пати повеќе изложени на дискриминација во рамките на училиштата така и од стручните лица кои сметаат дека системот не е подготвен за такви реформи.

Не треба да постои простор за импровизација во однос на оваа категорија на ученици и се додека не се исполнат основните минимални предуслови кои се потребни како и пристапување на проблемот со стручност ,компетентност и знаење за да може да се имплементира инклузијата ќе се соочуваат со проблеми кои нанесуваат повеќе штета отколку бенефит на лицата за коишто е наменета. – Се вели во соопштението на социјалниот сектор при политичката партија Левица.