Пристап до првиот дел од текстот
Екосоцијалистичката партиципативна економија
Екосоцијалистичките економии не се зависни од растот, тие се ориентирани кон развиток на човечкиот потенцијал, што значи дека тие не целат кон производство на стоки како цел, туку како ограничени средства за задоволување на човечките потреби. Спротивно на логиката на капиталот, човечките потреби не се бесконечни, па да се развие цел економски систем врз основа на оваа претпоставка е контра-интуитивно во својот ограничен потенцијал за човечкото збогатување и неговото парадоксално постоење во свет со конечни ресурси. Во екосоцијалистичкото општество економската вредност ќе биде преобразена, приоретизирајќи ја употребната вредност. За разлика од капиталистичкото општество во кое економската разменска вредност ги доминира сите облици на општествена вредност, поставувајќи ги сите други постигнувања во потчинетост на неа.
Екосоцијализмот се фокусира на употребната вредност како цел на производството, но употребната вредност не е призмата преку која ја гледаме природата. Утилитарното гледање на природата од страна на капитализмот е раздвојувачко, тоа ја ограничува нашата способност да се идентификуваме себеси во рамките на природниот свет. Тоа е една од причините за неспособноста на капиталот да ги види границите на експанзивното производство. Логиката позади производството на капитал создава бариери онаму каде што треба да има граници, правејќи пречки од природните ограничувања. Не е само прашањето на фосилните горива што ја прави неморална нашата потрошувачка, зашто ако се оствари, структурата на обновлива енергија нема да ги избрише експлоатирачките производствени системи врз кои се потпира капиталот. Изворот на чиста енергија не ја спречува експлоатацијата на природата и луѓето за профит. Само со потполната самоодредувачка моќ на работниците да ја контролираат својата судбина можеме да создадеме еколошка економија.
Демократизацијата на целото наше општество е клучна за да се воспостави еколошки поредок што ќе може да го види укинувањето на нееднаквоста и експлоатацијата. Демократијата мора да се воспостави до ниво што ќе им овозможи на луѓето вистински да го контролираат своето сопствено наследство. Она што е заедничко наследство на општеството, како производите на трудот, постои во рамките на општествените заеднички добра и поради тоа мора демократски да се регулира и распредели. Луѓето, а не профитот, мора да одлучуваат што ќе се произведува и што ќе се консумира, земајќи го предвид влијанието што тоа ќе го има како врз екосистемите така и врз работниците.
Животната средина треба да се цени повеќе отколку како извор на суровини и заради она што го создава за да придонесе само за човечкиот живот. Нашата економија постои во рамките на биосферата како општествен екосистем, подкатегорија што е дел од само-регулирачкиот систем на Земјата, во кој ние како организми менуваме на голема штета на хармоничниот проток на животот. Императив е да се заштити природата од приватизацијата преку донесување демократски закони што ќе значат регулирање и зачувување на животните средини од човечката експлоатација. Со нашето знаење од еколошката наука можеме да го намалиме нашето влијание и да ја заштитиме природата и луѓето што се најранливи поради еколошката нестабилност.
Во демократската економија одлуките мора да се одмеруваат, а гласовите да се балансираат според степенот во кој мерките ќе ги засегаат гласачите. Оние што ќе бидат најзасегнати ќе имаат поголемо влијание во одлучувањето. Работничките, производните и потрошувачките совети се организациска структура што ќе им излезе пресрет на различните потреби на секој систем, истовремено овозможувајќи зачувување на посебните еколошки ограничувања на секој регион. Општествените опортунитетни трошоци ќе се имаат предвид во процесот на она што се произведува во однос на неговиот еколошки и општествено експлоатирачки однос. Ова е систем во кој вистинската општествена одговорност се прифаќа, а општественото производство станува нормативно. Приватизацијата е криминална во еден ваков систем, зашто таа веднаш го редуцира демократскиот интегритет врз кого се темели социјалното општество.
Главните извори на нееднаквост и моќ, како наследството, мора да се отфрлат во овој систем, зашто тоа им дава диспропорционално општествено влијание на луѓето кои се најмалку засегнати, починатите, а кое понатаму се запленува од општеството и се насочува во рацете на малкумина, а што води до различни структури на моќ. И корпоративните одлуки ќе се гледаат како антисоцијални, но демократизацијата и работничката сопственост на работното место можат да помогнат да се отстрани овој проблем. Сепак, нужно е да се каже дека работничката сопственост на претпријатијата ќе биде клучен елемент на социјалното општество, но тоа не е сигурен начин да се осигура дека ќе се одржи интегритетот на нашата биосфера. Бирократскиот развој на општествените средства за производство лесно можат да се здобијат со истите експлоататорски карактеристики на капиталистичкото претпријатие, а така и се случило во минатото. Поради тоа треба да се воведе структура на циркулирачка одговорност, како и да се воспостават овластувања на демократските совети и општествени вета за да се осигура дека она што се произведува ќе биде регулирано според стандардите на еколошките договори.
Светот ќе искуси поместување во начинот на живот што ќе овозможи институционализирање на нов стандард на економска еднаквост. Ќе треба да одлучуваме што им е потребно на луѓето за да живеат добар живот со здравје и можности. Неопходните потреби како пристапот до вода, храна, живеалиште, облека, транспорт, комуникации, образование, здравствена заштита, санитарни услови, култура, стремеж кон личен развиток мора да постојат во новиот општествен договор како стандард гарантиран за сите. За поголемиот дел од населението на светот условите за живот во голема мера ќе се подобрат, додека малцинството од богатата класа ќе искуси неутрализирачко поместување од прекумерната потрошувачка кон одржливото општествено свесно живеење. Мора да се обезбеди подигнување на осиромашените луѓе на еден еднаков глобален стандард, истовремено не спречувајќи ја нивната способност да постигнат потпирање на самите себе.
Во општеството кое не е врзано за ограничувањата на економскиот раст, ресурсите како трудот ќе бидат ослободени за да го обезбедат континуираниот прогрес на нашето човечко наследство. Повлекувањето на инвестициите во човечкиот капитал од одржувањето на потрошувачките животни стилови поттикнати од профитот и моќта ќе овозможи социјално вложување во културно позбогатувачка продуктивност. Екосоцијалистичката економија е втемелена врз еволуцијата, а не врз експанзијата и кога унапредувањето на продуктивноста доволно ќе го снабде општеството, ќе постигнеме вишок време за сите.
Еколошката свест мора да биде проширена во вообичаената процедура на производството, при што она што се зема и се произведува мора да се квантифицира не само според неговата човечка вредност, туку и според импликациите што таквите маневри ќе ги имаат врз општествено-еколошкиот свет. Како произведувачи во рамките на природата ние имаме обврска не само да ја одржуваме нашата животна средина, туку и да ја подобруваме. Како еко-свесно општество мора да се стремиме да го унапредиме нашиот однос со природата преку создавање економија што произведува не само неутрални, туку и позитивни еколошки резултати. Ова ќе може да се постигне со новата производна филозофија и преку новата поделба на трудот, откако луѓето ќе бидат ослободени од часовите потрошени на обезбедување синтетички потреби. Потоа ресурсите ќе можат да се пренасочат кон креативни потфати, науката, инженерството и општествено-еколошкиот развиток мотивиран од еколошката одржливот и општествената одговорност, а не од економската профитабилност.
Нема дилеми дека капитализмот е систем кој си служи на самиот себе и за кого нема место во една еколошка општествена организација. Катастрофите што ги создава со своите чудовишни принципи на растот ја гнетат Земјата како и умовите и телата на сите што постојат тука. Мора да се стремиме да изградиме отпор на овој угнетувачки и експлоатирачки систем преку насочување на нашите напори потаму од реформата што само го зајакнува системот. Мора да воспоставиме суверенитет на заедниците за да овозможиме пред-социјалистичките услови да постојат во срцата и умовите на оние што најмногу се загрозени од капиталистичката експлоатација. Сфаќањето на себеси како општествени суштества мора да ги прошири своите врски за повторно да го поврзе нашето општество со природата и да го направи тоа преку нашето ослободување од оковите на потрошувачката култура.
Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/tematska/ekologija/konsumerizam-ekosocijalizam.htm