Пишува: Виолета Аврамовска, советничка во општина Охрид од политичката партија Левица

Маја Кадиевска од ИК на ДПМНЕ, држи предавање за пазарна економија. Жената се жали дека меѓу другите професии, дефицитарна професија е куќни помошнички или како што таа кажа, жени за да им чистат кај нив дома.

Точно така Кадиевска. Ние за вас сме само жени кои ви чистат дома, жени кои ги понижувате, ги омаловажувате, го девалвирате нивниот труд, затоа што сатницата од 300 денари според вас е преголема за некој да ви ги чисти вашите гнасотии. Та, вие сте госпоѓи, вашите раце не се створени за чистење, за миење садови. Кој знае дали ако не станевте член на олигархиска партија ќе можевте да заработите за леб, можеби и вие ќе чистевте во туѓи куќи. Кој знае.

Долги години како самохрана мајка бев принудена да чистам во туѓи куќи. Тогаш сатницата беше само 100 денари. Така го прехранував моето малолетно дете. Можам да ви кажам од моето искуство, дека нечистотијата во вашите куќи е ништо во споредба со нечистотијата во вашите души. Тоа сте вие, жени кои понижуваат други жени, жени кои мислите дека вредите повеќе од оние кои ви ги чистат гнасотиите, иако многу од тие жени се интелектуалци, кои завршиле факултети, а не купиле дипломи како многумина од вас.Нивната несреќа е само поради тоа што не можеле да дојдат на ред да се вработат и да се остварат во своите професии поради вас, партиските крлежи, кои со нашиот труд мораме да ги плаќаме. За жал, вашите партии се партии без идеологија претворени во агенции за вработување.

Ве уверувам дека во иднина можностите да најдете жени за чистење ќе бидат уште помали. Полека се буди работничката класа. Се’ појасно им станува на жените работнички дека вие не можете да ги разберете нашите маки, маките на нас сиромашните, на семејствата во социјален ризик, од една единствена причина, што ВИЕ СТЕ НАШИТЕ КЛАСНИ НЕПРИЈАТЕЛИ.

А, како наши класни непријатели, вие, новокомпонираните партиски богаташки не можете да бидете претставници на сиромашните, а уште помалку да бидете блиски со сиромашните жени, со жените работнички.

Токму поради тоа единствената поделба која е возможна во овој систем е само КЛАСНА ПОДЕЛБА.