Оваа статија има за цел да биде вовед во екосоцијалистичкиот приод кон производството и потрошувачката. Она што го имаме денес е хегемонска опсесија со масовното производство што е катастрофално за еволуциските процеси што ѝ овозможуваат на биосферата да го одржи животот онаков каков што го знаеме. Капиталистичкиот начин на производство, втемелен врз бесконечна економска експанзија и масовна потрошувачка, ја нарушува рамнотежата на екосистемите преку промена на метаболизмот на природата што ги регулира системите на Земјата. Во оваа статија ќе расправам околу некои прашања кои ги сметам за проблематични за остварувањето еколошко општество и ќе се осврнам на можните решенија. Тоа нема цел да понуди критика на потрошувачите; мојата цел е да развијам напад врз хегемонската творба на потрошувачката култура и нејзиното разорно влијание во одржувањето на статус квото. Ова не е нацрт за револуција; тоа е само мој обид да се осврнам на прашањата онака како што ги гледам и да придонесам кон дискусијата околу создавањето на потрошувачката култура како бариера за остварувањето општествена преобразба.

„Некогаш порано работничката класа немаше ништо што да изгуби освен своите окови; но сега таа е апсорбирана во капитализмот, заробеник е на консумеризмот, а нејзините артикли на потрошувачката ја поседуваат и ја трошат.“
Мајкл А. Лебовиц

Имаме производни средства за да ги задоволиме нашите материјални потреби и да се ослободиме од отуѓениот труд. Сепак, оваа идеја е некомпатибилна со капиталот, кој нема цел да ги задоволи вистинските човечки потреби потаму од она што му е потребно за да се репродуцира. Наместо тоа, капитализмот зависи од остварувањето на акумулација на богатството, на бесконечна експанзија што се темели на производство и потрошувачка на отуѓени производи. Ова масовно производство е фундаментален проблем што ја ограничува нашата способност да создадеме едно еколошко општество поради тоа што е непробојна причина за повеќето еколошки проблеми со кои се соочуваме денес.

За да се мобилизираме и да го нападнеме експанзивното производство, мора да се нападне потрошувачката култура. Тоа повлекува со себе напад на хегемонските институции што шират консумеризам, ја развиваат нашата идентификација со материјалните производи и ја наметнуваат врската помеѓу производите и слободата. Капиталистичките сили трошат многу ресурси за да обезбедат ние да бидеме социјализирани да се идентификуваме со она што го консумираме далеку повеќе отколку со она што и како го произведуваме, а тоа создава бариера помеѓу нас и критичната револуција. Всушност, Американците се подложени 20 пати повеќе од глобалниот просек на таргетирано рекламирање. Направени сме да се идентификуваме толку силно со стоките што отфрлањето на капитализмот ќе се изедначи со отфрлање на своето јас и бара редефинирање на слободата, а тоа ќе бара револуција што не запира на работното место. Во рамките на развиениот капитализам потрошувачката култура служи како контрареволуционерна заштита, како седатив. А со тоа што почнавме да се идентификуваме со производите на нашиот отуѓен труд наместо да го воочиме нашето отуѓување во процесот на производство, тонеме сѐ подлабоко во вените на капиталот, станувајќи репродуктивни органи на чудовиштето.

Работничката класа како револуционерен субјект е силата преку која ќе биде променет светот. Но, промената ќе се случи единствено ако постои волјата тоа да се направи. Американскиот општествен договор, кој кажува дека можеме да ги оствариме нашите дадени права како слободни и еднакви луѓе да се искачеме по општествено-економската скала, без никакви пречки освен нашата одлучност, претставува средство за смирување што се темели на нечесни претпоставки. Тој го овозможува институционализираното незнаење на системското угнетување, нееднаквоста и еколошката експлоатација, истовремено создавајќи го индивидуализмот што е потребен за да се игнорираат корените на проблемот. Мора да го промениме текот на борбата од борба за мобилност кон горе, кој е во средиштето на капиталистичкиот конфликт, во борба за економска доволност и културна одржливост.

Борбата за мобилност кон горе е конзервативна борба. Таа се стреми да реформира сѐ додека реформите не ја вратат работничката класа до состојба на рамнотежа во рамките на капиталистичкото општество или на некое друго со подеднакво разорен продуктивизам. Светот не може да го преживее нашиот економски систем. Имаме еколошка криза што бара потполно разбирање, но таквото разбирање ќе бара културна револуција, таква што ќе ги отфрли производите на отуѓениот труд. За да опстане, капиталот мора да се проширува, а оттука мора да синтетизира потреби и да спроведува планирано застарување со цел да произведува и да одржува пазар за својот раст. Системското создавање незадоволеност прави од стоките достапни средства за општествен успех, а оттука и за задоволство, преку одржување на сфаќањето што го подигна капитализмот до позиција на синонимност со слободата преку едноставниот факт дека тој ги обезбедува производите. Тоа го поплочува патот за потрошувачката култура што е непробојна за системските промени.

Акумулацијата на стоки ги доведува луѓето до тоа не само да се идентификуваат со средствата на уништувањето, туку и ја парализира нивната способност да мобилизираат делување против еколошката криза. Отпорот на капиталот мора да се изгради во заедниците кои најмногу се погодени од начините на експлоатација, во оние што се најблиску до разбирањето на границите на доволноста на капиталот. Сиромашните заедници и заедниците на обоените луѓе се екосоцијалистичка револуционерна сила и движењето мора да се вкорени во тие области. Мора да се стремиме да ги дезинтегрираме врските во оковите на репродукцијата на капиталот преку градење на сувереност на заедниците што ќе го овозможи активното размислување кое е потребно за да се ослободи човештвото од нашата осиромашена состојба. Мора да ја препознаеме повеќестраната борба за екосоцијализам како таква што го опфаќа потполното осиромашување на човештвото, а што вклучува не само патријархално пљачкосување на животната средина на Земјата, туку и систематски грабеж на нашата самоуправувачка, самоостварувачка, ослободена од долгови вредност.

Нашироко се сфаќа дека профитно мотивираниот и потрошувачки поттикнатиот индустриски отпад и загадување е широко и временски чувствително прашање што мора да се адресира за да се спречи апсолутна еколошка катастрофа. Но, капиталот не може да обезбеди поправки без да се самоуништи. Проблемот со климата е во фазата на terra incognita, па глобалната еколошка криза ќе се позиционира да падне врз потрошувачите, а новиот „зелен“ пазар ќе ја создава илузијата за етичка масовна потрошувачка и раст на пазарот (видете за Парадоксот на Џевонс). Потрошувачката култура го идентификува слободниот пазар со слободата воопшто, а тоа е јасен знак за успехот на системот што мора да се перпетуира себеси преку отуѓеното производство и идентификацијата со производите на отуѓениот труд за да го избегне соборувањето. Во светлината на ургентноста на нашата моментална еколошка ситуација не постои алтернативен пат за развивање на екосоцијалистички блок и расклопување на развиениот капитализам што не вклучува таргетирано расклопување на општественото идентификување со потрошувачките добра. Не постои етичка потрошувачка под капитализмот.

Понатамошното опстојување на биосферата онаква каква што ја знаеме зависи од намалувањето на човечкото индустриско влијание. Ова стои во контраст со потребата на капиталот да ја портретира лажната идеја дека човечките потреби се неограничени и дека Земјата и нејзините природни граници можат да ја овозможат таквата апсурдна реалност. Имплантирано е во стратегијата на растот да се наметнува таквото сфаќање, зашто штом ќе се задоволат вистинските потреби, пазарот ќе престане да расте, па системот мора да создава незадоволеност за да ја подигне побарувачката. Оваа побарувачка го поставува општеството во состојба на растроеност што ги спојува желбите и потребите, истовремено одрекувајќи дека потрошувачката е културно создадена и дека нашата култура е стимулансот на еколошката нестабилност.

За да се ослободи човештвото и тоа да се направи на начин што овозможува културна симбиоза со природата мора да бараме општествен модел што ќе се дистанцира себеси од акумулацијата. Ова го вклучува воспоставувањето на предусловод за револуцијата што е класно втемелен бунт против масовното себе-идентификување во стоките. Способноста да се презираат стоките на капиталот ќе го овозможи вклучувањето во општото знаење на апсолутните граници на производството на капитал. Мора повторно да го откриеме човечкиот идентитет што е соодветен на нашето место во природата како чинители во рамките на еден екосистем. Ова во практиката е контрахегемонско против конзервативните сили што ја придружуваат експлоатацијата на природата од страна на капиталот. Мора да го видиме влијанието на нашата потрошувачка во нарушувањето на метаболизмот на природата, но мора да го сфатиме како системско, а не како ограничено на политиката на личниот начин на живот. Мора да ја видиме реалноста зад нашето идентификување со овие отуѓени производи како одредувачки атрибут на инкомпатибилниот однос на капитализмот со природниот свет и неговото отуѓувачко влијание врз човечката свест. Мора да ја сфатиме потрошувачката култура како присилна социјализаторска алатка на капиталот, а не едноставно како избор на животен стил што го прават масите од поединци.

Еколошкото општество станува можно преку ограничување на производството за да се задоволат вистинските потреби преку максимизирање на употребните вредности. Тоа ќе го елиминира профитот преку прераспределба на вишокот работно време назад до општеството по пат на намалување на работното време и пренасочување на вишокот кон човечкиот и еколошкиот развиток. Една вистинска културна револуција ќе вклучи човечки напори насочени кон човечкото ослободување и еколошката хармонија. За да се постигне ова, доминантниот општествен систем на вредности мора да се замени со таков кој нема да биде зависен од материјалното имање или немање. Повеќе не можеме да го дефинираме врвот на успехот како капацитет за производство на нашата цивилизација и како можност на поединците да се стекнат со палета стоки во систем што создава приватно богатство. Ќе се развие ново разбирање на вишокот за да се признае креативното создавање на човештвото како заедничко наследство овозможено преку историските напори и преобликувањето на природните средини, создавајќи ново разбирање за нас во историјата на природата.

Опсесијата со производството создаде околности кои бараат активен напад врз нашето културно разбирање на продуктивноста. Продуктивизмот мора да се сфати како непријател на еколошката и општествената рамнотежа. Новото општество нема да се појави како феникс од пламените и пепелта; тоа ќе биде изградено врз темелите на историјата која е испреплетена со социјалната неправда, угнетувањето, експлоатацијата и еколошки разорните сили. При изградбата на социјалистичко општество ќе бидеме присилени да се справуваме со неизбежната културна репродукција на капиталистичките идеи и да го направиме тоа делумно преку укинување на нагласокот врз продуктивизмот. Социјалистичкиот светоглед што одржува посесивен однос помеѓу човештвото и природата ќе биде осуден на истото токсично постоење како својот капиталистички претходник.

Во создавањето на новиот свет мора да постојат предуслови да се искористи новиот поредок. Преобразбата од нашиот сегашен отуѓен свет нема да се спроведе само преку освојување на средствата за производство, туку мора да вклучува освојување на нашиот идентитет од стисокот на отуѓените производи. Задоволувањето со овој капиталистички аранжман на општеството ќе трае сѐ додека не се појават проблеми што не можат да се надминат преку неговите средства, како што се надминувањето на планетарните ограничувања и глобалното раселување на цели населенија, а кои се надоаѓачка неизбежност на нашиот економски модел. Се создава револуционерна ситуација и сила од другата страна на нашиот безвременски општествено-економски конфликт е движечкиот елемент. Ќе се појават природни последици кои ќе ја турнат настрана неспособноста на човештвото да го одрекува системскиот колапс. Подготвеноста за прилагодување и за освојување на состојбата на природата и на државниот апарат можеби не е присутна во општиот сет на знаење. Револуцијата може да биде подготвена за нас, но ние може да не бидеме подготвени за револуција.

Пристап до вториот дел од текстот

Превзмено од: https://www.marxists.org/makedonski/tematska/ekologija/konsumerizam-ekosocijalizam.htm