На денешен ден 12.07.1904 година е роден големиот чилеански писател и комунист Нефтали Рикардо Рејес Басоалто кој подоцна се преименува во Пабло Неруда.

Се смета за еден од најзначајните и највлијателни поети на XX век, а неговите дела се преведени на многу јазици. Своето уметничко име го презел од чешкиот писател и поет Јан Неруда.

Поезијата на Неруда опфаќа различни стилови и мотиви, од еротски љубовни песни како „Бели ридови“, надреалистични поеми, историски епови, до политички манифести. Меѓу неговите најпознати дела се „Оди за скршените нешта“, собрани во неколку тома. Колумбискиот писател Габриел Гарсија Маркез го нарекол Неруда „најголемиот поет на XX век на било кој јазик“. Во 1971 година, Неруда ја добил Нобеловата награда за литература, а следната година Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Неруда е познат по тоа што рецитирал пред најмногубројна публика, и тоа двапати. На 15 јули 1945 година, на стадионот Пекамбу во Сао Пауло, Бразил, пред 100 000 луѓе читал песни во чест на комунистичкиот водач и револуционер Луис Карлос Престес. По добивањето на Нобеловата награда, по покана на претседателот Салвадор Аљенде, рецитирал на Estadio Nacional пред повеќе од 70 000 луѓе.

Во текот на својот живот, Неруда имал неколку значајни дипломатски позиции и кратко време бил секретар на Чилеанската комунистичка партија. Кога претседателот Габриел Гонсалес Видела започнал терор врз комунистите во Чиле, бил издаден налог за апсење на Неруда. Пријателите го криеле во подрумот на куќа во Валпараисо, од каде успеал да избега во Аргентина преку планината кај езерото Маихуе. Подоцна, бил близок соработник на социјалистичкиот претседател Салвадор Аљенде.

Салвадор Аљенде со Неруда

За време на државниот удар во Чиле на 11 септември 1973 година, предводен од Августо Пиноче, Неруда бил хоспитализиран поради рак. Неговиот пријател Аљенде загинал за време на ударот. Неруда починал од инфаркт дванаесет дена подоцна. Веќе легенда во својот живот, по неговата смрт станал митска личност, а неговиот погреб бил глобално познат. Иако Пиноче наредил погребот да не стане јавен настан, илјадници Чилеанци, и покрај смртните закани, ги преплавиле улиците во чест на големиот поет, претворајќи го погребот во прв голем јавен протест против новововедената диктатура.