Естреја Овадија – Мара е родена во Битола на 25 декември 1923 година. Родена е во еврејско работничко семејство од родители, татко Арон и мајка Сара Ергас. Семејството Овадија имало пет деца, три сина и две ќерки.
Таткото Арон работел различни занаети како крпач на обувки, надничар, носач и др, додека Сара работела како помошничка во побогатите битолски еврејски куќи. Заради приликите во семејството и раната загуба на таткото, грижата за семејството најпрво ја преземал најстариот син, кој како и неговиот татко работел како крпач на чевли, но набргу основал свое семејство и се одвоил, по што грижата за семејството преминала на помалиот брат Давид. Toj бил член на организацијата „Техелет лаван“, а за време на Втората светска војна станал член на СКОЈ, па така влијаел и на Естреја.
Заради тешката финансиска состојба на семејството, Естреја не успеала да го продолжи своето гимназиско образование и заедно со нејзината мајка уште од најмала возраст морала да работи во побогатите куќи во Битола. Во овој период под влијание на нејзиниот брат Давид, кој го сметала за авторитет, Естреја се приклучила кон организацијата „Хашомер хацаир“. Како што навела Жули Батино, претседателка на женското хуманитарно друштво во Битола „ВИЦО“, Естреја посебно се истакнала во кругот на активните сиромашни девојки. Во 1938 година со посредство на организацијата „ВИЦО“ Естреја Овадија заедно со уште две други другарки од Битола, Естеја Леви и Солчи Касорла, биле испратени во Белград, за да научат занает, шиење и плетење.
За време на престојот во Белград, Естреја станала активист во синдикалното и младинското движење, како и член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија – СКОЈ, а била учесник на мартовските демострации во 1941 година против политиката на југословенската влада и потпишувањето на пакт со нацистичка Германија. Неколку дена пред капитулацијата на Кралството Југославија, Естреја Овадија заедно со Солчи Касорла се вратиле во родната Битола. По враќањето ја продолжила нејзината политичка дејност, а во март 1942 година станала член на Комунистичката партија на Југославија и се вклучила во подготовките за вооружениот отпор. Во овој период бројот на Евреи од Битола, членови на КПЈ, се зголемил на 30, а на СКОЈ на 150 членови. Како член на КПЈ, Естреја била вклучена во собирање на т.н.„црвена помош“, собирала храна, облека и санитетски материјали наменети за потребите на затворениците во НОБ.
Непосредно пред депортацијата на Евреите од Македонија, а се до нивното приклучување кон партизанските единици, Естреја Овадија заедно со Жамила Колономос, Роза Камхи, Адела Фараџи и Естреја Леви илегално престојувале во дуќанот за тутун на Стојан Богоја Силјановски, кој бил лоциран спроти бугарскиот полициски „участок“ во Битола.
На 5 април 1943 година се приклучила кон партизанската чета „Јане Сандански“, а кон крајот на мај 1943 година на планината Вич во Егејска Македонија учествувала во формирањето на одредот „Гоце Делчев“, каде била поставена за политички делегат на десетина. Со приклучувањето кон партизанските единици на Естреја Овадија и било дадено ново „партизанско“ име -Мара. До ноември 1943 година партизанскиот одред „Гоце Делчев“ делувал на потегот на Лерин до Кајмакчалан, а во ноември 1943 година од одредот „Гоце Делчев“ и други борци бил формиран баталјонот „Стив Наумов“ во кој Естреја била политички делегат на вод. Кон крајот на 1943 година баталјонот се придвижил кон Фуштани каде бил лоциран главниот штаб и ЦК на КПМ.
Во јануари 1944 година Естреја Овадија – Мара била борец во третата оперативна група која заедно со главниот штаб и ЦК на КПМ имале задача да се придвижат (т.н. Февруарски поход) и преку Огражден и Плачковица да стигнат до кумановско, на Козјак планина каде требало да формираат слободна територија. За време на Февруарскиот поход, Естреја како дел од Третата македонска ударна бригада била заменик комесар на чета. Непосредно пред одржувањето на АСНОМ во август 1944 година, Естреја била дел од воената единица заедно со Соломон Садикарио – Мо, млад еврејски учесник во НОБ и други борци, со задача да ги нападнат бугарските окупаторски единици лоцирани во близина на Страцин.
Во борбата биле ранети повеќе борци меѓу кои и Соломон – Мо, а Естреја учествувала во нивното извлекување. На 10 август 1944 година баталјонот „Стив Наумов“ добил задача од Козјак да се префрли на Кожув, а од таму преку Кајмакчалан да се упати кон Пелистер каде требало да превземат воени акции. За време на префрлањето, воените единици на Кајмакчалан се судриле со бугарските окупаторски единици и при обидот за пробив, на 26 август 1944 година загинува Естреја Овадија – Мара. За народен херој на Југославија е прогласена на 9 октомври 1953 година. Во Битола има предучилишна установа, а во Ерусалим улица со нејзиното име.