Пишува: Претседателскиот кандидат на политичката партија Левица, Проф. д-р Билјана Ванковска

Немав намера повторно да се занимавам со „прашањето на името“, но морам макар и сосема кратко поради реакциите на мојот став против одржување референдум по ова прашање. Мнозина употребија некаква чудна логика за да ме толкуваат: штом сум се изјаснила така, тоа (според нив) автоматски значело дека припаѓам на таборот кој е за промена на името. Овде постои тенденција да се резонира „бинарно“, или-или, со што тежнеат да ве сместат во еден од двата табори – бидејќи изгледа невозможно да се има трета позиција. Лично одбивам да ме вбројуваат во табори на (наводно) „прогресивни“ или „реакционерни“ сили, на проевропската опозиција и конзервативната позиција, бидејќи аргументите против референдумско изјаснување не значат прифаќање за промена на името под притисок на времето (или на политиката на морковот и стапот), односно ако со наводното решавање на еден проблем (интеграциите) си отвораме нов (внатрешен) конфликт.

Притисокот однадвор расте, па затоа политичарите имаат обврска да ни кажат отворено за што се преговара, под какви околности и кој е главниот камен на сопнување. Ако живееме во демократија, тогаш отчетноста и отвореноста кон граѓаните има приоритет пред некакви надворешни медијатори, странски пријатели или „деликатни фази на преговарачкиот процес“. Ако бараат легитимитет или поддршка, тогаш најмалку што можеме да очекуваме е отворање на картите. Сакам да бидам информирана што точно се бара од нас, бидејќи она што го нудат во замена не е така слатко и спасоносно како што мнозина веруваат.

Како што одбивам да поддржам тврда позиција без да ги знам сите факти, исто така ми се несфатливи опозиционери кои даваат бланко поддршка за конечна промена на името за да наводно избегнеме изолација, јадење на корења, радикализам и сл. Лидерот на опозицијата (Црвенковски) на ТВ интервју изјавува дека преговарачката позиција била суштествено изменета во моментот кога на Букурешкиот самит грчката страна на дело ја покажала својата опстојчивост на „црвената линија“. Тој тогаш ја сфатил мудроста на Тукидид, односно дека ако другата страна е помоќна и прави што сака, нам не ни преостанува ништо друго освен да го правиме тоа што го мораме. Значи, на првата манифестација на сила, ние „мудро“ треба да научиме да се повлечеме и да трпиме за да не ни се случел „втор Букурешт“.

Туку, ајде да погледнеме што се случува во НАТО и неговите мисии, кои ние воопшто како и да не ги перцепираме. Гледајќи ги професионалните војници кои со денови и ноќи протестираат пред владата, чудно е како јавноста овој нивен социјален проблем не го доживува како свој. Па нели се тие нашите џокери за влез во НАТО? Како што стојат работите, потребата од „топовско месо“ во светот нема да се намалува. Со секоја нова година ќе расте бројот на професионални војници кои се приближуваат до старосната граница во која никому нема веќе да му бидат потребни – ниту на НАТО, ниту на САД, ниту на нашата Армија. Бројот на нови доброволци ќе зависи од степенот на сиромаштија и безработица и очај.

Незабележано мина информацијата, а уште помалку симболиката на чинот, дека министерот за одбрана Коњановски го прослави Денот на македонската револуционерна борба во Авганистан. Кој знае како би го перцепирале ова оние кои низ историјата ги дале своите животи за слободата на сопствениот народ? Ехеееј, до каде сме стасале! За само стотина години, стасавме да „ослободуваме“ други народи, додека сме сè уште заплеткани во неизвесностите околу сопствениот идентитет! Коњановски за првпат експлицитно го нагласи зголемениот ризик по животите на нашите војници, но „храбро“ кажа дека не само што нема да се повлечеме од Авганистан, туку и ќе го зголемиме контингентот за нови 80 војници. Умешно се „сокри“ зад националниот консензус и оние 95 отсто од граѓаните кои сакаат влез во НАТО.

Време е јавноста да се запраша дали ќе ѝ остане наклонета на Алијансата ако тоа значи човечки жртви на наша страна (и онака оние што ги ослободуваме, не ги ни броиме). Нашите војници сега ќе извршуваат задачи во составот на Националната гарда на Вермонт (САД); да потсетам, тоа е онаа мала државичка во која нашиот Претседател беше примен со најголеми почести, чудно заобиколувајќи го Вашингтон и својот колега Обама. Официјалните изјави на нашите претставници, во светлина на она што се случува во Авганистан се, во најмала рака, смешни или патетични. Нашите сили (замислете) ќе придонеле за демократскиот процес и јакнење на капацитетите на авганистанските безбедносни сили. За тоа како заврши „демократскиот процес“ (т.е. изборите) веројатно знаете, но да го цитирам Роберт Фиск од „Индипендент“: „Но, сега ние го добивме расипаниот, корумпиран и сектаријански нетолерантен Карзаи на власт, по едни избори кои беа далеку понерегуларни од иранската верзија, но глеј – ние го сакаме од сè срце и ги прифаќаме неговите целосно нерегуларни избори!“ Една карикатура го покажува Карзаи како седи на престол направен од мртовечки сандаци прекриени со британски знамиња.

Кога станува збор за нашата втора задача (тренирање на тамошните безбедносни структури), НАТО земјите сè уште се свестуваат од шокот после настанот во кој авганистански полицаец отвори оган врз петмина британски тренери. Затоа, мои почитувани 95 отсто сограѓани, треба да знаете дека во светот се води поинаква дебата. Гордон Браун е на тешки маки пред 64 отсто од јавноста која сфаќа дека данокот во крв и пари не дава плод и бара повлекување. Слична дебата се води и во Италија, Германија, Канада. Меѓународните медиуми известуваат за растечката фрустрација заради нерешителноста на Обама во редефинирањето на стратегијата во оваа катастрофална епизода, но познавачите прогнозираат дека тој нема храброст да ги исполни предизборните ветувања и да ги запре воените окупации на Авганистан и Ирак. Напротив, тој испраќа долнителни 40,000 американски војници и бара уште повеќе од сојузниците.

„Свиркачот“ Даниел Елсберг (авторот на Пентагонските текстови) потсетува на Виетнам, па дури и еден реалист од типот на Мершајмер вели дека САД треба да го прифатат поразот и веднаш да се повлечат од Авганистан. Според него, како и во случајот и на Виетнам, сè повеќе американски војници и далеку повеќе цивили ќе умираат во Авганистан, и тоа без добра причина. Но, Коњановски има поинакви „информации“ за теренот добиени од Мек Кристал кога вели: „се движиме кон крајната цел – безбеден и просперитетен Авганистан“. Да, тој е цврст „кано клисурине“ и не попушта пред барањата на сопствените војници, но американскиот генерал е веќе нешто друго. Да не е трагична, би била смешна изјавата дека „пофалбите за придонесот на војниците во Авганистан ми дава посебен мотив, од ден на ден, да правам повеќе за АРМ“. Освен што вели „јес, сир“, тој не прави ништо. Тие што прават, т.е. професионалните војници се потрошна роба (само до возраст од 38 години) за политика чија цел е влегување во НАТО, кој е веќе незаситна ламја. Што ќе биде со растечките батаљони кои ќе маршираат пред Владата, за (не дај Боже) растечки број на инвалиди и разурнати семејства? Како би одговориле на прашањето: дали сте за членство во НАТО ако тоа значи бескрајно закопување во живиот песок на Авганистан? А за таа убавина уште бараат од вас да „бидете храбри“ и да го смените името?! Дали учеството во војни го сметаме за национален прогрес и европеизација?

Колумната прв пат објавена на 9 ноември 2009