Трајковски: Зошто струјата кај нас ќе поскапи за 15%?

Фејзбук статус на Проф. д-р Дејан Трајковски

Многумина денеска се прашуваат зошто, поради поскапувањето на електричната енергија на европските берзи, енергијата морала и кај нас да поскапи за 10-15%?

Објаснувањето е едноставно. Македонија увезува околу една третина од своите годишни потреби за електрична енергија, поради што е чувствителна на поскапувањето на увозната струја. Поконкретно, 2000 GWh од 6.000 GWh годишно ги плаќаме по 100-200 евра/MWh, што е значително поскапо од цената на домашната енергија на ЕСМ од само 53 евра/MWh. Поради тоа, минатата година парите од буџетот (300 милиони евра, колку за половина „Чебрен“), наменети за капитални инвестиции ги пренамениле и потрошиле за увоз на електрична енергија.

Гледаме дека државата:
1.) до 2030 година се обврзала дека ќе ги затвори сите термоцентрали на јаглен;
2.) нема да има време, а можеби нема ни намера да изгради позначителни државни производни капацитети од фотонапонски (ФН) и хидроелектрични централи во наредните 7 години;
3.) решила да ја раскрчми ПАХЕ „Чебрен“, нашиот единствен потенцијален капацитет за складирање на енергијата од ФН и ветерни електрани;
4.) нé замајува дека ЌЕ гради (ако воопшто изгради) комбинирана гасна електрана, каде цената на енергијата нема да биде 53 евра/MWh, туку најмалку 120 евра/MWh, поради високата цена на природниот гас и инвестицијата во гасната електрана.

Според тоа, учеството на скапата увезена енергија после 7 години може многу лесно да се искачи на 50%-70% од вкупните наши потреби. Затоа, најавеното поскапување од 10%-15% треба да се сфати само како почеток на идните поскапувања. Ќе дојде ден кога или
1.) ќе се плашиме да запалиме светилка дома или
2.) државата ќе се задолжува дома и во странство за да го субвенционира сé поскапиот увоз.

До кога ќе се задолжува? Како што моментално стојат работите, додека постоиме како држава. Гледаме дека станува сé потешко дури и плаќањето на каматите на досега земените кредити. Штом доспеат за отплата и кредитите за непотребните автопатишта, ќе биде уште потешко. Ако продолжат со земање кредити и за плаќање на струјата – тоа може да биде капката што ќе ја прелее чашата, односно може да се случи да не можеме да ги плаќаме дури ни каматите, а камоли да ги отплатуваме заемите.

Не мораше ништо да биде вака. Доколку:
1.) не се задолжуваа за автопатиштата, коишто никогаш нема да можат да се отплатат од патарини, туку државата ќе мора да ги отплатува од буџетот;
2.) задржеа барем еден блок од РЕК Битола и ТЕЦ „Осломеј“, бидејќи според Парискиот договор имаме право на толку;
3.) отвореа рудник за јаглен во Живојно, создавајќи услови за работа на еден блок од РЕК Битола во следните 35-50 години;
4.) започнеа на време да градат обновливи извори на енергија, пред сé ФН централи;
5.) инвестираа во самостојна изградба на ПАХЕ „Чебрен“, со главна цел за складирање на енергијата добиена од обновливи извори, покрај производството од водата на Црна Река;
– тогаш би биле на добар пат:

1.) да ја намалиме зависноста од скапа увозна енергија и да станеме енергетски понезависни;
2.) да добиеме извори на евтина домашна електрична енергија;
3.) да ја намалиме задолженоста;
4.) продуктивно да ги вработиме луѓето на енергетски проекти, односно да ја намалиме превработеноста во јавната и државната администрација;
5.) да заличиме на сериозна држава.

Вака електричната енергија само ќе продолжи да поскапува, а проблемите ќе се умножуваат, сé до целосниот крах или распад на државата.

Последно