Пишува: Кристијан Димков

Комунистичкото манифесто (или Манифесто на Комунистичката Партија) е памфлет напишан во 1848 година од страна на Карл Маркс и Фридрих Енгелс. Манифестото презентира еден аналитички пристап кон класната борба и конфликтите кои ги носи капитализмот и капиталистичкиот начин на производство.

Манифестото на комунистичката партија претставува едно подзаборавено но задолжително четиво за секој човек кој сака да има подобро разбирање на светот во кој живееме, бидејќи иако е напишано пред повеќе од еден и пол век, е подеднакво актуелно денеска како кога е напишано. Затоа јас во очи на годишнината од неговото прво издавање одлучив да направам еден краток осврт на ова епохално дело, со надеж дека ќе мотивирам некој човек повеќе да го прочита, или пак во најмала рака да знае за што се говори во делото.

Комунистичкото манифесто е поделено на четири дела:

1. Буржуи и пролетери

2. Пролетери и комунисти

3. Социјалистичка и комунистичка литература

4. Ставот на комунистите спрема разните опозициски партии

Буржуи и пролетери

Во првиот дел на манифестото Маркс и Енгелс говорат за тоа како историјата  на сите досегашни општества е историја на класната борба, од слободниот и робот па се до 19ти век, односно угнетувачот и угнетениот кои водат постојана борба помеѓу себе. Во капиталистичкото општество, пролетеријатот (се подразбира класа на наемни работници, кои не поседуваат сопствени средства за производсво и се принудени да ја продаваат својата работна сила за да преживеат) се наоѓаат во класна борба против буржоазијата (се подразбира класа на модерни капиталисти, сопственици на општествениот начин на производство, кои го експлоатираат наемниот труд). Како и во минатото така и денес според авторите таа класна борба ќе кулминира во револуција што комплетно ќе го реструктурира општеството. Буржуазијата преку константната револуција на начините за производство и непрекинатото рушење на условите на живот во општеството се појавиле како највисоката класа во општеството, отфрлајќи ги старите феудалисти. Буржуазијата постојано го експлоатира пролетеријатот како своја својата работна сила, со цел креирање профит за себеси односно акумулирање на капитал врз туѓ труд. Според оваа дефиниција на експлоатација (некој да прави профит на туѓ труд) и доктори, врвни спортисти, адвокати, луѓе кои би се идентификувале во горниот слој на општествената пирамида се пролетеријат. Да објасниме пластично, колку пари треба да прави газдата на некоја приватна болница за да може да профитира, иако ги плаќа докторите илијадници евра плата? Или пак колку пари прави газдата на еден фудбалски клуб за да ги плаќа своите играчи десетици па и стотици милиони евра?

Поради оваа причина Марксистите тврдат дека луѓето кои се во т.н високо низок слој имаат многу повеќе заедничко со луѓето од „нискиот“ општествен  слој отколку со нивните експлоататори (иако тие не се идентификуваат така) бидејќи и докторот и автомеханичарот претставаат пролетеријат кои го продаваат своето себство (тело и ум) за да преживеат, и согласно на тоа се експлоатирани од страна на буржоазијата.

Понатаму во оваа глава Маркс и Енгелс говорат за тоа како буржоазијата со константниот напредок во начинот на производство самите си копаат сопствениот гроб, односно дека на буржоазијата им е потребна едуцирана и  квалификувана работна сила. Но ако мора буржоазијата да го едуцира пролетеријатот тогаш на пролетеријатот ќе му се отворат очите на некој начин, ќе стане свесен за својот потенцијал и ќе дојде на власт со помош на револуција, победувајќи над буржоазијата.

Пролетеријат и комунисти

Во вториот дел Маркс и Енгелс говорат за врската помеѓу свесните комунисти и останатата работичка класа и за тоа како комунистичката партија нема да оди против други партии на работничката класа, но спротивно на нив ќе ја застапува вољата и ќе ги брани интересите на пролетеријатот во целиот свет, независно на националност, односно дека комунизмот претставува светски процес. Понатаму во овој дел авторите одговараат на неколку критики кои биле поставени против комунизмот во тоа време од кои јас ќе споменам само една бидејќи е многу важна и голем број на луѓе до ден денешен не знаат што е комунистичкиот поглед врз имотот, односно не прават дистинкција помеѓу приватен и личен имот. Имено комунистите се стремат кон уништување на приватниот имот, приватната сопственост врз начинот за производство (пр. фабриките) и тие начини на производство да преминат во име на сите луѓе кои живеат и работат во тоа општество а не да се укине личниот имот.

Во последниот дел од овој дел се говори за барањата на комунистичката партија кои се според мене многу интересни и во голема мера актуелни до ден денеска и затоа ќе ги цитирам овде:

– Висок прогресивен данок

– Централизација на целокупниот транспортен систем во рацете на државата -Јавен превоз

-Јавно и бесплатно воспитување на сите деца.

-Отстранување на фабричкиот труд на децата во неговата денешна форма. 

Социјалистичка и комунистичка литература

Во третиот дел, авторите го оделуваат комунизмот од другите социјалистички доктрини на тоа време: Реакционарниот социјализам, Конзервативниот или буржуаски социјализам и Критичко-утопистичкиот социјализам и комунизам. Кои се отфрлени бидејќи бараат реформи и не ја гледаат револуционерната улога на работничката класа.

Ставот на комунистите спрема разните опозициски партии

Во последниот дел од Манифестото на кратко се говори за комунистичките позиции во различни држави во тоа време како Франција, Швајцарија, Полска и Германија која според авторите била на предвечерието на револуција и предвидува светска револуција. Комунистото завршува со следната реченица: Нека треперат владеачките класи пред комунистичката револуција.Пролетерите нема што да изгубат освен своите окови . А ќе го добијат сиот свет. ПРОЛЕТЕРИ ОД СИТЕ ЗЕМЈИ, ОБЕДИНЕТЕ СЕ.