Политичката (не)култура во Македонија – трет дел

Втор дел од колумната: https://lenka.mk/columns/politichkata-nekultura-vo-makedoniјa-vtor-del/

Пишува: Кристијан Димков

Политичката култура во Македонија во пракса

Во однос на тоа каква е политичката култура во Македонија, има голем број на истражувања извршени од различни институции, дел од граѓанскиот сектор дел од академскиот. Иако сите истражувања што ги разгледував за потребите на овие колумни имаат различни елементи во нив и се издадени во различни години, сите имаат сличен заклучок: Македонските (политички) вредности, идеали и норми се спротиставуваат на демократското уредување на една земја. Односно иако Македонија се декларира како демократска држава, традиционалноста на нашето општество постојано „испливува“ на површина. 

Конкретно, „иако граѓаните имаат став дека новиот (повеќепартиски) политички систем е добар и нуди повеќе можности, нивен најголем авторитет останува Господ/Алах, во сите истражувања направени на оваа тематика, религиските институции уживаат најголема доверба кај граѓаните, независно од религиозната припадност. Односно, иако Македонија се декларира како секуларна држава во која црквата/религијата нема голема функција во политиката, во пракса тоа е далеку од вистината, типичен пример за ова видовме во врвот на короната кога тогашниот претседател на Исламската Верска Заедница (ИВЗ) ја прогласи короната за „умрена“, Македонската православна црвка (МПЦ) извршуваше литургии и граѓаните се „причестуваа“ од една лажица и слични верски обреди. Последно директорот на Агенцијата за управување со одземен имот „подари“ комбе на џамија во Арачиново. Како и се разбира неверојатниот факт дека МПЦ има своја градежна фирма преку која врши градежни активности на проминентно место во центарот на Скопје.

Друг сегмент кој покажува дека политичката култура во Македонија е далеку од демократска е со фактот дека во Македонија постојат и просперираат целосно етничко поделени политички партии. Односно кај нас на секои избори се прави поделба на „Македонски“ и „Албански“ етнички блок, каде што граѓаните и од македонска и од албанска етничка припадност, континуирано гласаат за етничко македонски или етничко албански партии. Во некои изборни единици, единствената дистинкција што се прави кога се заокружува гласачкото ливче е „кој е македонец, а кој е албанец“. Поради ова, карта на која партиите воопшто, а особено албанските партии континуирано играат, е картата на национал – шовинизам и етнотрибализам, па и сецесионизам (ние против нив).

Идејата за мултикултурализамот пренесена преку теоријата на т.н сад од салата (salad bowl) која опишува хетерогено општество во кое луѓето коегзистираат, но задржуваат барем некои од уникатните карактеристики на нивната традиционална култура во Македонија се покажа како неуспешна. Според теоријата како состојките на салатата, различните култури се здружуваат, но наместо да се спојат во една хомогена култура, ги задржуваат своите посебни вкусови, на пример во Скопје, имаме повеќе општини каде што живее доминантно македонско население, општина каде што живее доминантно албанско население и општина каде што живее доминантно ромско население, со многу мало меѓусебно мешање. Оваа теорија во пракса во македонското општество се покажа како погубна, односно,  да во моментот носи кон помал број на етнички конфликти, но тоа е бидејќи македонските, албанските, ромските итн. граѓани многу ретко стапуваат во контакт во нивниот секојдневен живот. Ова има голема улога врз политичката култура, нешто што и истражувањата го покажуваат имено како што вели еден од истражувачите „во однос на заедничкото живеење Македонците и Албанците се согласиле дека тие всушност и не сакаат да живеат заедно“. 

Последно нешто за кое ќе говорам во овој дел од колумната претставува веберовскиот тип на власт кој е претпочитан од македонското општество, односно харизматскиот тип на власт. Македонија од нејзиното формирање како држава во рамките на СФРЈ, континуирано гради култ на личноста, од Јосип Броз Тито, Бранко Црвенковски, го достигна својот врв Никола Груевски и го започна својот пад со Зоран Заев. Оваа харизматска власт е толку моќна што и покрај долгогодишното отсуство/бегство од државава и многубројните криминални афери, во последните анкетни истражувања за перцепцијата на граѓаните, Никола Груевски е политичарот со највисок рејтинг. Сето ова заедно, грубо кажано, дава слика на еден полудемократски режим, кој не се грижи премногу за граѓаните, со нестабилни меѓуетнички односи, особено меѓу Македонците и Албанците, режим во кој граѓаните повеќе веруваат во Господ/Алах отколку во политичките лидери.

Во нареднииот дел овој серијал ќе пишувам за политичката апатија како најпогубен показател за политичката култура во Македонија.

Последен дел: https://lenka.mk/columns/politichkata-nekultura-vo-makedoniјa-chetvrt-del/

Последно