Политичката (не)култура во Македонија

Пишува: Кристијан Димков

Политичката култура претставува еден од најважните но најчесто занемаруваните делови од целокупниот политички па и општествен мозаик не само кај нас туку секаде во светот. Делумно тоа се сведува на нашето секојдневно разбирање на поимот „култура“ кој во секојдневниот дискурс се сведува на тоа дали некој кажува добар ден кога го сретнувате на улица и слично, ова е можеби попознато како негација „тој нема ни општа култура“, аспект кој иако се разбира влегува во поширокиот феномен познат во општествените науки како „Култура“ е далеку од единствениот.

Но според мене најважен дел во политичката култура во Македонија игра оправданиот цинизам кој граѓаните во Македонија го чуствуваат кон политиката како поим и како пракса, доаѓајки до тој степен што за најпаметно еден млад човек што може да го направи е „да не се меша во политика“. Се ова претставува една намерна мистификација на политиката и што таа претставува од страна на политичките елити во земјава со цел креирање една политичка култура која понатаму подготвува плодна почва за манипулација со граѓаните.

Затоа овој мој серијал ќе го започнам со дефинирање на поимите кон кои сите го имаат односот на „сакам кажам не знам речам“ т.е имаат претстава што се ама не знаат да ги објаснат како и во понатамошните делови целосна и темелна разработка на истите.

Што е политика

Ако се постави ова прашање на обичен човек во македонски па и светски рамки, ќе се добијат одговори недолични за да ги пренесам во оваа колумна во нивната оригинална форма. Но дефинитивно би орбитирале околу песната на популарниот бенд од Босна и Херцеговина “Dubioza Kolektiv“, Brijuni, во која велат дека „Политиката е К****“. Или слични такви изрази дека политиката е „проститутка“, „превртлива“, „перење на пари“, „криминал“ итн. Иако сите овие размислувања се легитимни и разбирливи, тие не се поврзани со самата концепција на политиката туку со нејзината современа манифестација. Зборот политика во современите јазици своите корени ги влече од старогрчки, односно Politea (на македонски јавен поредок, устав) и polis што како што е познато на македонски се преведува како град-држава. Според Sociology journal политиката претставува: „Уметноста на практикувањето на моќта; комбинација на поединци или партии (групи) кои носат одлуки кои влијаат на другите и институции (т.е. влада, правен систем, војска, полиција) кои владеат врз основа на тие одлуки.“ Односно за политиката се вели дека претставува активност на водењето и управувањето на општеството во неговата целина (тоталитет).

Политиката  првично се јавува како решение на различностите во одредено општество, или пак со други зборови „Политиката е манифестација на општествената диференцијација и на врз таа основа, настанатата разнообразност, … Колку помалку разнообразност, разлики и од нив произлезени спротивности, спорови и конфликти = толку помалку политика“. Односно во превод, ако сите луѓе во едно општество се исти (имаат исти барања, потреби и сл) нема политика. За да се јави политиката потребни се повеќе критериуми, имено индивидуите во едно општество да се разнообразни (различни) и еднакви истовремено (во однос крал – закрепостен селанец на пример, нема политика). 

Според мене, бидејќи политиката претставува начин на водење и управување на општеството, а основна претпоставка на политиката е сите луѓе да се еднакви, фрустрацијата кај граѓаните доаѓа (во едно општество што се декларира како демократско) од фактот што не се еднакви и немаат и како што е поставена „играта“ не ни можат да имаат еднаков удел во политиката, односно во водењето на државата. Бидејќи владата не претставува „слуга на народот“ туку „слуга на капиталот“ и во голема мера сите „демократски влади“ и влади општо во светот се плутократски по природа, се поголемата политичката апатија кај граѓаните ширум светот не претставува никакво изненадување, напротив претставува нормален последователен ефект на лажното демократско општество во кое живееме. Овој аспект е во Република Македонија особено истакнат и се забележува во политичката култура која ние ја негуваме.

Политичка култура

Како за секој така и за политичката култура феномен во општествените науки постојат огромен број на дефиниции и сфаќања за еден поим. Полемиките во однос на тоа што е политичка култура се слични по големина и по содржина како и полемиките во однос што е култура. Дефинирањето на поимот култура е толку проблематично што Рејмонд Вилијамс, еден од најпознатите социолози на културата изјавил дека посакувал никогаш да не го слушнал „проклетиот збор“. 

Според едни автори, културата претставува збир од симболи, според други културни творби (со акцент на материјалните аспекти на културата). Друго видување е дека културата се препознава како специфичен образец на однесување. Најсеопфатна и најмногу прифатена дефиниција е дека: „Културата е составена од вредностите, верувањето, однесувањето и други карактеристики што се заеднички за членовите на одредена група или пак на цело општество“. Ако се водиме по оваа дефиниција, лесно може да видиме како политичката култура се вклопува во самиот концепт на културата од социолошки, политолошки и антрополошки аспект.  

Кога станува збор за дефинирање на политичката култура, исто така се забележуваат голем број на обиди за прецизирање на самиот поим, на пример Синди Верба ја дефинира политичката култура како систем од уверувања, експресивни симболи и вредности со кој се определува политичкиот процес. Габриел Оломонд политичката култура ја определува како „образец на индивидуални ставови на членовите на политичкиот систем кон политиката“. Ле Пје, во Енциклопедијата на демократијата, политичката култура ја дефинира како „оној дел од општата култура на општеството кој е сосредоточен околу сфаќањето на начинот на кој моќта и власта оперираат во принцип и во стварност“.

Од овој плурализам од дефиниции можеме да заклучиме дека политичката култура претставува неодвоив дел од самата култура на едно општество, и го објаснува ставот на индивидуите кон водењето на државата, односно нивниот однос кон и во политичкиот систем.

Во наредниот дел од оваа можеби малку предолга колумна јас ќе се обидам да ги објаснам главните модерни теории за политичката култура и како тие се совпаѓаат во современото македонско општество.

Втор дел: https://lenka.mk/columns/politichkata-nekultura-vo-makedoniјa-vtor-del/

Последно