Поимот „Диктатура на пролетаријатот“ во современите концепции на комунистичките партии

Пишува: Никола Петров – член на ЦК при политичката партија Левица

Една од основните функции на диктатурата на пролетаријатот е одбраната на социјалистичкиот систем од реставрација на капитализмот.

И заправо таа одбрана која имплицира „насилство“ над развластената класа, во добар дел го одредува поимот „диктатура“ на работничките партии.

Спрема тоа, се поставува прашањето: дали се исклучуваат една со друга социјалистичката парламентарна демократија и диктатурата на пролетаријатот?

Во права смисла, комунистичките партии не можат да се одречат од диктатурата на пролетаријатот а со тоа не го исфрлат и автентичното марксистичко учење за државата.

Ако во социјалистичката држава задржувањето на власта се манифестира како диктатура на пролетаријатот, во буржоаската држава, во капитализмот, тоа е диктатурата на капиталот за задржување на капиталистичките односи.

Акцентот и во двата случаи паѓа на класниот карактер на државата.

Механизмот на државните и политичките институции, организирани за развивање или за ограничување на правата на граѓаните, функционираат во крајна линија со интересите на владејачката класа.

Демократијата во капитализмот е пред се демократија за буржоазијата, а во социјализмот пред се за работничката класа.

Диктатурата во капитализмот е пред се наменета против работничката класа, додека диктатурата во социјализмот е наменета против развластената капиталистичка класа.

„Секоја држава, и она со која раководи буржоазијата и она со која раководи работничката класа, е диктатура. Секоја држава е диктатура.“ – спрема Грамши.

Таа теза е точна и ќе остане непроменета се додека постои класно општество.

Додека, разграничувајќи ја од антидемократските режими и тираниите од фашистички тип, тој изјавува: „Диктатурата за која ние зборуваме е сосема друга работа, таа е принципиелно проширување на демократијата. Тоа е доаѓање на чело на државата на нова владеачка класа, работничка класа соединета со целиот работен народ.“

Според марксистичката теорија за државата, се оди од следниве претпоставки:

Во државата, без обзир колку различни форми може да има, основното прашање е кој ја има власта, кој ја практикува, која општествена класа, која класа одлучува и има раководна позиција. Власта која ја поседува една општествена класа, марксистичките класици ја нарекуваат диктатура, и во склад со тоа говорат за диктатура на буржоазијата или диктатура на пролетаријатот. Во таа смисла секоја држава, дури и најдемократската, во основа е диктатура на една или друга класа.

Последно