Пишува: Претседателскиот кандидат на политичката партија Левица, Проф. д-р Билјана Ванковска

Моментов, по соопштувањето на одлуките на Европскиот совет за 2023 година, по малку наликува на Букурешт 2.0 од 2008-та. Пред токму 15 години, Македонија доживеа шлаканица на самитот на НАТО, на кој требаше да добие полноправно членство заедно со Хрватска и со Албанија. Нашата делегација, предводена од двајца луѓе што не сакаа очите да си ги видат (Груевски како премиер и Црвенковски како претседател), си замина демонстративно. Дома стигнаа со дигната глава, но нацијата беше во траума. (Подоцна траумата ќе биде употребена во политичката борба). Зошто траума? Затоа што некои шегобијци и манипуланти ја имаа убедено дека без НАТО нема ЕУ, а без ЕУ нема живот. Се чинеше дека сите бродови ни потонале (иако, за волја на вистината, едвај и да имаме бродови како земја со неколку езера, кои пресушуваат).
За разлика од тогаш, циркускиот и фактички геополитички пресврт до кој дојде на овој последен самит на ЕУ (со молскавично отворање преговори со Украина и Молдавија) како да се доживува со помалку траур, а со повеќе смисла за хумор – на своја сметка (што е добар знак за менталното здравје на нацијата). Хуморот е всушност повеќе на сметка на оние „вождови“ – слепци, како излезени од сатирата на Радоје Домановиќ, кои дури и кога „најсексипајл лејди ин д ворлд“ (во лошиот англиски на Заев, најсексапилната дама на светот) нè изневери со нов љубовник/љубовници и натаму размислуваат со „долната глава“. Типично за пубертетлии и луѓе недораснати на позицијата. Не ми е намерата да бидам вулгарна, но тоа се логиката и реториката на овие алфа-мажјаци, кои последниве години се отепаа од зборување за неодоливиот сексапил на лејди Европа (тоа е онаа истата за која своевремено пишуваше покојниот професор Ѓорѓи Марјановиќ, потсетувајќи нè на народното творештво уште од Илинден 1903, кое не беше полно со хормони, па ја виде како што таа вистина е – бриселска/вавилонска блудница).
Тие „лидеришта“ без алтернатива отворено зборуваа како се коцкале со националните интереси на народот – играле all in (во коцкарскиот речник, кога ставаш сè на една карта)! Ах, да не заборавиме дека не толку одамна, оној што се нарекува премиер (уште кратко време, до душа, додека не дојде генералисимусот Таљат) среде Виена зборуваше за тоа како имал „јајца“ (balls) – т.е. за мажествената храброст со која тој носел „државнички“ одлуки. Овие се или заблудени синови по бојата на еврата или на фатаморганата на Унијата, која не постои во стварноста, или имаат сериозни когнитивни проблеми, вишок хормони и/или интелектуална инсуфициенција (да не речам, глупост). Ако не е до тоа, тогаш ќе треба да ги обвиниме за корупција! Како и да е, водени од некакви (еротски) нагони, страст, лукративна заслепеност, нè доведоа до – никаде! Каскаме зад држава во војна и со невиден степен на корупција, но и зад најсиромашната и најзапустена државичка – двете без суверенитет врз целата територија.

Иако мудри лидери ќе имаа опција, сепак можеби токму ова е точката во која ќе почне преиспитувањето на сето постојно (со речникот на Маркс), сето она што се сметаше за безалтернативно, па и свето. Само така ќе се создаде слободен простор за размислување како да се сврти нова страница; оваа на која се наоѓаме не само што нема среќен крај, таа воопшто и нема крај – туку е агонија без крај. Би му се чудела на дел од народот (гласачите), кои на неранимајковци и амбасадори повеќе им веруваат отколку на својот празен џеб и гладен стомак, на ограбената и распродадена земја (од почва, до ресурси, кои ги копаат „Бехтел и Енка“, па до „Чебрен“ и водите со кои располагаме), да не беа „елитите“. Една цела интелектуална и политичка (секако и невладина и медиумска) „елита“ постојано џавка за европски вредности, па дури со некаква чудна (зло)радост го „лови“ секое прекршување на Лисабонскиот договор и другите акти на ЕУ („аки“-то) за да докаже дека и сексапилната ЕУ знае да згреши, а дека ние сме поголеми Европејци од Европејците. Или барем од некои нејзини членови, наши соседи… Простете, ама тешко е да се разбере тој мазохистички евроцентризам, небаре ЕУ е центар на светот и цивилизацијата (а ЕУ дури не е ни цела Европа), а таа истовремено те деградира и сместува во некакво валкано балканско гето. Тој темен предмет на желбата/страста е оној што наместо да поттикнува на акција, всушност го елиминира секое рационално промислување и водење на внатрешната и надворешната политика во сопствена полза.
Дали овие ликови што се коцкаат со нашите национални вредности, културно наследство, идентитетски особености, традиции, па дури и со корифеите на ослободителните движења (со нашите прадедовци/прабаби, дедовци/баби и татковци/мајки) се чувствуваат малку непријатно во моментов додека ја голтаат „жабата“ наречена Украина плус Молдавија плус Грузија? Како ли сега ова ќе го објаснат? Измислуваат начини како ќе ја сменеле преговарачката рамка (јаремот што ни го наметнаа), а сега треба да најдат начин да го сменат и геополитичкото чудовиште во кое се претвора нивната сакана ЕУ. Иронично, таа ЕУ се шири, ама во нејзиниот геополитичкиот мев, а не во онаа смисла што тие ја ветуваа (благосостојба, мир, соработка).

Ви текнува кога велеа дека мораме да влеземе во НАТО зашто тоа бил единствениот пат кон ЕУ? Еве, Украина потенцијално може да го стори тоа, и без НАТО (НАТО ја брани, а ЕУ буквално ја храни). Ви текнува кога велеа дека патот до Брисел водел преку Охрид и Зајас? Па потоа преку Атина и Софија? Сега изгледа води преку Киев и Кишињев. Читајќи анализи и други реакции во врска со геополитичката трансформација на ЕУ, во најгрдата смисла на зборот, наидов на наслов „Назад кон иднината за проширувањето на ЕУ: Што може Украина да научи од Западен Балкан“. Прснав од смеа, бидејќи точниот наслов треба да гласи: „Што може Западен Балкан да научи од Украина?“. Ѓаволот одамна ја однел шегата, а на кутрата Украина нема на што да ѝ се завидува – девастирана од војна што Западот не сака да ја прекине по ниту една цена, па дури и бара од неа да победи сила како Русија!
„Креативноста“ на Европскиот совет се покажа на дело, кога се сака, сè се може. Шолц и Макрон го испратија Орбан на мочање или на кафе, веќе не се сеќавам, ама тоа била „конструктивна апстиненција“, која им овозможи да одглумат „едногласност“. Изгледа грчките и бугарските лидери не одат во тоалет (стискаат, со благослов на ЕУ) кога се одлучува за Македонија, а ЕУ самата беше јавен тоалет кога се носеа одлуки од типот на неславната Лисабонска декларација. Место за завидување нема: Украина нема никогаш да влезе во ЕУ, или ќе влезе кога и Турција или турскиот дел на Кипар (мало сутра). Ова пригрнување во Унијата и тапкање по рамото на Зеленски не е ништо друго туку обележување територија (како што го прават тоа кучињата, нема потреба да ви опишувам попрецизно); праќање порака на „силите на злото“ (Русија и Кина), дека коската е нивна – макар и крвава.
Сега кога предизборно се формира проевропски фронт, лично заземам инаков став: не сакам мојата земја да биде пион во бескрупулозна геополитичката партија шах, пион што во секој миг може да биде жртвуван за кралица (за нивните западни интереси). Овој предвоен западен поредок веќе нема убави вести за споделување, а ЕУ-проширувањето е само еден вид паравоена регрутација. ЕУ е филијала на НАТО, па дури и едно Косово се фали што ќе издвојува 2 отсто од својот бруто-домашен производ (од својата сиромаштија) за подготовки за НАТО. Во сенка на другите одлуки од самитот, остана онаа за Газа – ЕУ е на страна на геноцидот! Тоа е сè што треба да знаете за сексапилната блудница, која со поддршката за Израел си ги пере злосторствата од нацистичкото минато, поддржувајќи профашистичка власт и геноцид без око да ѝ трепне. Јас во таква ЕУ не сакам, дури и да ни го вратат името, а бугарскиот премиер да го пратат во тоалет кога ќе се одлучува за почеток на (бескрајни) преговори, кои ненужно ќе завршат со членство. А ако навистина сметаме дека за Македонија (и за Балканот) нема живот без ЕУ и НАТО, тогаш и не заслужуваме суверенитет – ни државен ни народен.

По сите карактеристики (социоекономски, надворешнополитичка зависност, културна деградација и дискриминација, колонизација, експлоатација итн.) ние припаѓаме на глобалниот југ. И во тоа нема ништо ни срамно, но бедно. Ние сме заборавиле и да се почитуваме себеси, наметнувајќи европски одори и мириси за да се покрие мирисот на земјата, нането, запршката, потта… А Југот се буди, застанува на нозе додека ние коленичиме и виткаме ’рбет. Кога би имале вистинска дипломатија и надворешна политика, сега би се заинтересирале за БРИКС и за Движењето на неврзаните. Да ја оставиме ЕУ да се реформира, да ги заврши игрите без граници, да се справи со механизмите за санкционирање со членките што го кршат владеењето на правото итн. И конечно, да ги оставиме да завршат со своите избори, на кои се можни нови изненадувања. А ние да се свртиме прво кон самите себе, да се погледнеме во огледалото, да видиме како да избегнеме вождови слепци, кои не гледаат подалеку од носот и од своите „болс“. Зошто нам ни требаат разум, чувство за самоинтерес, но и емпатија и интернационализам. Напред се чекори само со ум и визија создадени од logos, не со libido.

Колумната прв пат објавена на 18 декември 2023