Пишува: Никола Петров координатор на сектор земјоделие и член на централниот комитет при политичката партија Левица
Пристап до вториот дел: https://lenka.mk/columns/neuspeshnosta-na-neoliberalniot-ekonomski-model-vo-svetot-so-osvrt-na-makedoniјa-vtor-del/
Неолибералниот модел во многу држави низ светот е воспоставено преку државни удари, војни, санкции и уништување на дотогашните домашни пазари.
Настаните кои следуваа после неолибералните реформи донесоа до имотна нееднаквост во целиот свет и големи разлики во распределбата на доходот и концентрација на богатството, што доведе до економски и социјални последици.
Пример за државни удари со огромен број на жртви и материјална штета имаме во Латинска Америка. Во сите овие земји увозот го заменува домашното производство и стануваат увозно зависни, и така се уништува домашната индустрија и земјоделството.
Во Латинска Америка во текот на 80-тите и 90-тите е извршена најголемата приватизација, дерегулација и либерализација.
После спроведувањето на овие неолиберални реформи, почнуваат најголемите финансиски кризи, најпрво во Мексико(1994), Бразил(1999), Еквадор(2000), Аргентина и Уругвај(2001). После голем број на протести во овие земји иницирани од противниците на неолиберализмот, владеачките партии ја напуштаат валаста, некои бегаат во странство, а некои го напуштаат неолибералниот концепт и ја оживуваат економијата, ја намалуваат невработеноста и го подобруваат животниот стандард. Овде се истакнуваат со успех Чиле, Бразил и Аргентина.
Пример Чиле. Поради нарушени приватни интереси на америчките капиталисти во Чиле, 1973 год е извршен државен удар и убиени се претседателот и голем број на население од страна на генералот Пиноче, кој со помош на САД воспоставува диктатура во земјата. Со овој преврат почнува да се спроведува либералниот нерегулиран капитализам, односно неолиберализмот, од страна на група чилеански економисти кои студирале на универзитетот во Чикаго од т.н чикашка школа под водство на Милтон Фридман.
Шок терапијата во Чиле е спроведена во 80-тите и значеше приватизација, дерегулација и либерализација. После две години од неолибералните реформи во Чиле доаѓа до нагло зголемување на невработеноста и инфлацијата. Тоа доведува до уште поголемо намалување на јавната потрошувачка во социјалните програми и уште повеќе зголемување на приватизацијата. 1982 година доаѓа до крах на чилеанската економија.
Со напуштањето на неолиберализмот 2000-тите години, доаѓа до оживување на економијата, зголемување на растот и развојот, земјата спроведува социјалдемократска политика по примерот на скандинавските земји.
Распадот на СФРЈугославија и почетокот на неолибералните реформи.
По примерот на земјите од Латинска Америка каде насилно е инсталиран неолибералниот капитализам, истото но со помош на братоубиствени војни е направено и во Социјалистичка Југославија. Во бившите ЈУ земји се инсталираат странски експерти кои треба со помош на домашните послушници да ги спроведат реформите кои ги наложуваат меѓународните финансиски институции ММФ, Светска банка и да се отвори економијата за странските инвестиции.
Овој дел од нашата историја е познат како најболниот дел од независноста наваму и се вика транзиција, која опфаќа транзициски реформи за брз премин од самоуправен социјализам во неолиберален капитализам.
Транзицијата во Македонија е спроведена од партијата на власт СДСМ, која е правна наследничка на СКМ, односно нивната црвена буржоазија. (Транзиција – поим кој и ден денес ми прави ужасна мачнина во стомакот). Паралелно со неолибералните реформи се спроведува и процес на стабилизација и асоцијација со ЕУ, два процеси кои не се исклучуваат помеѓу себе.
Во Македонија во 1993 година е донесен Закон за трансформација на општествениот капитал, и се случува невиден грабеж на општествениот и државен капитал, грабеж на заштедите на работниците од банките и штедилниците. Се обезвреднува имотот, фабриките, земјоделските задруги кои се во сопственост на работниците, се со цел брзо да се распродадат и приватизираат по ниски цени од страна на нивните директори и политичари од владеачките партии. Се проценува дека имотот кој е украден е во вредност од неколку милијарди евра.
Се воведуваат даночни реформи и се либерализира увозот. Доаѓа и до девалвација на денарот во однос на марката, каде преку ноќ таа пораснува од 27 на 31 денар за една марка. Невработеноста оди до небо со над 35%, и сиромаштијата почнува да тропа на врата на секој работник и земјоделец. Слики од оваа црна дупка во историјата на Македонија се секојдневни протести и штрајкови на работничката класа, но за разлика од Латинска Америка каде народот ги симнуваше од власт корумпираните неолиберални власти, овдека тоа за жал не се случи.
Највисок процент на невработеност од 37,3%, Македонија достигнува во 2005 година,(според извори од Светска Банка). Со либерализацијата во Македонија доаѓа до зголемен увоз на странски производи и услуги, и тоа покажува дека националната економија станува неконкурентна. Така доаѓа до зголемување на надворешно трговскиот дефицит.
Увозот во 2000 година од 1.781 милијарди долари се зголемува во 2012 на 6.513 милијарди долари, додека извозот за истиот период изнесува 1.243 во 2000 до 4.421 милијарди долари во 2012 год, (според Светска Банка). Буџетскиот дефицит како појава во која расходите на државната каса се поголеми од приходите се неурамнотежени и секогаш имаме дефицит на пари во буџетот.
Спрема кејнзијанската капиталистичка теорија во случаи на рецесии и депресии државата треба да води политика на буџетски дефицит, односно да троши пари кои ги нема, и да ја стимулира јавната потрошувачка, да ги зголемува јавните расходи и да финансира економски проекти со што ќе доведе до зголемување на производството и потрошувачката. По оваа теорија тие дефицити се добри на краток рок и не треба да бидат трајни.
Додека според неолибералната теорија, власта треба да води урамнотежена политика, односно буџет, и да не ја подига јавната потрошувачка бидејќи тоа е погрешно. Буџетскиот дефицит се надополнува со кредити од странските приватни финансиски корпорации, и долговите на државата континуирано растат.
Корумпираните власти покажаа дека освен имотот тие можат слободно да крадат и од парите на државните обврзници, а тука парите од буџетот секогаш беа интересен плен. Се трошеа пари на коруптивни тендери, сомнителни проекти кои се претплатуваа во нивната вредност, се градеше неквалитетно и неодговорно, а најчесто работите ги добиваа фирми блиски до власта со кои го делеа колачот-профит.
Крајот на 90-тите, поточно во 98 год., во Македонија на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ, партија која преку својот лидер Љубчо Ѓоргиевски ги доби изборите ветувајќи му на народот ревизија на целата криминална приватизација направена претходно, враќање на имотот на народот, заживување на економијата и благосостојба на граѓаните. Како поминуваше времето, ништо од ветувањата не се исполнија, а на економски план се продолжуваше со приватизација и во следните години.
Најзначајни од овој период од почетокот на 2000 тите, се приватизациите на најголемите македонски компании, а тие се: Окта, ЕСМ, Телеком, компании изградени со парите на граѓаните. За пример, овие компании за сите овие години имаат направено милијарди евра профити од македонскиот народ, пари кои се извлечени од земјата и поделени на нивните менаџери, директори, акционери, инвестирани во нивните матични држави.
Спрема Светска Банка, нееднаквоста помеѓу богатите и сиромашните во целиот регион на Западен Балкан се намалува во периодот од 2005-2008 за 2% од 38,9% на 36.6%, но со појавата на светската финансиска криза и рецесијата од 2008, таа повторно се зголемува, со што се докажува тезата дека во услови на финансиски кризи и рецесии сиромашните дополнително осиромашуваат, а богатите стануваат побогати
Пристап до следниот дел: https://lenka.mk/columns/neuspeshnosta-na-neoliberalniot-ekonomski-model-vo-svetot-so-osvrt-na-makedoniјa-posleden-del/