Пишува: Никола Петров координатор на сектор земјоделие и член на централниот комитет при политичката партија Левица
Пристап до третиот дел: https://lenka.mk/columns/neuspeshnosta-na-neoliberalniot-ekonomski-model-vo-svetot-so-osvrt-na-makedoniјa-tret-del/
Во 2008 година дојде до првата сериозна Светска финансиска криза. Како резултат на неолибералната политика, богатството на супербогатите се зголеми, средната класа полека исчезнуваше, а сиромашни имаше се повеќе. Се случи голема концентрација на пари и моќ, а во сето тоа влијание имаше и политиката на даноци.
На пример во Македонија во 2007 год., тогашниот премиер Груевски воведе рамен данок од 10%, со цел да се биде поатрактивен кај странските инвеститори. Ова значеше дека сите и богати и сиромашни ќе плаќаат ист данок. Али овој данок за богатите беше како награда, така што тие богатството се повеќе си го зголемуваа, а сиромашните осиромашуваа. Тотално погрешната даночна политика доведе до зголемување на нееднаквоста кај населението. Најпозната максима на премиерот Груевски од тоа време е кога при барањето на странски инвеститори, работничката класа ја нудеше како ефтина работна сила, нешто како ефтина и половна стока на пазар. При вакви услови, работничката класа неможеше со плата да преживее од први до први, па граѓаните беа принудени да го дополнуваат својот приход со кредити од нерегулираните банки, и долговите кај населението континуирано растеа. Овој е периодот и на најголемиот егзодус на работничката класа од Македонија, кадешто стотици илјади работоспособно население ја напушти државата во потрага по подобар живот. Интересен е фактот дека последните години доаѓа до тренд на иселување и на високо образовано население, стручни кадри, финансиски ситуирани лица, кои се иселуваат не поради сиромаштија и немање на работа, туку поради се полошиот амбиент за нормален живот во земјата. Причините се честите политички кризи, истрошените политичари кои со декади ги гледаме на политичката сцена и кои ја донесоа државата на дното, неможност да се понудат нови визии, корупцијата и непотизмот, партиските вработувања, дискриминацијата, немањето на правда, неквалитетните државни услуги, намалениот квалитетот на општествениот живот…
Како траеше светската економска криза, неолибералите бараа земјата да ги санира банките и големите компании кога ќе влезат во проблеми и губитоци (бидејќи тие се преголеми за да пропаднат), да ги покрие со пари од даночните обврзници (ова беше пример во САД од 2008год).
Од 2008 година до денес преовладува мислењето дека главна причина за економската криза е неолибералниот економски модел. Се покажа немоќта на економската наука да ја предвиди кризата, а со тоа ни наредните случувања во периодот што следуваше, ниту покажа инструменти како да се излезе од самата криза, (според Krugman,2010). Спрема Dimitrijevic I Djosevic (2013), постојат неколку клучни причини за кризата. Една од тие е: дека во последните 20 години, повеќето нобеловци – економисти кои се наградени, нивните трудови не се емпириски тестирани и научно верификувани потврдени во пракса како вистинити. Прочуениот економист и добитник на нобелова награда за економија од 1970 год., Пол Самјуелсон, на почетокот на кризата истакнал дека кризата покажала дека пазарот неможе сам да се регулира без влијание на државата и дека спроведувањето на неолибералниот концепт е тотално погрешно. Штедењето ги намалува платите и цените, потрошувачката се намалува, компаниите ќе мораат да отпуштаат работници, со што уште повеќе ќе се намали побарувачката и животниот стандард, а политичките мерки ќе бидат зголемени репресивни мерки поради страв од побуна на сиромашните. САД ќе бидат првите кои ќе се соочат не само со протести и граѓански нереди туки и со класна војна.
Голем дел економисти сметаат дека секоја земја која го прифатила неолибералниот концепт, западнала во криза, додека земјите кои го напуштиле Русија, Латинска Америка или земјите кои никогаш не го прифатиле постигнале одлични резултати на економски план. Како најголеми пристапници на овој концепт САД и Велика Британија, истите најмногу ги погоди кризата. Ниту земјите од ЕУ не беа поштедени од светската криза, а најпогодени беа Грција, Италија, Шпанија, Португалија, Бугарија, Исланд и др., како и земјите од Западниот Балкан. Додека земјите кои никогаш не прифатија неолиберален концепт Кина и Индија, релативно затворени економии, со мал дел приватизации, политички диригирана и регулирана економија, слаба фискална дисциплина, остварија одлични економски резултати и наметнаа водечки улоги во светската економија. Денес тие земји се наречени БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка). Во наредната декада се очекува Кина да ја има водечката улога во светската економија.
Македонија која очекува преговори со ЕУ, останува слеп патник на патот кон иднината, слепо следејќи и спроведувајќи ги неолибералните реформи кои се наметнати од ЕУ и другите меѓународни финансиски институции. Оваа политика во иднина ќе донесе се повеќе намалување на влијанието на државата во општествениот и социјалниот живот на народот, ќе има се повеќе намалување на: здравствените услуги, квалитетот на образованието, социјалната помош, заштедите во колективниот пензиски фонд; и се повеќе како нивни така и приватизации на јавните добра. Интересот на народот ќе биде занемарен за сметка на интересите на странските капиталисти. Овој период ќе биде познат како нова колонијална доба или неоколонијализам.