Пишува: Претседателскиот кандидат на Левица – Проф. д-р Билјана Ванковска
Идната недела ќе се одбележи (или премолчи) 25-годишнината од НАТО-интервенцијата врз тогашната СР Југославија. Но, колку и да се ревидира историјата, некои од нас не само што паметат туку и немаат страв да ја кажат вистината. Со тој чин, преземен без одлука на Советот за безбедност на ООН, Алијансата им зададе фатален удар на темелите на меѓународното право. Не дека дотогаш тоа функционираше којзнае колку добро, но воздушната кампања требаше на светот да му прати порака за униполарниот момент, односно хегемонијата на САД/Западот. Имав можност да го посетам седиштето на ОН во Њујорк три години подоцна, па во момент на искреност, првиот човек одговорен за „чување на мирот“ призна дека пролетта 1999 година, сите во таа огромна зграда на Ист Ривер верувале дека дошол крајот на Повелбата и поредокот што таа го постави/замисли. Во тоа време НАТО го славеше и својот 50-ти роденден, и тоа во Вашингтон. Во роденденската еуфорија, НАТО си додели глобална улога на операции „надвор од својата територија“, а во име на божемна заштита на човековите права. Тоа Ноам Чомски со право ќе го нарече „нов војнички хуманизам“, а подоцна и „хуманитарен империјализам, нова доктрина на империјалната десница“. НАТО излезе од рамките на својот Статут, вршејќи напад врз суверена држава што не беше закана ниту за Западот ниту за НАТО, а уште помалку за светскиот мир и безбедност. (Патем, неколку земји членки на Алијансата во таа пригода ги повредија и своите устави.) Но, во услови кога глобалните односи на моќ им го овозможуваа тоа, западните сили се прогласија за најправедни и најповикани да дејствуваат каде што ќе посакаат и кога ќе посакаат, а легитимитетот (т.е. оправданието за своето империјално однесување) го крстија како доктрина „одговорност да се заштити“. Со други зборови, секогаш и секаде кога тие ќе оценеа дека граѓаните се под терор или насилство на својата влада, Западот имаше „морална одговорност“ да дејствува. Навидум хумано, но во стварноста тоа беше само отворање на портите на пеколот за цела низа држави во кои САД го бранеа својот „национален интерес“ (покрај глобалниот, божем хуманиот). НАТО (читај, САД) застана/а над меѓународното право и моралот, па, така, и не беа повикани на одговорност за воените злосторства врз цивили и цивилни објекти. Циничниот израз „колатерална штета/жртва“ влезе во речникот преку портпаролот Џејми Шеа, кој секојдневно ја информираше јавноста и изразуваше жалење за евентуалните „грешки“ (меѓу кои и еден конвој од деведесетина косовски Албанци, кои по грешка беа бомбардирани). Сè досега неколку остатоци од разурнатите згради среде Белград сведочеа на случувањата од таа кампања. Но, ете, нештата се менуваат, па најновата вест е дека една од тие (преостанати) згради споменици, и тоа таа на Генералштабот, ќе им биде предадена за „ревитализација“ на неколку американски фирми (поврзани со семејството Трамп).
Со падот на Берлинскиот ѕид и распуштањето на Варшавскиот договор (заедно со распадот на СССР), наместо да дојде до користење на т.н. мировна дивиденда и демилитаризација, НАТО ја искористи секоја шанса за да опстане – и да се прошири. Во интерес на воено-индустрискиот комплекс, кој во меѓувреме прерасна во воено-индустриски-медиумски-академски комплекс, т.е. во сплет на актери и сфери што профитираат од сеење страв и милитаризам.
Што би рекол Варуфакис: прво создаваат безбедносни закани и страв, па потоа нудат да ве заштитат од нив, со ваши пари. Тоа е суштината на НАТО. Но, сметката дома и на пазар не е иста, па во меѓувреме, заедно со походот на разурнување цели држави како кула од карти (Авганистан, Ирак, Либија, Сирија, а сега и соучесништво во геноцидот во Газа), другите полови на глобалната моќ ја научија лекцијата и почнаа и самите да градат воена моќ како контратежа на западната хегемонија. Така некако завршуваме во предворјето на мултиполарниот систем, иако Западот одбива да го признае тоа. Украина е само бојното поле (кланицата) на кое НАТО си ја мери силата и се обидува да го ослаби (исцрпи) својот ривал во Москва. Наместо тоа, ги приближи Москва и Пекинг (кон кого, исто така, гради односи на непријателство). И да не должам понатаму, бидејќи колумнава треба да ја привршувам: желбата за влез во НАТО, поттикната со колачињата на Викторија Нуланд, ја турна Украина во ужасна катастрофа. Западот глуми дека паднал од Марс иако добро знае дека Минските договори можеа да ја спречат војната, ама како што призна Меркел: тие беа само начин да се купи време и доопреми Украина за „воена одбрана“. Нештата и таму не одат како што треба. Оној ист Макрон, кој на 70-от роденден на НАТО изјави дека е во „клиничка смрт“, сега се сили дека Франција ќе пратела војници да ја бранат Украина (што е влез во трета светска војна, но не само за Франција туку и за Алијансата). Некои тврдат дека ваквите „јуначки“ пораки се само начин да се дефокусира гневната француска јавност, која му ја бара главата поради социоекономските проблеми. Туку, додека темни облаци на нова голема војна се собираат над Украина, а крвта од бомбите врз невините деца на Газа се претвора во смрт од глад, ние овде треба да водиме „македонска Студена војна“, кој е за Запад, а кој за Исток. Министер за надворешни работи (кој се однесува како државник на соседно Косово, додека бара претседателски мандат) се заканува со ветинг поради врски со странски непријателски центри.
А „пријателските центри на моќ“ ни продаваат не само пувки (претходно и шарена/обоена револуција за смена на режим) туку и оружје – кое потоа треба солидарно да го испратиме во Украина, иако не е членка на НАТО, ама таму сме ја бранеле западната цивилизација. Свесна сум дека ваквите зборови можат скапо да ме чинат, дури и по личната безбедност, но вистината мора да се зборува – бидејќи во време на општа измама и во предворје на глобална војна, тоа е единствениот морален и револуционерен чин. Онака како што САД беа „дебело“ вклучени во настаните од 1999 година, тоа го сторија и во 2001 година, а некој сè уште ги чува чизмите на таванот за случај да ги чуе американските фанфари и повик за јуриш. Прашањата поврзани со НАТО, кои се најважни за нас како држава и за нашите граѓани се едноставни: прво, дали некој воопшто ги праша граѓаните дали се за членство во НАТО? Да потсетам, референдумот од 30 септември 2018 го наметнува заклучокот дека граѓаните не биле ЗА членство во Алијансата (па, ни за ЕУ), а во замена за името. Второ, дали имаме надворешни воени закани и од кого (евентуално)? Еве, размислете сами кои ни се соседи и дали и зошто би нè нападнале. Трето, сите влегуваат во меѓународни сојузи за да си ги заштитат егзистенцијалните и виталните национални интереси – ние ги жртвувавме за да влеземе во Алијанса што има мегаломански и империјални визии. Во минатиот мандат, претседателот Трамп јавно изјави дека не би ризикувал трета светска војна во случај на напад на држава колку Црна Гора (а ние не сме многу поголеми или поважни), но сме на линијата на фронтот. Патем, вестите кажуваат дека јавната поддршка за НАТО во Црна Гора паднала за 12 отсто од лани (т.е. 44 отсто граѓани сега би гласале за излегување од Алијансата). Ако повторно победи, тој не крие дека ќе биде/остане рекетар што ќе продава оружје и изнудува „заштита“ од оние што не плаќаат доволно за американските (мечкини) услуги.
Не дека Бајден е помирољубив, само нештата ги прави на помалку грубијански начин. А, осумте хеликоптери што ги набави Славјанка се само мачкина кашлица (освен тоа, од италијанско производство се). Ние ќе треба да бидеме доведени на питачки стап за да нè чува НАТО (Од што? Од кого? Од нуклеарната војна што ја предизвикува?). Не е точно дека патот кон ЕУ оди преку НАТО, за што сведочат Австрија, Ирска, Малта и Кипар – земји што се членки на ЕУ, ама се воено неутрални. Патем, Исланд е членка на НАТО, а нема ни војска. Мирот впрочем не оди преку НАТО, туку обратното е точно. Најопасната алијанса во историјата на светот е таа што застрашува, а не економскиот подем на Кина или БРИКС. Ако сакате да видите како изгледа граница меѓу две непријателски настроени држави на НАТО, отпатувајте со возило до Турција преку грчката граница, за да видите што е милитаризација и заемна недоверба. Конечно, и малите деца знаат дека нашиот главен извор на небезбедност е внатрешниот. Тоа во синергија со „добрите соседи“, работата нештата да ги направи многу сериозни. Наивно е и да се верува дека НАТО ниту ќе може или ќе сака да се меша во внатрешен судир на земја членка, а ако се замеша, можете да погодите чија страна ќе ја држи. Сетете се и од каде и како започна 2001 година… За крај, ако навистина граѓаните на Македонија се убедени дека ни нема спас без воената заштита на НАТО, тогаш се веројатно убедени дека и Северна не е така лошо решение. Ако ви е добро, тогаш – ништо!