Пишува: Претседателскиот кандидат на политичката партија Левица, Проф. д-р Билјана Ванковска
Сигурно безброј пати сте се нашле во ситуација несвесно да навивате за послабиот на некој спортски натпревар, особено ако тој се бори со срце и без комплекси од „големите“. Јас редовно го правам тоа на светски и европски првенства, каде што чувствувам некаква посебна сатисфакција кога фаворизираните ќе се соочат со неочекуван жар и пожртвуваност на некој аутсајдер. Да не се лажеме, има тука и нешта што ни се јавуваат потсвесно, а се поврзани со историски неправди, злосторства и колонијална експлоатација.
Па, така, за миг барем, ни се чини дека победа, или дури и нерешен резултат, е голема шлаканица за моќните и некаква (божја, човечка) правда за послабите. Не дека нештата ќе се сменат, ама симболиката е важна.
Тргнав од можеби банален пример, ама и во општата култура (без оглед на која религија ѝ припаѓате), метафората за моќта и праведноста на малите наспроти големите е вткаена во легендата за Давид против Голијат. Поентата е дека малите се редовно газени и угнетувани, уценувани и застрашувани од моќните. Но низ историјата безброј пати се покажало дека ако „малите“ се здружат наспроти џиновите, можат и да победат. Една ирска изрека, честопати споменувана од брилијантната Клер Дејли (европратеничка од левицата), вели дека ако не влезеш во борба со моќните однапред си изгубил, а ако се бориш – тогаш барем имаш шанса да победиш. Нека е и „теоретска“, ама е почесна од страшливоста и свитканата кичма пред оној што (божем) ти дава леб (а ти чесно си го заработуваш), ама и те дисциплинира со пендрек, надзор, вработување, застрашување.
Послабите отсекогаш биле мнозинство, а се управувани од малцинство. Нееднаквоста и авторитарноста никогаш не биле поперфидно скриени: неколку проценти од најбогатите управуваат со животот и смртта на целото човештво. Видете што направија од Украина (додека пишувам се одбележуваат две години од една толку предвидлива војна, која не смееше да се случи), од Сирија, од Јемен, Либија… Зборувам не само за воено-индустрискиот комплекс (воениот фактор), туку за (гео)политичката моќ, која може да одлучи дали ќе дотура масло на оган или ќе наоѓа начини да се решат конфликтите. Но каде што има сила, нема правдина, ќе рече некој „мудро“ и помирливо. Но фактот дека живееме во земја во која нема правдина, а некои си ја мерат моќта на најбрутален начин, од секој пристоен човек нужно прави сојузник на послабите. Токму меѓу најслабите (односно кај оние зад кои нема олигархија, машинерија, дисциплинаторна моќ) се наоѓаат вистинските херои. Не е потребен хероизам ако играте на сигурно; застанете на страната на угнетените, сиромашните, експлоатираните и без никаква надворешна поддршка – па да излеземе на мегдан. Не сме еднакви ако некои зад себе имаат борговска машинерија и правен систем поставен така за да ве замолчи и елиминира, па и понижува.
Веројатно сте и самите свесни (ако воопшто следите ТВ-дебати) дека аналитичари, новинари (дури и во штабови), невладини активисти, цели медиуми, политички касти и инфлуенсери се вдале да го промовираат „сигурниот победник“ (на претседателските или парламентарните избори). Креираат победничка атмосфера и чувство на безнадежност за сите други „лузери“. Се подбиваат со оние што решиле да одат по потешкиот пат, а наспроти мастодонтите (кои, види чудо, се претвориле од султан-партии во демократски средини!). Оној што нема што да загуби е најопасен за моќниве научени да се менуваат како Мурто и Курто. Што би рекле некои пријатели, без доза „лудост“ и многу идеализам не се оди во решавачка битка за промена на статус квото.
Да се вратам за миг на една сцена од палестинската голгота, ако геноцид може да се нарече така. Од многубројните траурни сцени над кои (мајчиното и бабиното) срце ми се скрши, имаше една особено згрозувачка – ама на втор поглед и восхитувачка. Израелските сили сликале заробен Палестинец, сосема гол, врзан со рацете и нозете на стол, а пред него израелски војник со автомат вдаден кон него. Прво ви се превртува утробата од тоа со каква страст понижуваат човечко битие (зошто гол побогу?! Како да беше малку Абу Граиб!), па уште и на тој немоќен човек му манифестираат моќ со автомат! Но кога ќе ви мине мачнината, гледате друга слика на сосема беспомошен човек, доведен во понижувачка состојба, изложен само во својата човечка кожа, но со толку исправено тело и дигната глава, што ја сфаќате силата на отпорот, на пркосот пред сигурната смрт. Одамна не сум видела лик на човек што зрачи со неизмерна сила, пркос, непокор пред оној што одлучува (и без суд) за животот. И потоа се вртиш околу себе, гледаш дека не извадиле ни автомати ниту камшици (освен оние невидливите), а сепак како кај некои стравот да се всадил во коски. Ја сакаат Македонија, си ги сакаат децата, сакаат да си го проживеат животот на достоинствен начин – ама пусти страв да не ги видат како се спротивставуваат!
Песимизмот, покорноста пред „филозофијата на сигурните победници“ (а всушност оние што се најодговорни за судбината на овој народ веќе 30 години), и неверувањето во себе се контрареволуционерни.
Нам ни треба револуција на духот! Како кај Палестинецот! Прашајте се колкумина се соголени до гола кожа (иако скромните облеки со празни џебови и сметки)? Дали покорноста пред едните, па другите, за корка сува леб е достоинствен живиот? Македонија умира, ама умираме и сите ние – не само поради годините и природниот тек на нештата. Каде ни се духот на Јане и мислата дека поробениот се бори за слобода, а слободниот за совршенство? Ние сме во првата фаза, бидејќи се бориме прво во сопствениот дом, кој го престорија во геополитичка база за туѓи интереси. Оваа територија ја водат моќни, а нивни домашни измеќари (компрадорски елити и кафеави сахиби) се оние што се претставуваат како месии и спасители со децении. Нашата примарна лојалност е кон земјата што нè создала, што нè прехранува, кон оние прерано остарени луѓе, кон закоравените раце на вредните и обесправените. Оние што каснале од погачата на моќните ќе ве сметаат за (црвена) будалетинка, ама нека ги. Ќе ве колнат дека сте комуњари и олицетворение на злото, токму оние што најмногу профитирале од двете „ери“ – социјалистичката и капиталистичката. Длабоко во нас знаеме дека стоиме пред решавачки моменти во кои или ќе најдеме сила да се испрсиме како оној Палестинец – или ќе нè снема за навек, на срамен начин, без куршум, од покорност и плашливост. Да, ветришта дуваат во обратна насока; велат дека се нови, промената доаѓала. Но доволно е само набрзина да ги погледнете оние (познати) ликови со чуден и грозничав сјај во очите, како ги намирисуваат пленот и нивните „пет минути“ на вратена слава и моќ, министерски или амбасадорски места. Не треба да е човек многу паметен за да заклучи дека битката е повторно меѓу „Голијатите“, кој да ја (до)глода коската, она што остана од жална Македонија.
Малиот Давид е оној во кого верувам, исто како и во оние што ги нарекуваат „обични луѓе“ или дури и „мали луѓе“. Давид нема оружје, нема пари, нема „војски“, ама има срце и една прачка со која среде чело го погодува Голијат. За волја на вистината, македонскиот Голијат не е во еднина, туку множина. Тој е налик на змеј со повеќе глави: имаме божем спротивставени политички центри на моќ, кои (се) удираат бочно, но се еднакво поддржани однадвор затоа што се послушни. Главниот Голијат е оличен во амбасади што избираат влади, коалиции и претседатели, а тука некаде покрај нивните нозе чучат и етнички вождови. Сите заедно потпрени на ликови што за 30 сребреници ќе си ја продадат и родената мајка.
Но Давид е само симбол, едно име за сите нас, малите луѓе, пораснати и сторени луѓе од нашите сиромашни, вредни и чесни родители. Дали ќе играте сигурно, со моќните, или ќе застанете на страната на угнетените и потценетите, со кои дури и мајтап си играат – изборот е ваш! И не заборавајте, овде не станува збор за спортски или витешки натпревар, туку за избор: за живот во достоинство или за пропаѓање во срам и беда. Како чедо на сиромашни и работници, мојата судбина е поврзана за мојата класа од која никогаш не излегов. За неа сум подготвена да се борам со перо, со ум, со мудрост и со срце.
Колумната прв пат објавена на 26 февруари 2024