Пишува: Претседателскиот кандидат на политичката партија Левица, Проф. д-р Билјана Ванковска

Колумнава осамнува на мојот роденден, но не грижете се… Нема да мудрувам за минливоста на животот или за тоа како секоја возраст има свои убавини. Нема ни да ламентирам за „летнатите галаби“, ниту ќе се тешам дека есента е прекрасна заради фестивалот на бои околу нас. Одамна разбрав дека родендените се, всушност, најголем празник кога си родител. Навикнати сме да се чувствуваме убаво и да се радуваме на денот на кој реално никако не можеме да се сеќаваме, само затоа што тогаш нè опсипуваат со љубов и подароци. Разбирливо, и јас не можам да се „сетам“ на сопствениот роден ден, но него го помни мајка ми; јас, пак, го имам богатството на трите прекрасни денови во кои се родија моите ќерки, кога низ бранови на болки ја осознавав среќата која ќе ме следи дури сум жива.

Ќе бидам искрена: колумнава ја пишувам неколку дена порано и ѝ ја посветувам на една друга мајка, која токму денес тагува над два родендена. Тагува таа над својот живот стоејќи покрај мермерната плоча што го покрива телото на синот кој пред триесетина години, на овој ист ден, го донела на свет. Верувала дека го добила најубавиот роденденски подарок и дека секоја година, како што таа ќе старее, така ќе го гледа како вишнее. Не ја сретнав оваа несреќница, која мора да живее со случајноста на денот на сопствениот роденден да го одбележува и раѓањето на својот прв син. За неа немаше ни јас да дознаам, да не ме посетеше еден прерано остарен човек, нејзиниот сопруг.

Но, да кажам некој збор за нашите претходни средби, кои подеднакво ме потресоа како и денешната… Пред неколку години, сосема ненајавено, во кабинетот ме посетија тројца непознати луѓе. Премрзнати од есенскиот дожд, но полни со внимание и почит, замолија за некоја минута внимание. За среќа, имав малку време за да ги сослушам, па дури и чај да им понудам. Се прашував што ли тоа ќе бараат од мене овие тажни луѓе во црнина? Ни на крај на памет не ми беше дека се тоа родители на паднати бранители од 2001-та! Кога се претставија, ме фати срам: сите ги бевме заборавиле, и нивните загинати чеда, и стравотиите, и несреќите! Дошле затоа што се понадевале дека можеби јас ќе имам одговор за нивните неодговорени прашања. Што се случи во 2001-та? Зошто, за која цел, загинаа нивните синови? Мораше ли да дојде до насилство и мртви? Зошто сите ги избегнуваат, никој да се сети на нив, освен за некоја годишнина?

Никогаш се не бев почувствувала потешко и побеспомошно… Јас, професор на мировни студии, немав одговори на толку едноставни прашања. А тие не бараа ништо посебно – само разговор и постојано се извинуваа што ми одземаат од скапоценото време (како што сами велеа). Ја почувствував бесмисленоста на сето научно знаење, кое не можеше ниту да им помогне, ниту да ги утеши. 

По речиси една година, Фондацијата Отворено општество Македонија организираше голема конференција посветена на вистината за 2001-та. Меѓу поканетите важни луѓе имаше од бивши команданти и генерали, до (бивши) политичари, разно-разни експерти и професори, како и „ѕвездата“ Марк Лејти, портпаролот на НАТО лично. Агендата набиена, мудрувања колку сакате, па сè до тврдењата дека да не се случела 2001-та ќе требала да биде измислена, затоа што го отворила процесот на демократизација и евроинтеграција.

Јас зборував за значењето на соочувањето со минатото и процесуирањето на воените злосторства, а до мене седеше љубезниот „генерал“ Острени. Денот не беше изминат ни до половина, а мислев дека под черепот ми отчукува бомба. Сè уште не знам како го преживеав тој фестивал на лицемерие, политичка коректност и интелектуализирање… На крајот на денот се случи „инцидент“. Еден од моите посетители, кој бил тука цел ден, трпеливо чекајќи го времето за дискусија. Кога конечно доби збор и се претстави како татко на еден од загинатите на Вејце, модераторот грубо му кажа дека веќе нема време. Мислев дека сега и срцето ќе ми пукнеше.

Отидов дома и напишав колумна во која си ги излеав непролеаните солзи за Игор и за неговиот татко. Мојот денешен посетител беше истиот човек. Тој веќе десет години се бори против заборавот, па дојде да ме праша што се случува со РЕКОМ, за кој читал, но и да ми подари ново издание на книшката за масакрот кај Вејце, во кое ја вклучил и онаа моја колумна, во знак на благодарност. Средбата се одвиваше во време во кое постојано нè прекинуваа студенти, колеги со службени барања, телефоните звонеа, секој миг требаше да почнат часовите… Внимателен каков што беше, мојот гостин насети дека треба да замине, па почна да ми се извинува за одземеното време, иако јас правев сè за да не забележи колку сум зафатена. Но, станувајќи од столчето, онака (навидум) патем спомена дека денес му е роденден на Игор, но и на неговата мајка, која ете заминала на гробишта додека тој тргнал накај мене.

Се стаписав, а тој и покрај натчовечкиот напор да биде стамен маж, едноставно се скрши! Почна да липта како мало немоќно дете, да шепоти дека животот веќе нема смисла. Се извинуваше за покажаната слабост, но колку повеќе се обидуваше да се прибере, толку болката повеќе бликаше од него. Не знаев што да сторам. Како да утешиш човек на денот кога му се враќаат спомените за раѓањето на првиот син, помешани со ужасните слики од неговата грозоморна погибија? Како да ја утешиш мајката која на денот на својот роденден, сè уште чувствува болка во утробата за чедото загинато пред 10 години? Го прегрнав без збор, криејќи ги моите солзи. Страшно е што ќе го кажам ова, но кога замина ми олесна. Се втурнав во предавањата и разговорот со студентите, потоа завршив милион мали заостанати обврски, а вечерва дури и се дружев со колешки од друг факултет. Настанов не им го ни споменав. Но, сега на полноќ, кога се подготвувам да го окончам бурниот и тежок ден, не можам, а да не го споделам – инаку ќе пресвиснам…

Ова се случува во момент кога владата дава отчет за постигањата од првите 100 дена. Парадоксално, но токму Ахмети, од кого никој ниту побара ниту очекува отчет затоа што не е дел на владата, беше тој кој проговори за она што владата се обидуваше да го сокрие. Тој гордо се пофали со најголемото постигнување – амнестијата, кое всушност беше остварено уште пред да почнат да отчукуваат 100-те дена. Владината коалиција почива на компромис во кој нема место ни за факти, ни за одговори, ни за помнење, ни за правда – ни за Игор, ни за мајка му, ни за останатите завиени во црно. Нека оваа колумна ја потсети владата дека не може да се крие зад парламентот, парламентот дека го прекрши и уставот и меѓународното право, а коалициониот партнер дека не само што нема на што да биде горд, туку треба да се засрами.

Колумната прв пат објавена на 14 ноември 2011