Дипломата како трофеј на класната борба

Пишува: Јоана Манојловска, заменик координатор на земјоделски сектор при политичката партија Левица

Диплома е хартија која си ја платил со последните пари од твојот џеб, работејќи за странските капиталистички (да не кажам робовладетелски) фирми за време на твоите студентски денови. Пропушташ испити за е*ени евра, само да не бидеш терет дома за да платиш семестар. Диплома е твоите непроспиени ноќи во читална за да задржиш е*ан просек и да ја земеш таа глупа стипендија која секако ќе ја дадеш за книги купени од професорска канцеларија без фискална.


Диплома е тврдите изработени прсти на мајка ти од нива, дискус хернија добиена од недобиените пари од ИПАРД за трактор, парче земја земена под концесија пропратена со ,,инспекциски надзор” за да ти ја земат без причина и да ја дадат на 80 годишен пензионер бидејќи немаш ,,наш” во општина. Што ќе ѝ е земја на самохран родител…


Диплома е последните евра дадени од татко ти кој цел живот црнчел во странство и го пропуштил твоето детство за да ти обезбеди достоинствен живот. Диплома е хормонски дисбаланс, хипотироидизам, висок кортизол. Диплома е нов поголем број фармерки за факултет бидејќи двата пара што си ги носел 4 години не те собираат повеќе. Диплома е стари обувки од мајка ти, бидејќи ИКСА не смее да трпи. Диплома е да позајмиш од другар за пластика пиво за да седиш во парк. Диплома е да лепиш плакати надевајќи се дека еден ден ,,твојата” партија ќе те вработи. Диплома е подигање кредит за да решиш станбено прашање. Диплома е проблем со сопругот/сопругата за кој да ја плати следната рата од кредит. Диплома е проблем каде ќе фаќаш врски за детето да ти оди во градинка додека ги отплаќаш долговите (доживотно), наместо да трча на село во двор со кучиња и мачиња, да прави торти од кал, да вози камиончиња.


НЕ ТИ ТРЕБА ДИПЛОМА ЗА ДА ИМАШ МИРЕН И СПОКОЕН ЖИВОТ

Последно