Пишува: Јулијана Штрковска – Колариќ, координатор на сектор финансии при политичката партија Левица
Европските министри за финансии ја ажурираа листата на даночни раеви на ЕУ. На црната листа ги додадоа Антигва и Барбуда, Белизе и Сејшели, а ги отстранија Костарика, Маршалските Острови и Британските Девствени Острови – држава која е прва во индексот на корпоративни даночни раеви. Воопшто не се ставени под лупа даночните оази на ЕУ како Луксембург и Малта. Земјите кои им дозволуваат на компаниите да вршат трансакции со нула или низок данок, или да ги скријат вистински сопственици мора да се најдат на црната листа и ЕУ не смее да замижува пред даночните оази во сопствените граници.
Земјите со нулта или ниска даночна стапка им овозможуваат на супербогатите и гладни за профит мултинационални компании да ги избегнат своите даночни обврски. Најбогатите 1% присвоиле 54% од целото новосоздадено богатство во последните 10 години и речиси две третини од целото новосоздадено богатство од 2020 година.
Даночните раеви одиграле улога во оваа „експлозија на богатство“, иако ставањето на „црната листа“ не повлекува никакви последици или санкции. Според анализа на Oxfam, 722 мега корпорации оствариле 1 трилион САД долари годишно од неочекуваниte профити во 2021 и 2022 година. Во меѓувреме, една милијарда работници од 50 земји, реалните плати се намалени за 746 милијарди САД долари во 2022 година.
Земјите ширум светот се оценуваат според три клучни критериуми: даночна транспарентност, правично оданочување и мерки за справување со ерозијата и префрлувањето на профитот од страна на мултинационалните компании.
На црната листа на ЕУ на земји кои не соработуваат во однос на данокот вклучени се 16 „некооперативни јурисдикции“: Американска Самоа, Ангвила, Антигва и Барбуда, Бахамите, Белизе, Фиџи, Гуам, Палау, Панама, Русија, Самоа, Сејшели, Тринидад и Тобаго, Островите Туркс и Каикос, Американски Девствени Острови и Вануату.
Ажурирана е и „сивата листа“ на земјите кои не се придружуваат до ЕУ стандардите, но се посветени на усогласување на даночните прописи со правилата на ЕУ. На оваа листа се наоѓаат 14 земји: Албанија, Ерменија, Аруба, Бочвана, Британски Девствени Острови, Костарика, Курасао, Доминиканска Република, Есватини, Хонг Конг, Израел, Малезија, Турција и Виетнам.