„Омеѓени приказ(н)и“ изложба на цртежи од Тони Васиќ во КИЦ

Изложбата „Врамени приказ(н)и“ на проф. д-р Тони Васиќ е составена од 17 цртежи (70 х 100 см), избор од серијата од дваесетина цртежи инспирирани од мотивот глуварче. Цртежите се работени на бела хартија, со туш и перце, во време на Ковид-19 карантин и изолација (од 13 март 2020 до 13 септември 2021).

Првата асоцијација за изолацијата е осамата, тишината, медитацијата, аскетизмот. Таа е ослободување од вишокот комуникација со другите и од информацискиот стрес. Таа е пат кон себе. Таа е свртување на фокусот од феномените кон суштината: од агресивниот колорит кон белината, онаа девствена белина кое не ужаснува, туку копнее по допирот со дискретните нијанси на отсјајот на Сонцето, оној флеш на окото и на објективот, оној проблесок на имагинацијата, онаа состојба на хармонија.

Кореографијата на цртежите на Тони Васиќ ја покажува неговата висока стручност како сликар, графичар, дизајнер. Неговата рака е неговото око, неговото око и гледа и чувствува, и се сеќава и комбинира, сето тоа за, на крај, да ја раскаже и да ја врами моќната ликовна приказна на белите, кршливи билки кои постојат на границата меѓу физичкото и метафизичкото, меѓу природата и душата. Поле глуварки е поле на визуелната имагинација. Речиси нема потреба да се измислува нешто повеќе од она што се тие самите.

Изложбата ќе биде отворена до 03.10.2023 година.

Настанот е финансиран од Град Скопје и е дел од проектот „Скопје кандидат за Европска престолнина на културата 2028“.

Последно