„Крајбрежево“ изложба на Љубиша Камењаров во КИЦ

Салон Империјал 2, 6 септември, 20 часот

 Почетната замисла потекнува од едно лично видување за единственоста на личноста наспроти опкружувањето и човековата збирна множина. Понатаму продолжува како прикажување на два соседни, идејно и физички засебни делови, при што: еден дел е посветен на личноста и засебноста (индивидуалноста), а другиот на мнозинството и заедничкото (колективноста). Насловот ја покажува алегоријата и преносното значење, каде што водата и брегот се сонот и јавето, односно секојдневните желби наспроти тековните фактички состојби со кои се сретнуваме.

Оваа, да речеме, идејна федерација, делумно е инспирирана и од теориите и толкувањата за улогата на уметниците и самата ликовна уметност во општеството. Имено, во голема мера расправата се однесува на тоа, кој, како и зошто делува во областа на уметноста. Дали се тоа независни самостојни единки со сопствени мерила, или заедница која делува во група со заеднички идеи. А, потоа се надоврзува дебатата за убавото и корисното, односно, прифаќањето или разидувањето меѓу естетиката која се залага за дело со сетилност, убавина и вкус, и етиката која вниманието го полага на самиот процес на делување и соработка. Практично кажано, во техничка смисла, обмислена е дводелна галериска поставка, каде индивидуалниот дел се наоѓа на една, а колективниот дел на друга страна.

Делот на личните искуства е претставен преку цртежи, врамени извадоци, а потоа и во целост, како ликовна приказна уредена во формат на каталог, налик на мала новела, или стрип, поставувајќи ја познатата и честа улога на делото и публиката. Колективниот дел, сочинет од неисполнети листови хартија, моливи, маса/и, столови, со отворена покана за соработка со публиката, нуди можност за делување во група со заеднички идеи, со што ја покажува свесноста за општествената и социјална улога на уметноста.

Повеќе на: https://www.facebook.com/events/817152656774563/?ref=newsfeed

Изложбата ќе биде отворена до 19.09.2023 година, влезот е бесплатен.

Последно