Соопштение на движењето Студентски Отпор
При крај е уште една академска година, а ние како студенти во истата наместо фокусот да ни биде академското надоградување, моравме да се бориме со институциите за нашите основни права.
Најпрво, Владата најави укинување на студентскиот оброк и намалување на субвенцијата, а благодарение на брзата реакција и протестите организирани од нашата организација успеавме да се избориме и оваа академска година да го имаме истиот.
За жал тука не завршија проблемите, и покрај тоа што првично беше договорено дека оброкот ќе се исплатува и ќе има негово зголемување, оброкот честопати доцнеше. Стипендиите кои требаше да бидат зголемени, доцнеа со месеци слично како и оброкот.
Ветените реконструкции на студентските домови не само што не започнаа, туку напротив студентите беа соочени со Гестапо методи, одземање на греалки, бркање од домовите, закани и уцени во најладните зимски денови.
И наместо студентскиот стандард да се зголемува од година во година, соочени сме со обратно-пропорционален феномен, и тотална незаинтересираност од надлежните институции.
Во годината што доаѓа, Студентски Отпор ќе продолжи уште пожестоко да се бори за студентските права и студентскиот стандард, затоа што официјалните студентски претставници како и секоја година, така и оваа – потфрлија.
Го охрабруваме секој студент да се придружи во нашиот ОТПОР, кој следната година мора бескомпромисно да биде пожесток!
Студентски Отпор останува и продолжува да биде единствената легитимна студентска организација, и во оваа прилика го повикуваме секој студент од државата да се придружи во нашата борба!