До политичката партија Левица пристигнаа информации од вработени во компанијата „Кромберг и Шуберт”, кои се жалат на бруталните услови под кои се принудени да работат во оваа екстра профитабилна компанија. Работниците се жалат дека се принудени да работат дури по 12 часа на ден (!), без нивна согласност – во спротивно биле УЦЕНУВАНИ дека ќе им биде прекинат работниот однос нив или на нивните блиски.
Иако претходно било пријавувано, НЕМА никаква постапка од страна на Државниот инспекторат за труд, кој со децении со неговиот пасивен однос се става во заштита на крупниот капитал, наместо да ги штити експлоатираните работници. Левица и претходно има реагирано за бруталната експлоатација во оваа странска компанија, од која единствено добивме закани за ТУЖБИ – кои никогаш не беа доставени, затоа што очигледно е кој манипулира со јавноста и кој го крши законот.
Алармираме и бараме одговорност од директорката на Државниот инспекторат за труд – ВЕСНА ТОМОВСКА за непостапувањето на оваа институција пред очигледното кршење на работничките права. Се работи за економски гигант кој во 2023 година остварил приход од 300 милиони евра, со што уште еднаш се потврди дека профитите на олигархијата извираат од ЕКСПЛОАТАЦИЈАТА на работничката класа, која во ваков незауздан капитализам е целосно незаштитена од владејачките партии.
Македонија, како држава на периферија на капитализмот, стана рај за странските инвеститори и ПЕКОЛ за работниците, додека партиите на естаблишментот се вазални на странскиот капитал и интерес, кој државата ја претвори во потчинета колонија, каде сите ресурси (вклучително и човечкиот) се брутално експлотирани за туѓите интереси.
Се додека партии кои се предводени од милионери се дел од секоја власт, тие ќе ги штитат интересите на сопственичката класа од која доаѓаат – додека работниците ќе бидат брутално експлоатирани и незаштитени за милионските профити на странските моќници. – Стои во соопштението на политичката партија Левица