Повторно елитите на партиите од власта СДС и ДУИ, исполнувајќи ги желбите на нивните пријатели од олигархијата ги угнетуваат обичните луѓе и нивната економска моќ.
Неопходно е да се зголеми уделот на данокот во буџетот, но тоа мора да се направи даночејќи ги оние кои најмногу профитираат од инфраструктурата на Република Македонија. Левица, од позиција на власт, ќе воведе вистински данок на луксузни добра, ќе воведе прогресивно даночење на добивката на најпрофитабилните компании, ќе ја казни експлоатацијата со повисоки даноци за фирмите кои прават енормни профити, а исплаќаат ниски плати, и прогресивно ќе го оданочи личниот доход на олигархијата.
ДДВ-то, како данок на консумпција, диспропорционално повеќе задира во џебот на осиромашените и работниците, отколку на богатите слоеви во Републиката. Со новите покачување на стапката на ДДВ, на продукти кои во никој случај не се луксузни добра, јазот помеѓу сиромашните и богатите уште повеќе ќе се зголемува, додека државата ги покрива дупките во буџетот со пари од џебот на сиромашните.
Социјалдемократите, кои уште од својата програма во 2016 ветуваа пофер даноци за сите, два мандати не се способни да воведат прогресивен данок. Срамежливите обиди да се протуркаат и оние две стапки на данок на личен доход беа спречени од домашната олигархија, за сега дупките во буџетот се полнат преку зголемување на данокот на додадена вредност!
Буџетот на Македонија генерално се полни со помош на задолжувања. И оној мал дел што се полни од даноци, во голема мера се полни преку данокот на додадена вредност. Таквиот данок, не само што е класно-агностичен и не диференцира помеѓу сиромашни и богати, туку е и регресивен и откорнува поголем дел од приходите на работничката класа и од оние со пониски примања, отколку од богатите! – Се вели во соопштението на Левица.