Отворено писмо до работниците (1918)[Владимир Мајаковски]

Другари,
Пожарите на војната и револуцијата ги опустошија нашите души и нашите градови. Како догорени костури стојат палатите на довчерашната раскош. Разрушените градови ги чекаат новите градители. Револуцијата ги искрчи чворнатите корења на ропството. Голема сеидба ја чека народната душа.

Вам, што ви припадна наследството на Русија, вам, кои (верувам) утре ќе станете господари на целиот свет, ви се обраќам со прашањето: со какви фантастични зданија ќе го покриете довчерашното згариште? Какви песни и каква музика ќе струи низ вашите прозори? Пред какви библии ќе ги отворите своите души?

Со чудење гледам како од штиците на освоените театри звучат „Аидите“ и „Травијатите“ со сите свои Шпанци и грофови, како во песните кои вие ги прифаќате се наоѓаат истите оние рози од господските стакленици и како вашите очи се шират кога ги гледате сликите кои го прикажуваат блескотот на минатото.

Зарем, кога ќе стивне стихијата што ја подигна револуцијата, со синџирчиња на своите елеци ќе излегувате пред своите реонски совети и достоинствено ќе играте крокет?

Знајте, за нашите вратови, вратовите на горостасите на трудот, нема соодветни броеви во гардеробите на буржоаските околувратници.

Само експлозија на духот нас може да не исчисти од старудиите на некогашната уметност.

Нека разумот ве чува од физичко насилие врз остатоците на уметничките старини. Оставете им ги на училиштата заради проучување на земјописот, начинот на живеење и историјата, но со револт оттурнете го секој оној што вам би ви ги носел овие скаменици наместо лебот како жива убавина.

Револуцијата во рамки на содржината – социјализам-анархизам – незамислива е без револуција на формата – футуризмот.

Незаситно откинувајте парчиња од здравата, млада и груба уметност која ви ја пружаме.

На никого не му е дадено да знае со какви огромни сонца ќе биде осветлен животот во иднината. Можеби уметниците во стобојни виножита ќе је претворат сивата градска прашина, можеби од планинските врвови непрестајно ќе ечи грмотевица на музиката од вулкани претворени во флаути, можеби ќе ги натераме брановите на океанот да свират на оргули префрлени од Америка во Европа. Едно нам ни е јасно – првата страница на најновата историја на уметноста ја отворивме.

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/majakovski/1918/do-rabotnicite.htm

Последно