Пишува: Никола Петров, координатор на земјоделскиот сектор при политичката партија Левица
Иако деновиве актуелна е тезата на владата дека со влез во ЕУ ќе има повеќе пари за развој на земјоделството, реалноста на терен е сосема друга. Можеби влезот во ЕУ ќе донесе повеќе пари преку фондовите, но прашањето е кој ќе се офајди од тие пари, а ситниот индивидуален земјоделски производител сигурно нема.
Станува збор за млад човек кој се стекнал со наследство или подарок или пак купил неколку декари сопствена земја на село. Тој сака да остани тука во својата земја, и преку производство на земјоделски производи да си обезбеди егзистенција на семејството. За ваквите индивидуални земјоделци кои почнуваат од нула, во оваа земја не постојат никакви услови за поддршка и развој, напротив, сите мерки кои се објавуваат од МЗШВ преку ИПАРД фондовите се со критериуми недостижни за почетник земјоделец.
Ако во некои земји, на пример, Србија, Хрватска, Италија и други, се нудат празни, напуштени имоти на село, куќа и земјоделско земјиште и плус парични средства за почетни инвестиции во земјоделско производство, со услов развој на селата и задржување на младото население, кај нас финансиската поддршка преку фондовите можат да си ја дозволат само крупните земјопоседници и големите земјоделски комбинати, кои и без таа поддршка вртат големи суми на пари.
На пример, ако еден индивидуален земјоделец почне да чита и пополнува Барање за финансиска поддршка, за истото ќе треба да обезбеди: 3 изјави, 8 докази, 3 потврди, 3 договори, 8 понуди, 4 копии, 1 деловен план. За да ги исполни критериумите ќе треба да обработува минимум 1 хектар земја и за да добие фунансиска поддршка минималната инвестиција треба биде 20 илјади евра.
Ако тој млад и мал индивидуален земјоделец на село, не ги исполни овие критериуми тој станува НЕСООДВЕТЕН земјоделец, човек, индивидуа, и не е предмет на интерес. Тој станува згазен од крупниот капитал и како таков е добар само за аргатување на имотот на комбинатите.
Така почитувани другари, се уништува ситното земјоделско производство, домашната храна, малите земјоделци и младите надежи.